МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
2 мај 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе ја посетат Општина Кавадарци во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“ и ќе извршат увид во градежни активности на повеќе проекти.
Според агендата, Мицкоски и Перински на пладне ќе извршат увид во градежните активности на кружен тек вон опфат на регионален пат Росоман - Кавадарци. Изградбата на кружен тек е на површина од 2 700 метри квадратни на R1107 надвор од опфат пред влез во општина Кавадарци. Инвестицијата е преку унгарски заем, грант од Влада, со вредност од 11.300.000 денари со ДДВ.
Потоа ќе присуствуваат на пуштање во употреба на улицата „8 Септември“, која е целосно реконструирана и асфалтирана во должина од 2 500 метри квадратни. Реконструкцијата на оваа улица опфаќа промена на рабници, промена на бекатон елементи на тротоар, вадење на стар асфалт и целосно асфалтирање на истата во два слоја. Инвестиција е преку унгарски заем во висина од 9.107.498 денари со ДДВ.
Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека ги финализира административните проверки на апликациите пристигнати по јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи категории домаќинства во 2025 година. Досега се пристигнати и првично прегледани вкупно 745 апликации од двете категории корисници.
За домаќинства со деца со попреченост, како што се наведува, пристигнати се 488 апликации, од кои 344 ја имаат доставено потребната документација, а 144 се одбиени по различни основи.
За згрижувачки семејства, пристигнати се 257 апликации, од кои 110 се со уредна документација, а 102 се одбиени.
Скопје - Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година, соопшти денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
- Особено позитивен е растот од 12.9% во групата „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор. Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериски системи за складирање на електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетски проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и долгорочна енергетска сигурност, се наведува во соопштението.
Лондон - Суд во Оксфорд ја прогласи за виновна судијката на Обединетите нации и Висок суд во Уганда, Лидија Мугамбе (50), за тоа што принудила млада жена да ѝ служи како робинка додека таа студирала докторат по право на Универзитетот Оксфорд.
Мугамбе ѝ забранувала на жртвата да најде редовна работа и ја принудувала да ѝ чисти и чува деца. Таа е осудена за повеќе кривични дела, меѓу кои трговија со луѓе, кршење на имиграциски закони и обид за заплашување сведок, јави ДПА
Обвинителката Каролин Хоги изјави дека Мугамбе ја искористила позицијата и ја довела жената во Велика Британија под лажен изговор, со помош на заменик-високиот комесар на Уганда, Џон Леонард Мугерва. За возврат, таа требало да влијае врз судија во случај во кој бил вмешан Мугерва.
Лондон - Велика Британија ги чека резултатите од локалните избори - првиот тест за изборните ставови по парламентарните избори на 4 јули минатата година, на кои победи Лабуристичката партија на Кир Стармер, објавија светските агенции.
Гласањето се одржа вчера за вкупно 1.641 места во локалните совети во Англија и шест градоначалнички места. Исто така, се гласаше за едно пратеничко место од изборната единица Ранкорн и Хелсби.
На изборите минатиот јули, Лабуристите освоија 33,7 проценти, Конзервативците 24 проценти, а крајно десничарската партија „Реформа Велика Британија“ на Најџел Фараж освои пет места.
Москва - Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, остро го критикуваше новиот договор меѓу САД и Украина, нарекувајќи го начин да се присили Киев да ја отплати американската воена помош со сопствени природни ресурси.
„Трамп конечно го притисна киевскиот режим да плати со минерали. Украина – земја која исчезнува – сега мора да го користи своето национално богатство за да ги покрие трошоците за оружје“, напиша Медведев на Телеграм, пренесе ТАСС.
Кремљ сè уште официјално не се произнел за договорот кој го претстави администрацијата на претседателот Доналд Трамп како замена за директно воено финансирање.
Москва - Руските медиуми, блиски до Кремљ. објавија дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, ќе присуствува на воената парада во Москва на 9 мај, со што би станал првиот висок американски претставник што ќе се појави на овој настан во последните години.
Американскиот Стејт департмент ниту го потврди, ниту го демантираше ова тврдење, кое го објави порталот на ТВ „Ѕвезда“, близок до руското Министерство за одбрана.
