• сабота, 20 јули 2024
МИА Радио флеш

19 февруари 2024 

-Министерот за здравство д-р Илир Демири денеска посети две пациентки со цистична фиброза кои во примија лекот Трикафта на Клиниката за детски болести. „Стефанија (13) и Хатиџе (15) се две млади пациентки со цистична фиброза кои во четвртокот го примија лекот Трикафта. Ме информираа дека сега животот им е поубав. Пет дена по примањето на лекот белодробната функција им е подобрена, модуларната терапија дава брз ефект. Подобро дишат, имаат зголемен апетит и задоволни се што почнаа да го примаат лекот кој живот значи. Среќен сум што ги враќаме насмевките кај пациентките, но и кај нивните родители. Чест ми е што денеска имав можност да ги запознаам и да поразговарам со Стефанија и Хатиџе. И државата и Министерството за здравство се грижат за пациентите со цистична фиброза“, вели Демири. Досега, 32 пациенти имаат примено Трикафта кои етапно се вклучуваат на терапија.

-Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на низата посети на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, денеска беше во Амбасадата во Виена, со цел увид на состојбите на терен и изнаоѓање на решенија за зголемување на ефикасноста во давањето на конзуларните услуги, соопшти МНР. -Целосно ги разбирам поплаките на граѓаните по однос на долгите чекања, недобивање навреме термин, неодговорање на телефонските повици и е-меилови и за таа цел вложуваме максимални напори да се надминат овие ситуации. Делумно ги разбирам и објаснувањата на нашите дипломати и конзуларни работници дека се преоптоварени со напливот на барања за конзуларни услуги што се случува периодов, сепак сметам дека постојат можности да се организираат, истакна Османи при посетата на Амбасадата во Виена.

-Македонскиот пасош со старото име се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово и срамота е што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис. Решение за тоа е пратениците, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи и да го решат веќе еднаш проблемот на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. -Срамота е Македонија да ги зароби граѓаните на територија на која што сме и притоа доколку пробаат да излезат од Македонија, ние не ги пуштаме, заради тоа што Законот е таков, а слободно може да се движат со македонскиот пасош со старото име во рамки на Германија, Швајцарија, Албанија, Косово. Очигледно е дека МВР превзема максимум во рамки на можностите коишто ги има во овој дел, но би сакал да го повторам решението на маките на граѓаните, а тоа решение е 61 пратеник да си ја заработи платата и да стиснат на тоа пусто копче, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи, и да го решат веќе еднаш проблемот на граѓаните, рече Тошковски во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи. 

-Познатата изрека како до сега е завршена. Секој еден што се огрешил ќе одговара пред законот, без разлика дали е љубител на десни или леви. И во иднина само така ќе се постапува. Сторен е напад на службено лице, ќе се преземат сите потребни дејствија од страна на МВР како што е суспензија на предметното лице кое нема да оди на работа се до донесување на пресуда и покренување на кривична постапка од страна на МВР по претходно дадена наредба од јавен обвинител, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. -Нека се пофалат моите претходници дека истото го сториле за еден ден за неколку други случаи кои се интересни за јавноста. Многу ми е жал што досега не се постапувало така, како во последните шест – седум година, така и претходно, но тоа време заврши. Припадник на МВР сторил насилство со коешто ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија. Согласно првичните информации, тоа лице  ќе биде суспендирано од работа се до донесување на правосилна пресуда, а МВР се надевам уште во текот на овој ден ќе поднесе кривична пријава за напад на службено лице, рече Тошковски во одговор на прашање на одбележувањето на Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи.

-Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски истакна дека согласно надлежностите кои ги имаат како Министерство постапуваат вршејќи инскекциски надзори во градинките околу детектирањето на невакцинираните деца за да не се прошири болеста голема кашлица. -Согласно она што го имаме како надлежност, ние веќе како Министерство постапуваме. Што значи тоа? Инпекциските служби кои се задолжени ги посетуваат редовно и вршат инспекциски надзори во рамките на градинките, веќе тоа го прават и по својата надлежност. Така што, како поминуваат инспекциските служби, а тие се секојдневно на терен по редовни или вонредни инспекциски надзори, тие прават контроли каде што го опфаќаат и делот на проверка на досиејата на дечињата што се запишани, односно во истиот треба согласно правилникот да постои вакцинален картон со сите примени вакцини, согласно возраста на детето кое е примено во градинката, рече Велковски при денешната посета на поранешниот објект на ЈУ за згрижување и воспитување на деца и младиннци „Ранка Милановиќ“.

-Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од полноќ се зголемуваат за 1,00 денар по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V)  ќе биде 80,50, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 77,50 денари за литар. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат. За 1,149 денари поскапува Мазутот М-1 НС и еден килограм ќе чини 41,881 денари.

-Во сила е нов Тарифник за висината на надоместот за извршените геодетски работи од страна на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, со кој, како што изјавија денеска за МИА од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) се врши изедначување на зголемените реални трошоци и цените кои друштвата ги наплаќаат за вршење на своите услуги. Владата на седница на 30 јануари дала согласност за новиот Тарифник  усвоен од Управниот одбор на АКН, по што на 7 февруари е објавен во „Службен весник на РСМ“ бр.28 и се применува од 15 февруари. 

-Без согласнот од Град Скопје, Советот на општина Ѓорче Петров викендов на седница изгласале измени на Деталниот урбанистички пан (ДУП) со кој се драстично зголемени од 5 ката + поткровје, на 20 ката + поткровје дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“, информира денеска на прес-конференција градоначалничката Данела Арсовска. Како што појасни градоначалничката Арсовска, иако морале да побараат мислење од надлежните институции, општината до Министерството за транспорт и врски доставиле барање, од каде на 16 февруари годинава е добиена согласност и во сабота е поминато на Совет на општината. Според Арсовска, согласнот за ДУП-от имало само од Агенцијата за катастар на  недвижности, а Град Скопје дале две негативни мислења.

-Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најави дека ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои најавија дека ќе го остават Скопје без јавен превоз. -Не може некој да излезе на 15. во месецот и да рече нема плата, нема да се вози, а врши дејност од јавен интерес. За тоа кривично ќе одговара оној кој најави дека Скопје ќе го остави без јавен превоз, рече Арсовска, на новинарско прашање по денешната прес-конференција за новиот Детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров. Синдикатите во ЈСП, минататата недела во четврток попладне, најавија прекин на јавниот градски превоз за утредента, поради неисплатена плата за јануари. Автобусите не возеа од 4.30 до 6.30 часот кога, како што објаснија, им било јавено од директорот дека ќе им биде исплатена платата.

-Полската национална агенција за академска размена - NAWA известува дека во академската 2024/2025 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници“. -Според полската позиција во рамките на Берлинскиот процес, Полската национална агенција за академска размена ќе додели стипендии за македонски истражувачи и студенти за академската 2024/25 година, во вкупно времетраење од 20 месеци годишно за научно-истражувачка пракса и за едносеместрални студии, на универзитети и институции кои се во надлежност на министерот за наука и високо образование на Република Полска. Стипендијата изнесува 1.800 полски злоти месечно за студенти, 2.500 злоти за истражувачи кои се на докторски студии и 3.500 полски злоти за истражувачи со докторат на науки, е наведено во објавата на Министерството за образование и наука. 

-Во околу 160 основни и средни училишта, од вкупно 226 во Црна Гора, денеска почна штрајкот на просветните работници. Градинките се отворени, но како што е најавено, скратено. Како што се наведува во соопштението, настава ќе одржуваат наставници кои не го поддржуваат штрајкот, а на директорите на институциите останува да го организираат. Наставата ќе се одржува редовно во училиштата кои не штрајкуваат. Просветните работници се решиле на овој чекор бидејќи не успеале да се договорат со претставниците на Министерството за образование, наука и иновации околу покачувањето на платите. Претседателот на Синдикатот за образование Радомир Божовиќ рече дека на синоќешната седница од нив било побарано да се одложи штрајкот и дека наставничките совети биле грубо злоупотребени бидејќи немаат право да се занимаваат со штрајк. Тој нагласи дека секој изгубен работен ден поради организиран штрајк може да се надомести со работа во сабота.

