МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
18 ноември 2024
Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе оствари работна посета на Европскиот парламент во Брисел, при што ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Во рамки на посетата, како што соопшти собраниската прес-служба, предвидени се средби и со Томас Вајц, известител за РС Македонија во ЕП и со Тијс Рутен, известител во сенка од политичката група на социјалдемократите.
Според агендата, утре, на иницијатива на Одделот за јавна дипломатија во НАТО ќе биде организирана работна посета во седиштето на НАТО на претседателот на Собранието Гаши и делегација од пратениците, во чиј состав се координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски, заменик-координаторката на ВРЕДИ Мерита Колчи-Коџаџику, заменик-координаторката на ДУИ Арбана Пашоли, претставникот од ЗНАМ Павле Арсоски и шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО Драган Ковачки.
Скопје - Во Собранието денеска треба да продолжи седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која четврти ден на дневен ред е Предлог буџетот за 2025 година, а седници треба да одржат и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за култура и туризам и собраниската Законодавно - правна комисија.
Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.
Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.
Скопје - Црвен крст на град Скопје од 18 до 24 ноември ја одбележува Неделата на грижа за стари лица, која се организира преку социјалната услуга „Центар за дневен престој за стари лица за активно стареење”.
Во рамките на неделата, се организираат повеќе активности и тоа: информативни пунктови - мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје - автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и плоштад Сарај; фризерски и козметички услуги во Дневните центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“, ООЦК Чаир и Сарај во соработка со средното училиште СУГС „Димитар Влахов” и Малена козметикс. Же има и хуманитарен есенски базар во Веро Центар, посета и заедничко дружење со штитениците од Дом за стари лица „Мајка Тереза”, посета и предавање во Здружение на пензионери Шуто Оризари и Здружение на пензионери Карпош; посета на дневниот престој за стари лица во Чаир од страна на корисниците од Дневен престој за стари лица за активно стареење во Турново – Општинска организација Црвен крст - Струмица, соопшти Црвен крст на град Скопје.
Скопје - Сообраќајот помеѓу железничките станици „Кадина Река“ и „Зелениково“ е во прекин откако вчера, во 21:37 часот, товарен воз излезе од шините, информира Регионалниот Центар за Управување со Кризи (ЦУК) Скопје, повикувајќи се на Македонски железници. Во несреќата нема повредени лица.
- Екипи од Македонски железници се на терен и работат на решавање на ситуацијата, соопштуваат од ЦУК.
Брисел - Ако сака да покаже дека е политичка сила, Европската Унија мора да остане единствена и мора да дејствува, а не да чека за да реагира на одлуките на САД, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на шефови на дипломатии, на кои главни теми се состојбите во Украина и на Блискиот Исток и односите на блокот со САД.
- На почетокот на мојот мандат мораше да научиме да го користиме јазикот на моќта. Тоа денес важи уште повеќе отколку пред пет години, но за да го користите јазикот на моќта и за да покажете дека имате моќ, мора да сте единствени. Ако не сте единствени не можете да покажете моќ. Ние не бевме единствени многу пати досега. Не можете да се преправате дека сте политичка сила ако ви требаат денови, недели и месеци за носење на некоја одлука за дејствување, изјави Борел.
Тој нагласи дека негов апел до министрите за надворешни работи на ЕУ е да покажат единство во носењето одлуки, бидејќи Русија нема да запре со војната, ако тие размислуваат за тоа, туку треба да донесат одлука за поддршка на Украина.
Брисел - Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, денеска изрази надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе и дозволат на Украина да користи ракети со долг дострел за напади во Русија.
„Повторив дека Украина треба да биде во можност да го користи оружјето што и го дадовме, не само за да ги „запре стрелите“, туку и да ги погоди „стрелците“. Сè уште верувам дека тоа е она што треба да се направи. Сигурен сум дека повторно ќе разговараме. Се надевам дека земјите-членки ќе се договорат за тоа“, рече Борељ во пресрет на средбата со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска не сакаше да ги коментира медиумските написи дека американскиот претседател Џо Бајден и дал дозвола на Украина да користи американски ракети со долг дострел за гаѓање цели на територијата на Русија.
-Претседателот Владимир Путин веќе кажа сè за тоа, рече Захарова.
Зборувајќи за можноста Украина да користи западно оружје за да гаѓа цели на руска територија, Путин во септември рече дека поместувањето на војната понатаму на исток нема да биде крај, „бидејќи војната ќе стигне и до Западот“.
Moсква - Доколку СAД и дозволат на Украина да користи оружје од американско производство за напади на руска територија, тоа ќе доведе до зголемување на тензиите и продлабочување на вмешаноста на САД во конфликтот меѓу Русија и Украина, соопшти денеска Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека рускиот претседател Владимир Путин претходно јавно го кажал својот став за потенцијалната дозвола на САД за употреба на ракети, односно дека употребата на такво оружје значи директно учество на земјите од НАТО во конфликтот во Украина, пренесува руска новинска агенција.
