• понеделник, 25 март 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 јуни 2023 

Штип - Триесет и две текстилни работнички добија обештетување во вкупен износ од 42.000 евра од два странски брендови, бидејќи беа избркани од конфекцијата во којашто работеа, не добија отпремнини, К-15, а една бремена жена не го оствари своето право на платено породилно отсуство, истакна на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Забележа дека ова е прв ваков случај во земјата, но и на Балканот.

- На наше огромно задоволство, денес имаме чест да ја известиме јавноста за огромна победа која е узвојувана во корист на работнички од текстилна фирма од Штип. Имено, успеавме после две години судски постапки и преговори, да објавиме дека странски модни брендови исплатија надомест (парична надокнада) на текстилни работнички од Штип во отсуство на исплата на побарувањата на работниците од страна на македонскиот „газда“ во која фирма овие брендови ги шиеја своите парчиња облека, вели Ампева.

Посочи дека заедно со колеги и колешки од „Clean Clothes Campaign“ по две години преговори, успеале на 32 работнички да им бидат исплатени побарувања од износ од скоро 42.000 евра кои се однесуваат на К-15, три плати, испратнини поради откази од деловни причини, како и штета направена на бремена работничка која изгуби право на платено породилно отсуство.

Ресен - Министерката за култура Бисера Косрадиновска Стојчевска и амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, извршија увид на конзерваторските работи што се вршат на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново.

Проектот за заштита на црквата, фреските и комплетното културно наследство го вршат Завод и Музеј-Битола и реномираниот Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

-Пред две години, започна заедничкиот пат на стручњаците од двете соседни земји, кои за прв пат се среќаваат на вака високо институционално ниво. Во изминатиов период, колегите од Завод и Музеј-Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот Меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања, и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше. И стручната и пошироката јавност со право чекаше и бараше итна заштита на исклучително вредното културно наследство, на црквата „Св.Ѓорги“ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство, истакна министерката Костадиновска Стојчевска во Курбиново.

Штип - До крајот на летото се очекува поставување на камери на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, најави денеска од Штип, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на прашање на МИА дали ќе се постават камери на патните делници, бидејќи само за неколку дена во две одделни сообраќајни несреќи во источниот регион  загинаа четири лица.

-Во однос на поставувањето на камери коишто ќе овозможат на тој начин електронски да се заврши практично контролата во овој дел, не само на автопатиштата, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект. Јас очекувам дека можеме некаде до крајот на ова лето да биде инсталиран системот и да се започне со тој вид на контроли со тоа што нема да биде и постојниот начин на контролирање на безбедноста во сообраќајот запоставен. Напротив, сите многу активно ќе се вклучиме во овој дел, вели Спасовски.

Министерот за внатрешни работи појасни дека  целиот тој проект е генерално за да се опфатат сите делови.

-Да, да, сите делови на државата затоа што ќе постојат и фиксни и мобилни уреди коишто ќе можат да бидат поместувани на различни делови, не само на еден магистрален, регионален или, пак, автопат. Така што, идејата е да опфатиме што е можно поголема територија на државата и секако понатаму да има можност да тој проект се проширува и да се користи. Важно е дека на тој начин не само во делот на сообраќајот, туку и во делот на јавната безбедност ќе имаме можност поголема за да имаме поголем успех во ефикасноста во работењето, вели Спасовски.

Крива Паланка - Средства во висина од девет милиони денари од Бирото за регионален развој се инвестираат за изградба и асфалтирање на пат во кривопаланечкото село Кркља. Увид во работите на терен денеска извршија градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

-Во село Кркља интензивно се работи на изградбата на патниот правец во должина од1500 метри, локален патен правец кон маала „Џиковци" и „Тукарци". Изведени и завршени се земјените работи, во моментов се работи на изведба на пропусти за одводнување, по што следува тампонирање и асфалтирање за поврзување со постојниот асфалтен пат. Станува збор за инвестиција вредна девет милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени преку Биро за регионален развој за создавање услови за рурален развој, информира градоначалникот Митовски.

Ова е еден од двата проекти со вкупна вредност од 28 милиони денари што беа одобрени за Крива Паланка во Програмата за рамномерен регионален развој 2022/23 година од Советот за регионален рамномерен развој.