-Албанското Министерство за внатрешни работи ги презентираше мерките што ќе ги преземе за одржување на редот и безбедноста поради утрешниот протест на опозицијата, свикан од демократите. „Поради најавениот протест на опозицијата, за утре во 17:30 часот, на терен ќе бидат над 1100 полицајци, вклучително и припадниците на специјалната единица „Ренеа“, единицата за брзо распоредување, како и  Националната гарда. Ќе има и цистерни со вода доколку има потреба во случај на инциденти. Полициски кордон ќе има пред објектот на Влада и периметарот околу него“, соопшти полицијата. На терен ќе бидат вклучени и цивилни агенти кои ќе го следат текот на протестот, а вратите на владата ќе бидат заштитени со метална обвивка. Полицијата постави камери со висока резолуција долж целиот булевар „Народни херои“. Забрана за сообраќај ќе има на овој и на плоштадот „Мајка Тереза“, како и повеќе улици во ова подрачје на Тирана, два часа пред почетокот па се до завршување на протестот.

-Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја најави својата кандидатура за втор петгодишен мандат на чело на извршното тело на ЕУ.   - Мораме да се заштитиме од поделбите одвнатре и однадвор. Сигурна сум дека имаме сила да го сториме тоа, а тоа е задачата што си ја поставив и себеси, изјави Фон дер Лајен во Берлин пред членовите на нејзината матична партија, германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), најавувајќи ја својата кандидатура.  Официјалната номинација на Фон дер Лајен треба да биде потврдена на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и ЦДУ, што на 6 и 7 март ќе се одржи во Букурешт. Со ова се става крај на неколку месечните шпекулации за идните планови на фон дер Лајен, која се споменуваше и како можен кандидат за нов генерален секретар на НАТО.  

-Европската комисија започна формална постапка за да процени дали ТикТок можеби го прекршил Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во делот на заштитата на малолетниците, транспарентност во рекламирањето, пристапот до податоците, како и управувањето со ризиците од штетни и содржини што предизвикуваат зависност, јави дописникот на МИА од Брисел. Како што соопшти ЕК, ваквата одлука е донесена врз основа на досега спроведената прелиминарна истрага, како и врз основа на анализа на извештајот за проценка на ризикот и на одговорите на нејзините формални барања за информации доставни од страна на ТикТок. Според најавата постапката ќе се фокусира на усогласеноста со обврските од ДСА поврзани со проценката и ублажувањето на системските ризици и реални или предвидливи негативни ефекти кои произлегуваат од дизајнот на системот на ТикТок, вклучувајќи ги и алгоритамските системи, кои можат да стимулираат зависности во однесувањето.  

-Најмалку 25 лица загинаа, а осум се повредени при лизгање на земјиште предизвикано од обилни снежни врнежи во село Накре, североисточниот дел на Авганистан, соопшти денеска Министерството за управување со катастрофи. Се стравува дека бројот на жртвите може да е поголем бидејќи од 15 до 20 куќи се уништени или сериозно оштетени. Спасувачките екипи бавно пристигнуваат поради обилните снежни врнежи, бидејќи еден од главните патишта што водат кон провинцијата Нуристан е блокиран. Нуристан е провинција која се граничи со Пакистан, а поголемиот дел од неа е покриена со шуми и планината Хинду Куш. 

-САД ја користат војната во Појасот Газа како изговор за зајакнување на американското присуство во регионот на Блискиот Исток, оцени шефот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Хосеин Бакери. На состанокот во јужниот ирански пристанишен град Бандар Абас, на кој беа претставени два нови патролни и борбени брода, Бакери рече дека регионалната ситуација е деликатна и критична. Тој тврди дека американската војска, за која рече дека донекаде се повлекла од регионот на Блискиот Исток, бара изговори за веднаш да се врати, пренесува Ал Џезира. Иранскиот генерал додаде дека нападот на 7 октомври од страна на палестинската милитантна група Хамас врз јужен Израел послужил како изговор за САД да распоредат сили во Средоземното Море, Црвеното Море и западните делови на Индискиот Океан.

-Најмалку 29.092 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство во Појасот Газа. Повеќе од 69.000 луѓе беа повредени, пренесува Ал Џезира. Во последните 24 часа во Газа се убиени 107 Палестинци, се наведува во соопштението.

-Товарен брод во американска сопственост што плови под грчко знаме бил на мета на напад со два проектили во близина на Јемен, без при тоа да биде повреден екипажот или да е предизвикана материјална штета, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. Според медиумите, јеменските Хути го нападнале бродот со два проектили кои завршиле во морето на оддалеченост од само 15 метри, а членовите на екипажот, вкупно 23 лица, од кои петмина се Грци, се во добра здравствена состојба. Нападот се случил додека товарниот брод што пренесувал жито, пловел од Аргентина кон Јемен.

Остани поврзан