Песков посочи дека наводите за дозволата од САД се уште не се официјално потврдени. Тој оцени дека администрацијата на американскиот претседател има намера да продолжи да предизвикува тензии во Украина.
Суми – Најмалку десет лица загинаа, меѓу кои две деца, а 52 се повредени вчеравечер кога руска ракета погоди станбена зграда во североисточниот украински град Суми, соопштија украинските служби за итни случаи и војската.
Украинските служби за итни случаи преку каналот Телеграм известија дека се на местото на несреќата и им помагаат на настраданите. Повеќе од 400 луѓе беа евакуирани.
Нападот на Суми уследи по утринските напади на Русија врз украинската електрична мрежа.
Во најголемиот воздушен напад во речиси три месеци, Русија лансираше 120 проектили и 90 беспилотни летала кон Украина, во кои животот го загубија седум лица, а беше предизвикана голема штета на електричната мрежа.
Буенос Аирес - Рускиот претседател Владимир Путин „не сака мир“ со Украина и „не е подготвен да преговара за тоа“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по големиот руски напад врз енергетската мрежа на Украина.
-Верувам дека е јасно дека намерите на претседателот Путин се да ги интензивира борбите. Ако сакаме да знаеме кои се намерите на Путин, тоа што тој штотуку го направи на теренот јасно го покажува. Какви и да се неговите изјави, тој не сака мир и не е подготвен да преговара, рече Макрон во Буенос Аирес.
Францускиот претседател додаде дека обврските кон Украина мора да се спроведат, а на таа земја да и се дозволи да води одбранбена војна и да биде снабдена со оружје и опрема.
Сухуми - Група луѓе синоќа се обиделе да упаднат во зградата на абхазискиот Јавен сервис и радио компанијата во Сухуми, а безбедносните сили ги избркале со предупредувачки истрели, соопшти Информативниот центар на претседателот на грузиската покраина Абхазија, Аслан Бжанија.
„По полноќ, на 18 ноември 2024 година, се случи инцидент пред зградата на Абхазискиот јавен сервис и радио компанија (AGTRK). Група луѓе, најверојатно од редовите на опозицијата, дошле во просториите на телевизијата со цел да се воспостави контрола врз радиодифузијата“, се наведува во соопштението.
Се додава дека обезбедувањето „било принудено да испука предупредувачки истрели“.
Moсква - Украинската армија во изминатите 24 часа истрела 74 проектили врз цели низ регионот на Белгород и го нападна регионот со 23 беспилотни летала, при што загина еден цивил, објави на својот канал Телеграм гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков.
Според него, во рок од 24 часа биле нападнати 22 населени места во седум погранични окрузи на Белгородската област и била утврдена штета на две приватни домаќинства, една социјална зграда и четири автомобили.
„Во регионот Борисов, селото Грузскоје беше нападнато со два дрона. Во општинскиот округ Валујски, селото Бирјуч беше цел на два напади со камикази беспилотни летала. Еден маж почина на лице место од повредите“, напиша Гладков.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц се соочува со зголемен притисок од сопствената Социјалдемократска партија „за да му го отвори патот на министерот за одбрана Борис Писториус да се кандидира за канцелар“, номиниран од партијата, на претстојните парламентарни избори, јави ДПА.
Џо Вајнгартен и Јоханес Арлт се првите пратеници од германската Социјалдемократска партија кои јавно го поддржаа Писториус, кој е значително попопуларен од Шолц во анкетите, да се кандидира за канцелар.
„Моето јасно мислење е дека треба да ја водиме изборната кампања со Борис Писториус“, изјави Вајнгартен за весникот „Зидојче цајтунг“.
Арлт, пак, за весникот „Тагешпигел“ изјави дека „Борис Писториус би бил одличен кандидат за канцелар на социјалдемократите“.
Техеран - Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа нема да има „никакво влијание“ врз надворешната политика на Иран, особено врз односите со Кина, изјави денеска главниот советник на врховниот лидер на Иран, Али Акбар Велајати.
Кина е најголемиот трговски партнер на Иран и главен купувач на неговата нафта под санкции.
Велајати, некогашен министер за надворешни работи на Иран (1981-1997) и клучна фигура во политичкиот систем на Иран, го советува ајатолахот Али Хамнеи за прашања од надворешната политика.
„Инаугурацијата на Трамп нема да има влијание врз надворешната политика на Иран, особено врз односите со Кина“, му рекол Велајати на кинескиот амбасадор во Техеран, Конг Пеиву, јави агенцијата Исна, која не го прецизира датумот на средбата.
Вашингтон – Американскиот милијардер Илон Маск синоќа се согласи со оценката на републиканскиот сенатор од Јута Мајк Ли, кој по повод објавата дека американскиот претседател Џозеф Бајден одобрил употреба на американско оружје за украински напади длабоко на руска територија, напиша дека „либералите сакаат војни“ и дека „војната го олеснува зголемувањето на моќта“.
„Вистина“, напиша Маск споделувајќи ја објавата на Ли.
True https://t.co/OeNReCDlrK
— Elon Musk (@elonmusk) November 17, 2024
Маск беше назначен од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за еден од шефовите на Секретаријатот за ефикасност на владата.