Потенцијалната посета предизвика зачуденост, особено бидејќи Рубио е гласен критичар на Русија и Кина. Американските медиуми посочуваат дека неговото присуство би било сериозен преседан.
ЕУ, пак, веќе предупреди на „сериозни последици“ за европски лидери кои би присуствувале на парадата.
Киев - Агент на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кој ја насочувал руската артилерија, ракетни и бомбашки напади кон украинските сили во еден од најжестоките фронтовски сектори — околината на градот Покровск — е осуден на 15 години затвор, соопшти Службата за безбедност на Украина (СБУ), пренесе агенцијата Укринформ.
Според обвинението, осудениот е 39-годишен рецидивист кој двапати претходно бил осудуван за грабеж. Во текот на првата казна, издржана во казнена колонија во окупираниот град Макеевка, бил регрутиран од офицер на ФСБ и ставен во т.н. „режим на чекање“.
По излегувањето од затвор пред почетокот на руската инвазија, се преселил во украинскиот град Билозерск во областа на Покровск. Кон крајот на 2024 година, добил инструкции преку апликација за пораки да испраќа координати на украински позиции.
Киев - САД назначија нов вршител на должноста амбасадор во Киев, а тоа е Џули Дејвис, која сега е амбасадорка на земјата на Кипар, објавија светските агенции. Дејвис зборува руски и е дипломат со богата кариера, работејќи главно во поранешните советски републики.
Дејвис ќе биде највисоко рангиран американски дипломат во Украина во отсуство на амбасадор. Таа ќе ја комбинира амбасадорската функција во Кипар со нејзината нова улога во Киев.
Последната американска амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк, поднесе оставка минатиот месец по три години во Киев. Таа беше назначена на функцијата од демократот Џо Бајден во 2022 година, кратко по почетокот на руската инвазија на Украина.
Ерусалим - Израел нападна цел во близина на претседателската палата во сирискиот главен град Дамаск, објави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој вети дека ќе ги заштити членовите на заедницата Друзи во Сирија.
По втор пат, Израел ја напаѓа Сирија во рок од неколку дена. Нападите ја одразуваат длабоката недоверба на Израел кон сунитските исламисти кои го соборија сирискиот претседател Башар Асад во декември. Овие напади се уште еден предизвик за напорите на привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, да воспостави контрола врз проблематичната земја.
-Израел изврши напад синоќа во близина на претседателската палата во Дамаск, рече Нетанјаху во заедничка изјава со министерот за одбрана Израел Кац. „Ова е јасна порака до сирискиот режим: Нема да дозволиме (сириските) сили да се распоредат јужно од Дамаск или да претставуваат каква било закана за заедницата Друзи“, се вели во текстот.
Вашингтон - Федерален судија од државата Тексас пресуди дека прибегнувањето кон закон од 1798 година за протерување мигранти од Соединетите Американски Држави е нелегално и затоа ѝ забранува на администрацијата на Доналд Трамп да спроведува депортации според ова законодавство, објавија светските агенции.
Одлуката на судијата Фернандо Родригез е прва што се однесува на прашањето дали е легално да се прибегне кон законот од 1798 година за спроведување на протерувања. Трамп го спомена овој закон на 15 март кога ја прогласи венецуелската група „Трен де Арагва“ за терористичка организација и истиот ден протера околу 250 луѓе во Ел Салвадор, претежно Венецуелци, обвинети за припадност на оваа група. Половина од протерувањата биле според законодавството од 1798 година.
Вашингтон - Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека крајот на војната во Украина не е на повидок, иако двете страни сега јасно ги знаат условите една на друга за можна мировна спогодба.
- Сега се е во рацете на Русите и Украинците. Тие знаат какви се условите за мир и на нив е да постигнат договор, рече Венс во интервју за „Фокс њуз“, додавајќи: „Но оваа брутална војна нема да заврши брзо“.
Венс, исто така, изјави дека одговорот на Индија за нападот во Кашмир треба да биде изведен внимателно за да не се прошири конфликтот во регионот.
Вашингтон - САД од денеска воведуваат казнени царини за мали пратки од Кина и Хонгконг, особено оние што содржат евтина облека од гигантите за онлајн-продажба „Шеин“ и „Тему“.
