• среда, 09 октомври 2024
МИА Радио флеш

10 септември 2024 

- Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова в петок ќе оди во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џуепе Верди, во изведба на Националната опера и балет.  Како што јави БГНЕС, според неофицијални информации, во Софија ќе се одржи и првата средба на Сиљановска Давкова со претседателот на Бугарија Румен Радев. Според бугарскиот медиум, во македонската делегација ќе биде и министерот за култура Зоран Љутков, а се уште не е потврдено доаѓањето и на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Медиумот потсетува дека откако стапи на должност, Сиљановска Давкова присуствуваше на операта „Валкира“ во Скопје, во изведба на Бугарската опера.

-Асоцијацијата за развој на нови опции - АРНО го отвори петтиот RISE повик за поддршка на млади социјални претприемачи и најави настан за петок (13 септември) на кој социјалните претприемачи ќе дискутираат колку е важно да се има знаење, но и среќа во градењето на бренд. Од  АРНО апелираат до сите млади кои имаат идеја да аплицираат на RISE повикот најдоцна до 20-ти септември. Преку програмата, младите можат да добијат парична поддршка од 2500 евра, обуки, менторство и поврзување со млади од регионот. Организаторите ги повикуваат сите кои се заинтересирани за социјално претприемништво и за програмата RISE да дојдат учествуваат на инфо сесијата што ќе се одржи во петок каде ќе добијат и бесплатни прирачници за социјално претприемништво.

-Ќе се реобјави постапката за набавка на пченица преку Агенцијата за стоковни резерви и тоа на количини исклучиво од домашно производство, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Според Трипуновски, постапката за набавка била прекината зашто претходниот менаџерски тим на Агенцијата повторно ги имал ставено критериумите да не биде заштитено домашното производство. - Она што беше задолжение на Влада од Агенцијата, да распише постапка за набавка на 15 илјади тони, за жал, се прекина затоа што претходниот менаџерски тим што требаше да ја спроведе постапката повторно ги имаше ставено критериумите да не биде заштитено домашното производство. Затоа сега, во наредниот период, ќе се реобјави таа постапка со критериуми што ќе бидат стриктно за набавка на македонска пченица, објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања.

-За секое носење на регулатива или каква било преземана мерка важна е статистиката и достапните податоци, пред се во борбата со корупцијата. Борбата со корупцијата е хоризонтален феномен кој засега повеќе сектори и за кој покрај класичните податоци потребни се многу други податоци кои тешко се собираат на терен, а се поврзани со социјалата и со другите сфери на функционирање на едно општество, вели професорот од Економскиот факултет при УКИМ, Борче Треновски. Во изјава за медиумите дадена по 4-та сесија од Работната група 6 на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“ на Националната концвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК), Треновски рече дека недостигаат статистички податоци врз основа на кои може да се донесе определена одлука или да се преземе определена мерка, посебно во борбата против корупцијата.

- Воведување задолжителна транспарентност на сите државни институции преку објавување податоци во отворен формат, со што ќе се зголеми степенот на јавна отчетност и ќе овозможи поголем пристап до информации, едукација за управување со податоци во јавниот сектор, интеграција на индикатори за владеење на правото и контрола на корупцијата во државните стратегии, како и унапредување на порталите за отворени податоци, се дел од препораките на 4-та сесија од Работната група 6 (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“, на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК). Експертите беа согласни дека доколку сакаме да се намали корупцијата во државата, работењето на институциите треба да биде целосно видливо за јавноста. Гувернерката на Народна банка на Северна Македонија Анита Ангеловска Бежовска, посочи дека квалитетната статистика е основа за издржани политики и просперитет на економиите.

-Вкупно 68 парчиња непријавена облека со потпис на познатите трговски марки „Бос“ и „Ралф Лаурен“, се запленети на влез во државата на граничен премин Деве Баир по извршена контрола на автобус, информираа денеска од Царинската управа.   Против патникот во чиј багаж се откриени непријавените парчиња облека се води прекршочна постапка, а започната е и постапка за заштита на право од интелектуална сопственост.

