МИА Општински пул
- МИА Општински пул
4 ноември 2025
Тетово - Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, годинава одбележува еден век постоење со документарен филм кој првпат во земјава го прикажува животот, предизвиците и подвизите на едно планинарско друштво. Од клубот велат дека документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации кои ја продолжуваат традицијата.
Филмот е изграден врз лични сведоштва на активни членови, архивски снимки и современи кадри, и прикажува еден век на љубов кон планината, истрајност, пријателство и посветеност кон заедницата.
-Ова е редок настан кој се случува во Македонија – значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и целата држава. Кога ќе се застане на врвот и ќе се почувствува тишината на планината, сфаќаш дека ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае 100 години, вели Јован Божиновски, претседател на клубот.
На 23 март 1925 година, група визионери од Тетово, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, го формираат тогашното Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Првите децении биле скромни, но полни со ентузијазам – веќе во 1931 и 1934 година биле изградени првите планинарски домови во Македонија.
Гевгелија - Со поетско-музичка вечер „Пееме за Гевгелија“ вечер почнува седмоноемвриското чествување на празникот на Гевгелија -7 Ноември, Денот на ослободувањето, информираа од локалната самоуправа.
Во информацијата се наведува дека настанот е дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, а е во организација на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
-Присутните ќе имаат можност да уживаат во мултимедијален настан-спој на поезија, музика и игра, кој ќе ги опфати и народното и современото творештво посветено на градот. Преку изборот на композиции и рецитации ќе се претстави богатството на македонската уметничка традиција. Ќе учествуваат ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, членови на Драмската група „Дон Кихот“ и музички таленти, а програмата ќе биде збогатена и со претставување на Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија. Преку своите интерпретации, сите ученици ќе ја изразат љубовта и гордоста кон родниот крај, стои во информацијата.
Неготино - Физичка пресметка во Неготино завршила со повредена неготинка и приведени три неготинки.
- Денеска во два часот, полициски службеници од ОВР - Неготино ги приведоа 34-годишната Б.Џ., 26-годишната С.К. и 31-годишната С.Д., сите од овој град, затоа што на улица „Даме Груев“ во градот, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Џ. и С.Д. од една страна и С.К. и 31-годишната Д.Б. од Неготино, од друга страна, при што Д.Б. се здобила со повреди, констатирани во медицинска установа, соопштија претпладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Како што потенцираа, по целосно документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Битола - Повеќе од 700 учесници, ученици од основните и средните училишта, но и студенти, граѓани рекреативци и спортисти, и ветерани се појавија на синоќешната празнична ноќна атлетска трка во Битола.
Натпреварувајќи се во 24 категории, во машка и женска конкуренција, учесниците ја продолжија традицијата, стара 67 години, беше истакнато на спортската манифестација организирана во чест на празникот на градот.
-Манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани. Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола, истакна градоначалникот Тони Коњановски и додели награди за најдобрите учесници на синоќешната атлетска трка во тој град.
Битола - Општина Битола со збратимените градови денеска го одбележува и слави 4-ти Ноември, денот кога во 1944 година борците од 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и Партизанските одреди во чиј состав биле борците од Седмата битолска бригада го ослободиле градот од окупаторот.
Како што е познато, по капитулацијата на Бугарија, во Битола и околината останале само германски воени единици кои се повлекувале кон Грција и Албанија, но по извршениот напад од Битолско-преспанскиот партизански одред непријателската сили биле уништени и градот во утринските часови, на 4-ти Ноември бил ослободен.
За време на народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија против бугарските, италијанските и германските окупатори, околу 270 борци од Битола и Битолско ги положија своите животи, а на споменикот на паднатите борци на партизанските гробишта во Битола е напишано -со вашиот хероизам ја победивте смртта.
Според востановената традиција делегации на Општина Битола, збратимените градови и Сојуз на борци денеска ќе положат цвеќе пред спомениците на народните херои, а потоа ќе учествуваат на празничните активности подготвени од повеќе организации, асоцијации и здруженија на граѓани.
Скопје - Независниот синдикат на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје денеска од 9:30 до 12:00 часот ќе го блокира просторот кај семафорите на раскрсницата меѓу булеварот „Илинденска“ и улицата „Никола Тесла“.
Синдикатот бара исплата на септемвриската плата и К-15, јубилејна награда, новогодишен додаток, отпремнина за работници со престанат работен однос, како и исплата на помош за починат член на семејството.
По овој повод е предвидена и изјава за медиумите во 10:30 часот.
Скопје - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со раководителите на сектори дискутирал за проектите што е предвидено да се реализираат во наредните четири години. Тој најави дека, во месец ноември ќе се одржат буџетските форуми каде што граѓаните се добредојдени да дадат што поголем број на идеи и предлози за развој на општината, информираа утрово од кабинетот на Герасимовски.
- Буџетските форуми поминаа искрено одлично со голема посетеност, но и заинтересираност од страна на жителите. Ноември месец се токму за нив. Добредојдени се граѓаните да ни дадат што поголем број на предлози и идеи за да ги ставиме во новата програма и ги преточиме во буџетот, се наведува во пишаната изјава на Герасимовски.
Како што информира градоначалникот, завршена била постапката за уредите за мерење бучава.
- Предлагам истите да почнат што поскоро да се поставуваат. Ако можеме уште од оваа недела да се поставуваат на 30 локации, да видиме кои ни се оние ударни локации каде што граѓаните најмногу се жалат за бучава во ноќните часови. Според бројот на пријави и поплаки од жителите и таму да се постават, смета Герасимовски.
На состанокот со вработените во Општината, се разговарало и за хортикултурното и партерно уредување на плочникот кај Зелен пазар.