МИА Општински пул
- 22 јануари 2026
22 јануари 2026
Кочани - Волонтерите на „Сапорт Кочани“ информираат дека имале чест да бидат домаќини на македонскиот артист Тајзи и на тимот на Let’s Spread Love од Куманово во рамките на нивната хумана мисиja.
За нив, велат тие, оваа средба претставува потсетник дека уметноста, солидарноста и хуманоста имаат моќ да нè поврзат во моменти кога надежта ни е најпотребна.
На наменската сметка на „Сапорт Кочани“ вчера се донирани нови 200.000 денари, со кои ќе бидат обезбедени кремови за изгореници и други медецински помагала, со што вкупниот износ на собрани средства од оваа и сите претходни хуманитарни акции сега надминува 400.000 денари.
Во рамките на оваа хумана мисија средствата се собрани преку донации од граѓани, при што секои 500 денари се придружени со бесплатна УСБ-картичка со целокупниот музички каталог на Тајзи.
Виница - Учениците од ООУ „Славчо Стојменски“ од Виница второто полугодие од учебната година го започнаа со интересен новитет – во функција е пуштен новоизградениот мини фитнес центар во рамки на училишните простории.
Центарот располага со две обновени и целосно опремени простории: едната со модерни и современи справи за теретана, а другата е наменета за аеробик и пилатес активности. Со ова, еден дотогаш нефункционален простор, е пренаменет во современа мини теретана и фитнес центар, кој веќе прераснува во омилено спортско катче за учениците.
Проектот е реализиран на иницијатива на училиштето, со силна поддршка од Општина Виница и со помош на општествено одговорни компании, што уште еднаш ја потврдува успешната соработка меѓу локалната самоуправа, образовните институции и приватниот сектор, се наведува во соопоштението што денеска го објави локалната самоуправа.
Скопје - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, упати повик до сите зруженија и фондации што дејствуваат на територијата на општина Центар да се пријават за финансиска поддршка за 2026 година.
Средствата, како што информираат од Општина Центар, се наменети за поддршка на локалната заедница, со фокус на развојот на микробизнисите, програмите и проектите за млади, социјалните услуги, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и образованието за возрасни.
Герасимовски посочи дека невладините организации се докажани партнери на општината, промотори на позитивни вредности и нови идеи.
- Ги повикувам сите здруженија и фондации што имаат добра идеја и квалитетен проект да се пријават на јавниот повик и да ја искористат можноста за финансиска поддршка - порача градоначалникот Герасимовски.
Рокот за поднесување пријави и документација е 10 дена од денот на објавувањето на веб-страницата на Општина Центар. Пријавите може да се достават преку пошта на адресата Општина Центар - Скопје, улица Михаил Цоков бр. 1 или во архивата на Општина Центар (барака 6) од 9 до 15 часот.
Повеќе информации за јавниот повик на: Јавни повици | Општина Центар
Крива Паланка – Најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика, „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска, вечер со почеток во 19 часот ќе биде прикажано пред кривопаланечката публика.
Проекцијата на филмот ќе се реализира во кино-салата на Национална установа Центар за култура - Крива Паланка, а организаторот ги повика љубителите на филмот да не ја пропуштат можноста да ја проследат приказната пренесена на големото платно со силен визуелен приказ која ја носи пораката за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи.
- Ова е одлична прилика за кино-вечер во зимскиот амбиент во градот со топлата за Силјан, филмот што со својот извонреден квалитет и силна порака беше откупен од National Geographiс и ѝ донесе на режисерката голем број меѓународни награди и номинации на филмски фестивали, рече Сашко Додевски, директор на НУ Центар за култура, Крива Паланка.
Пред и по проекцијата на филмот во фоајето на НУЦК ќе се одржи мал базар во организација на еко-активистката Марија Дибиаџио, на кој присутните ќе можат да го запознаат штркот Јорго од центарот „Ретрит“ , како и да си купат сувенири со мотиви од филмот, со што ќе можат да дадат директна поддршка за изградба на посебен рехаб-центар за штркови.
На 28 јануари, „Приказната за Силјан“ во соработка со македонскиот КИЦ во Загреб, ќе биде премиерно прикажан во Хрватска.и
Кавадарци - Пожар избувна утринава на хала во Кавадарци. На терен се пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Кавадарци, која дејствува на подрачјето на кавадаречката и росоманската општина.
Од Противпожарната служба за МИА изјавија дека во моментов се интервенира на лице место и дека засега не можат да дадат повеќе детали за пожарот.
Дебар - Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против дебранец, поради загрозување на сигурноста.
-Кривична пријава е поднесена против В.Ф.(45) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Тој, во текот на декември 2025 година, на службена електронска адреса на еден правен субјект, упатил закани кон вработените, информираше портпаролot на Секторот за внатрешни работи - Охрид, Стефан Димоски.
Исто така ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ј.З.(52) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Тој, на катарстарска парцела во Дебар во државна сопственост, спротивно на Законот за градба, неовластено изградил деловен објект.