-Во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух, УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија објави нов документ за политики во кој истакнува дека во 2021 година над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето. Во Северна Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година, информираа од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.

-Дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар по литар, а цената на бензините се намалува од 0,5 до два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,79 отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 68,5, а на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) 67,5 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за половина денар по литар и ќе изнесува 74 денари, додека  ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за два денара и ќе се продава за 76,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 1,273 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 43,507 денари.

-Во вториот квартал од годинава, Бруто домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,3 проценти на годишна основа, забрзувајќи во однос на претходните квартали, оценува Фајнанс тинк (Finance Think) во Макроекономскиот монитор за септември 2024 година. Тоа, како што велат, е во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор. - Сепак, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот од -2,9 проценти, и повторното интензивирање на падот на увозот од -4,5 проценти, како и на растот на јавната потрошувачка од 3,5 проценти. Последното, пак, се поврзува со значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 проценти за првото полугодие од годината, наспроти првичната годишна проекција од 3,6 проценти, посочуваат од Фајнанс тинк. Бруто инвестициите забележуваат благ пад  од -1,7 проценти, додека приватната потрошувачка расте со благо забавена динамика од 1,3 проценти. На производната страна, како и претходно, растот на БДП произлегува главно од растот на услугите од 3,6 проценти, иако во овој квартал позитивни движења бележат градежништвото од 5,1 процент и преработувачката индустрија од 0,7 проценти, по падовите во претходните квартали.

- Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август во однос на јули годинава изнесува 0.5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Цените на мало во август  во однос на јули годинава се зголемени  за 0,5 проценти. Трошоците на животот во август годинава, во однос на август минатата година, бележат зголемување од 2.2  проценти, а цените на мало од 3 проценти. Зголемувањето на инфлацијата во август 2024 година, во однос на јули 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 1.2  проценти, рекреација и култура за 1.1  процент, здравје за 0.8  проценти, ресторани и хотели за 0.7  проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.6  проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, комуникации за 0.5  проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1  процент.

-Претседателот на Србија Александар Вучиќ по средбите со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак и со американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил изјави дека ќе се обрати во рок од 72 часа и дека сега е целосно јасно дека Албин Курти сака уништување и прогон на српскиот народ, јави дописникот на МИА од Белград. - Денеска имавме одделни двочасовни разговори за Косово, прво со Мирослав Лајчак, а потоа и со американскиот амбасадор Кристофер Хил, и во следните 72 часа ќе и се обратам на јавноста. Ќе зборувам за тоа што бара Србија, а поради суштинскиот и брутален напад врз српското население, пред се на северот на Косово и Метохија, како и за тоа што т.н. меѓународна заедница нема исполнето, што бара Србија и што ќе направи Србија, напиша српскиот претседател на Фејсбук по средбите со Лајчак и ненајавената средба со американскиот амбасадор Хил. Тој додаде дека „сега е сосема јасно дека Курти сака уништување и прогон на српскиот народ и дека тоа не ни е јасно само нам, туку и на сите други“.

-Мировните сили на НАТО во Косово (КФОР) ја опишаа безбедносната состојба во државата како мирна, но нестабилна, особено во северниот дел на Косово, населен главно со Срби, известува весникот „Коха диторе“. Во писмен одговор од Канцеларијата за информации на КФОР се истакнува дека НАТО спроведува независни патроли низ Косово, и тоа покрај граничната линија, како и заеднички патроли со косовската полиција и синхронизирани патроли со српските вооружени сили. НАТО силите патролираат низ различни делови од Косово, а ова е потврдено преку нивен претставник. Во претходните недели, беа издадени соопштенија за патроли и во други градови надвор од северниот дел на Косово, посочува весникот. Мисијата на НАТО нагласува дека патролите се доказ на долгогодишната и стабилна посветеност на Алијансата за мир и стабилност во Косово и на Балканот. 