Во исто време, еден од основачите на ПејПал (PayPal), Дејвид Сакс, на истата платформа нагласи дека Трамп добил јасен мандат да стави крај на војната во Украина.
Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трaмп, го номинираше Брендaн Кар за раководител на Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ), регулатор за радио и ТВ емитување, телекомуникации, широкопојасен интернет и други поврзани индустрии.
Кар е еден од петте комесари во ФЦЦ кој се залага за мерки против социјалните медиуми и националните телевизии во САД кои, според републикацните, се премногу либерални. Според Вашингтон пост“, тој е еден од креаторите на „Проект 2025“, радикално конзервативна агенда за реформирање на федералната влада под десничарските политики на Трамп развиена од „Фондација Херитиџ“.
Бејрут – Во нападите на израелските сили врз јужен Либан загинаа осум лица кои работеле во Брзата помош, јави Ал Џезира.
Според извештаите, израелски авиони го бомбардирале центарот на Исламската здравствена установа во селото Араб Салим во провинцијата Набтије.
Либанската Влада и хуманитарни организации го обвинија Израел дека намерно ги гаѓа медицинските работници и вработените во Брзата помош во Либан, наведувајќи дека повеќе од 200 здравствени работници биле убиени во израелските напади изминатата година.
Лос Анџелес - Конан О'Брајан се потсети на љубезноста и добрината на починатиот глумец Робин Вилијамс. Имено, тој му се јавил на американскиот водител за да се увери дека тој е добро по неговото познато исфрлање од емисијата „Тунајт шоу“ (The Tonight Show).
- Имав среќа да имам одличен однос и дружење со Робин Вилијамс пред тој да почине. А, еден од најнезаборавните примери за мене е кога го доживував целиот мој дебакл на „Тунајт шоу“. Конечно, „претставата е завршена“ и не знаев дали ќе имам кариера. Што ќе правам следно? Лежам на подот во дневната соба од мојата куќа, телефонот ми ѕвони и - тоа е Робин Вилијамс... Едноставно не можев да верувам дека тој мислел на мене, раскажува О'Брајан.
Негов гостин, пак, во скорешната негова интернет-емисија, беше британскиот комичар Ерик Ајдл.
Манила – Министрите за одбрана на Филипините и на САД денеска во Манила потпишаа договор за размена на военоразузнавачки податоци и технологија за да се спротивстави на влијанието на Кина во регионот на Пацификот.
Договорот за општа безбедност и военоразузнавачки податоци, потпишан од Гилберто Теодоро и Лојд Остин, ќе овозможи размена на доверливи информации кои би можеле да бидат корисни за националната одбрана на сојузниците на Вашингтон и ќе ја олеснат продажбата на одредени заштитени технологии.
Ова беше заклучено на почетокот на посетата на Остин на Манила, која ќе биде обележана со средба меѓу американски функционер и претседателот Фердинанд Маркос помладиот.
Вашингтон - Во САД станува популарна ласерската процедура кератопигментација, или промена на бојата на очите, која досега се користела само за лекување или козметички цели при болести и повреди. Многу офталмолози предупредуваат дека промената на бојата на очите е ризик по што тие може да станат проеосетливи на светлина или да се придизвка намален вид па и слепило.
Кератопигментацијата уште е позната и како тетовирање на очите.
Некои луѓе кои ја избираат оваа процедура велат дека сакаат да изгледаат подобро и да се чувствуваат посамоуверено. Други тоа го направиле за да личат повеќе на членови од своето семејство. Еден млад човек ја променил бојата на едното кафеаво око во сина за да ја имитира бојата на очите на својот сакан сибирски хаски.
Дака – Околу 1.500 луѓе загинаа за време на протестите со кои беше соборена бангладешката премиерка Шеих Хасина претходно оваа година, а околу 3.500 луѓе беа насилно киднапирани за време на нејзиното 15-годишно владеење, соопшти Мухамед Јунус, кој ја предводи привремената влада на земјата.
Пресметките на економистот и добитник на Нобеловата награда за мир, кој се очекува да организира избори, покажуваат повисоки бројки од претходните официјални бројки, според кои во студентските протести загинале околу 1.000 луѓе.
Протестите, кои почнаа во јули како движење предводено од студенти против системот на квоти при назначувањата во јавниот сектор, ескалираа во најсмртоносните немири откако Бангладеш стана независна земја во 1971 година, принудувајќи ја Хасина да побегне во соседна Индија.
Пекинг - Кинеските власти денеска повторно повикаа на мир во Украина, на која САД и одобри да користи ракети со долг дострел за напад на Русија.
„Најитно е да се поттикне деескалација на ситуацијата што е можно побрзо“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џиан на редовната прес-конференција, повикувајќи на „брз прекин на огнот и политичко решение“.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе и дозволи на Украина да користи оружје обезбедено од САД за напади длабоко на руска територија, објавија синоќа добро упатени извори, што претставува промена во политиката на Вашингтон во украинско-рускиот конфликт.
Белата куќа се уште не објави ништо за ова прашање.