Новата мерка, дел од тековната трговска војна меѓу двете економски сили, стапи во сила од 4 часот по Гринич (7 часот по средноевропско време), со што се укинува досегашното ослободување од царина за пратки во вредност до 800 долари. Тоа ослободување им овозможи на кинеските е-комерц компании експанзија на американскиот пазар.
Според Белата куќа, досега секојдневно во САД влегувале над четири милиони пратки што биле ослободени од царина. Со новата политика, пратките испратени преку приватни курири, како ФедЕкс и Ју-Пи-Ес, ќе бидат предмет на 145-процентна царина. За оние што се испраќаат преку поштенски услуги, ќе се применува 120-процентна царина, односно најмалку 100 долари, а од 1 јуни и 200 долари.
Вашингтон - Соединетите Американски Држави вршат притисок врз Демократска Република Конго и Руанда да потпишат мировен договор во Белата куќа за околу два месеци, придружен со билатерални договори за развој на минералните наоѓалишта на двете земји, изјави вишиот советник на претседателот Доналд Трамп за Африка, Масад Булос.
Бунтовниците од групата М23, поддржани од Руанда, започнаа офанзива во ДР Конго, што е најновата ескалација во деценискиот конфликт.
Регионот е богат со минерали, вклучувајќи тантал и злато.
Вашингтон - Создавањето на американско-украински инвестиционен фонд за обнова е потег кој го отвора патот за економско закрепнување на Украина и долгорочни бенефити за двете земји, соопшти Белата куќа.
„Фондот ќе прима 50 отсто од авторски надоместоци, лиценци и други плаќања од проекти за експлоатација на природни ресурси во Украина. Овие средства ќе се вложуваат во нови проекти кои ќе генерираат економски раст, нови работни места и клучни развојни цели“, се наведува во соопштението.
Белата куќа потенцира дека ниту една држава, компанија или поединец што финансирал руската воена машинерија нема да може да учествува во проектите финансирани од Фондот.
Фондот ќе биде управуван од шестчлен одбор, со по три членови од САД и од Украина.
Сан Хозе - Главниот извршен директор на Епл Тим Кук изјави дека новите трговски царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп ќе ѝ донесат на компанијата дополнителни 900 милиони долари трошоци во овој квартал, јави ДПА.
Епл веќе пренасочува дел од производството надвор од Кина. Според Кук, половина од ајфоните продадени во САД се произведуваат во Индија, а наскоро тоа ќе биде случај и со поголем дел од iPad, Mac и Apple Watch, кои ќе доаѓаат од Виетнам.
Новите тарифи од 145 отсто за увоз од Кина го засилија процесот на диверзификација што започна по пандемијата. Сепак, повеќето уреди сè уште се склопуваат во кинески фабрики.
Бразилија - Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е пуштен од интензивна нега по операцијата на желудникот и е во стабилна состојба, соопшти клиниката во бразилската престолнина каде што се лекува.
Болсонаро се опоравува од тешка операција на желудникот извршена на 13 април. Тој беше подложен на 12-часовна операција поради блокада на цревата поврзана со нападот со нож врз него во 2018 година за време на изборната кампања.
Сè уште нема датум за неговото отпуштање од болницата.
Болсонаро е на судење од Врховниот суд за наводен обид за државен удар што го планирал за да го спречи неговиот наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, да ја преземе власта. Доколку биде осуден, тој може да се соочи со затворска казна до 40 години.
Пекинг - САД ѝ се обратиле на Кина со барање за разговори околу царините од 145 отсто што ги воведе актуелниот претседател Доналд Трамп. Пекинг е отворен за дијалог, соопшти кинеското Министерство за трговија, сигнализирајќи можност за смирување на трговската војна.
Американската страна, според Пекинг, треба да покаже „искреност“ и да се откаже од еднострани царини, истовремено признавајќи ја потребата да се исправат „погрешните“ трговски практики. „Обидите да се искористи дијалогот како изговор за присила и уцена нема да успеат“, се наведува во соопштението.
Кина јавно го изрази својот гнев поради високите царини, тврдејќи дека тие не можат да го запрат растот на второто по големина светско стопанство. Освен преку пропагандни механизми, Пекинг создаде и листа на американски производи – како некои фармацевтски средства, микрочипови и млазни мотори – кои ќе бидат изземени од одмаздничките царини од 125 проценти.