-Новинарката Вула Кехаја која изминатите шест месеци беше портпаролка на СИРИЗА, претпладнево преку социјалните мрежи соопшти дека вчера си поднесе оставка од позицијата, јави дописничката на МИА од Атина. Кехаја не ги откри причините за оставката што доаѓа откако досегашниот лидер Стефанос Каелакис во неделата не ја доби довербата од членовите на Централниот комитет на СИРИЗА и партијата ќе избира нов претседател. -Вчера поднесов оставка од функцијата портпарол на СИРИЗА. Му благодарам на Стефанос Каселакис за довербата што ми ја укажа. Им благодарам на оние партиски функционери кои се однесуваа другарски кон мене и на оние соработници кои се погрижија за нашата одлична соработка. Им благодарам на луѓето од СИРИЗА-ПС за љубовта со која ме опкружија. Им благодарам на претставниците медиумите за нивниот искрен-со многу мали исклучоци – однос кон мене. Гледам напред, напиша Кехаја на платформата Икс.

-Авиосообраќајот на меѓународниот аеродром во шведскиот главен град Стокхолм, синоќа, втора вечер по ред, беше нарушен поради присуство на беспилотно летало над пистата, пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на шведската цивилна авијација. Инцидентот бил пријавен во Контролата на летање синоќа во 20 часот по Гринич и тој предизвикал доцнење на некои летови од и до аеродромот од 15 до 20 минути. Ноќта меѓу неделата и понеделникот, четири беспилотни летала ги принудија властите во Шведска да го прекинат воздушниот сообраќај на речиси два часа, соопшти аеродромскиот оператор Svedaviya.  Поради тој инцидент пет летови беа одложени, а некои беа пренасочени на други аеродроми. Покрената е полициска истрага за „саботажа против аеродромот“.

-Како што соопштија од кабинетот на Александар Вучиќ, претседателот на Израел Исак Херцог утре ќе престојува во официјална посета на Србија, каде домаќин ќе биде претседателот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград. Во рамки на посетата на Белград, двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а ќе се одржи и пленарен состанок на делегациите на Република Србија и на државата Израел. -Двајцата претседатели потоа ќе се обратат пред медиумите, а ќе имаат и воведни говори на тркалезната маса на тема „Синергија во иновациите, разговори меѓу Србија и Израел“, соопштија од Канцеларијата за соработка со медиумите на претседателот Вучиќ. Амбасадорката на Израел во Србија Авивит Бар-Илан изјави денеска во разговор со претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, дека во израелската делегација се планира да бидат „луѓе од областа на економијата, што е од голем потенцијал за двете страни заради развивање на односите“.

-Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами изјави дека заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен следната недела ќе ја направат првата заедничка посета на Украина од почетокот на војната на земјата со Русија во 2022 година. Лами по средбата со Блинкен во Лондон рече дека Иран и дава се поголема поддршка на Русија и дека Техеран треба да биде одговорен за „поткопување на светската стабилност“. Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, покрај Иран, се повеќе се потпира на помошта од Северна Кореја. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го оцени актуелниот момент како „пресвртница“ за Украина, нагласувајќи дека Русија ќе ги користи балистичките ракети што неодамна ги доби од Иран. „Ова ја загрозува и европската безбедност. Русија, исто така, му ја дава на Иран потребната технологија, вклучително и нуклеарната“, рече Блинкен. Тој додаде дека САД денеска ќе објават нови санкции против Техеран.

-Околу 600.000 луѓе во Источен Тимор, што претставува речиси половина од населението на земјата, присуствуваа денеска на мисата што ја одржа папата Франциск во крајбрежниот парк, кој е симбол на долгата борба на земјата за независност од Индонезија. Верниците се насобраа на широкото, прашливо подрачје каде индонезиските сили ги погребале убиените борци за независност на Тимор. Многумина пристигнаа уште во 1 часот наутро, а голем дел од нив минале часови на сонце и температури од 32 степени Целзиусови. Поранешната португалска колонија Источен Тимор, со околу 1,3 милиони жители, се наоѓа северно од Австралија и е една од само двете претежно католички земји во Азија. Ватикан соопшти дека околу 96 проценти од населението на Тимор се католици. 

Остани поврзан