• петок, 26 април 2024
МИА Радио флеш

27 март 2023

 - Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска со почеток во 11:00 часот, ќе се одржи централна свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО. Најавени се обраќања на премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Дел од свеченоста ќе бидат неколку показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на сојузнички воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“.

- Министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ољта Џачка денеска ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија, при што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Покрај средбата со нејзиниот хомолог, предвидено е Џачка да оствари средби и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

- Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска на настан во Мала Станица (12.00) ќе ги додели годишните новинарски награди. Ќе бидат доделени награди во три категории, за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ и за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење.
 
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП Национални Шуми денеска (11.30) организира акција за пошумување и обнова на опожарена површина со пожарите од 2021 година на територија од општина Делчево.Збирно место за сите учесници од каде организирано ќе се упатат кон локацијата за пошумување е подружницата Голак Делчево во 11 часот.
 
- Факултетот за драмски уметности (ФДУ) - Скопје го слави творештвото на драмскиот автор Горан Стефановски со едномесечна мултимедијална програма насловена „Тетовирани импресии“. Настаните од програмата ќе почнат денеска, на Светскиот ден на театарот, а ќе завршат на  27 април - денот на раѓањето на Стефановски. ФДУ е организатор на програмата во која ќе учествуваат негови соработници, колеги и студенти.

– Претседателот на ДПС и претседателски кандидат на партијата на изборите, Мило Ѓукановиќ, на изборна трибина во Сутоморе изјави дека на овие избори се одлучува дали Црна Гора ќе биде, како што наведе, „провинција на голема Србија“, или ќе го продолжи патот по кој тргна, понатаму да се развива како организирана европска држава. Ѓукановиќ рече дека сите го виделе ефектот од владата во која во 2021 година работел неговиот противкандидат во вториот круг од претседателските избори од движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, а тоа е дека Црна Гора не само што била запрена на патот кон ЕУ, туку денес меѓу Подгорица и Унијата е ископана огромна бездна, која, како што рече, „треба да биде гробница на независна, граѓанска, европска Црна Гора“.

 - Претседателскиот кандидат на Движењето Европа сега (ПЕС) Јаков Милатовиќ изјави дека е уведен оти граѓаните ја препознале добрата намера и оти ќе направат мудар избор на изборите на 2 април. Како што е соопштено од ПЕС, тој на конвенцијата во Рожаје рекол дека е огромно значењето на тој крај за цела Црна Гора.

– Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ноќеска изјави дека завршувањето на војната во Украина веќе оваа година е заедничка задача на цивилизираниот свет. Зеленски во редовното ноќно видео обраќање до сонародниците кажа дека сега е многу важно секој што има влијание врз информациите да учествува во информативната работа, пренесе украинската агенција Униан.

- Поранешниот американски претседател и можен републикански претседателски кандидат Доналд Трамп им вети на своите гласачи дека ќе стави крај на војната во Украина во рок од 24 часа, доколку биде реизбран. Трамп рече дека рускиот претседател Владимир Путин почнал да распоредува војници на границата со Украина по „катастрофата“ со неговото „исфрлање од Белата куќа“, пренесува „Кликс“. Тој ја обвини администрацијата на претседателот Џо Бајден дека не се ни обидела да преговара со Путин.

 - Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел во морето, источно од нејзиниот брег, соопшти јужнокорејската војска. Ракетите биле истрелани од северната провинција Хвангае и прелетале околу 370 километри, соопшти Генералштабот на јужнокорејската армија. Ракетите најверојатно паднале пред јапонската ексклузивна економска зона, соопшти јапонската Влада.

– Шест девојчиња загинаа, а две лица се повредени во судир на два автомобили на меѓудржавен пат во американската држава Тенеси, соопштија локалните власти. На местото на несреќата шесте девојчиња биле пронајдени мртви и според првичните информации се на возраст од 1 до 18 години. Сите биле до превртеното возило од кое најверојатно од силината на ударот испаднале.

– Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ја повика владата да ја запре контроверзната судска реформа, еден ден откако премиерот Бенјамин Нетанјаху го разреши својот министер за одбрана затоа што се спротивстави на потегот кој предизвика масовни улични протести.

- Во Германија денеска ќе се одржи најмасовниот штрајк во последните три децении, а лидерот на германскиот синдикат за услужни дејности „Верди“, Франк Вернеке, изјави дека штрајкот е прашање на опстанок на илјадници луѓе кои се борат за повисоки плати додека расте инфлацијата. Според најавите на синдикатите, во Германија речиси се ќе запре, пренесува „Дојче Веле“. Возовите нема да сообраќаат речиси воопшто, а од аеродромите ќе работи само Берлинскиот.

- Референдумот на кој жителите на Берлин вчера одлучуваа за тоа дали нивниот град треба да стане климатски неутрален до 2030 година не успеа, изјави градоначалничката Франциска Гифи. Таа мерка би ја натерала новата конзервативна локална влада да инвестира во обновливите извори на енергија, ефикасноста на зградите и јавниот транспорт. Доколку референдумот беше успешен, Берлин ќе беше еден од ретките големи европски градови со правно обврзувачка цел да стане јаглеродно неутрален за седум години.
 

– Во неделата што започнува на 3 април, француската премиерка Елизабет Борн ќе ги прими парламентарните групи и политичките партии, вклучително и опозицијата, како и претставници на компаниите за да ја „смири земјата“. Отворена е и можноста за средба со синдикатите и стопанските организации следната недела, додаде таа.

- Tвитер изгуби повеќе од половина од својата вредност во претходните шест месеци, односно откако Маск ја презеде сопственоста на компанијата. Маск во допис до вработените предложи дека Tвитер сега се проценува на помалку од 20 милијарди долари, што е значително помалку од 44 милијарди долари колку што Маск плати за купување на Tвитер во октомври минатата година, пишува „Гардијан“.

 

Остани поврзан