Според министерот Николовски со проектот „Создавање на услови за рурален развој во село Кркља преку изградба на локална патна инфраструктура“, ќе се овозможи користење на расположливото обработливо земјоделско земјиште за населението во Кркља, како и создавање предуслови за рурален развој, услови за отворање мали трговски фирми, зголемен процент на вработеност на локално ниво, а со тоа и подобри услови за економски развој на Општина Крива Паланка. 

Штип - На 14 јуни ќе бидат поднесени законските решенија од страна на пратениците за лицата, кои се практично фантоми, невидливи за системот, изјави денеска во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој одговараше на новинарско прашање, кога ќе се реши овој проблем за околу 700 лица во земјава, кои не можат да си ги остварат основните човекови права. Спасовски истакна дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија во коишто трајно ќе се реши целиот овој проблем.

Според информациите на институциите, пред се Собранието, нивното предвидување дека на 14 јуни сега ќе се поднесат законските решенија од страна на пратениците коишто се во консултација со сите пратенички групи и со институциите, значи МВР е вклучено во делот на експертската помош да се изготват овие законски решенија. Идејата беше преку таа отворена јавна дебата која што ја направивме во Собранието да сите пратенички групи бидат вклучени и на тој начин да го затвориме ова прашање. Тоа ќе биде добро за државата бидејќи конечно ќе се затвори еден процес и ќе бидеме една од првите држави коишто практично по потпишувањето на Конвенцијата за лица без државјанство ќе го разреши целиот овој проблем, вели Спасовски.

Росоман - Втор ден е блокиран регионалниот пат Градско - Прилеп, кај клучката за Кавадарци, со протест се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем ,,Тиквеш". Блокадата ќе остане до 14 часот, се пропуштаат итни случаи.

Учесници на протестот велат дека се револтирани поради проблемот со каналот за наводнување. Тие бараат најбрза санација, како и алтернативен начин за наводнување, додека се врши санацијата. Затоа што, како што нагласуваат, загрозени им се земјоделските култури и нивната егзистенција.

Претседателот на месната заедница Сирково, Веле Коцев за МИА информираше дека бараат  вонредна седница на совет на Општина Росоман, прогласување на елементарна непогода,  алтернативно решение за да се спаси сезоната. Блокадите ке траат до изнаоѓање на решение.

На протестот заедно со земјоделците е и градоначалникот на Росоман, Стојан Николов. Тој нагласува дека итно се бара изнаоѓање решение за проблемот.

Пред неколку дена, АД Водостопанство на Република Северна Македонија, ја информираше јавноста дека на 27 мај 2023, е детектирано оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради кое привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини.

Струмица - Со трибина „Библиотеката-темел на писменоста“ утре почнува 12-то издание на „Струмица опен фестивал“. Фестивалот ќе трае до 13 август со дваесетина настани на повеќе отворени сцени во градот.

Ова беше соопштено на средбата на градоначалникот Костадин Костадинов со организаторите на Фестивалот, а беше презенетирана и програмата, која годинава ќе се одвива под мотото „Фестивалска магија цело лето“.

-„Струмица опен фестивал“ ги задржува традиционалните настани кои се одржувaaт секоја година, но тие ќе бидат надополнети и со нови и креативни содржини. Убеден сум дека и годинава овој фестивал ќе го привлече вниманието на граѓаните од нашата општина, но и на оние од соседните општини,рече струмичкиот градоначалник.

Деталната програма ја образложи Томи Печков од „Струмица опен фестивал“, кој истакна дека сосдржиниоте се од различен карактер од облaста на музиката, културата, литературата, спортот и рекреацијата, проекција на филмови, а концертните денови е планирано да се одржат од 10 до 13 август со настапи на музички ѕвезди од земјава.

Тетово - Тетовскиот суд денеска изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за пожарот во Модуларната болница во Тетово. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Осудените добија казна една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.

Заедно со Вучевски и Клиничка болница е ослободена за делото „непостапување по здравствени прописи".

На Клиничката болница и е изречена парична казна од еден милион денари.

Неготино - Се обновува автопатската делница Демир Капија - Неготино во должина од 15 километри, со инвестиција од девет милиони евра, обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Во увид  на работите на терен денеска беа премиерот Димитар  Ковачевски, министерот за транспорт и врски  Благој Бочварски и директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми. 

Премиерот изрази задоволство, што градежните работи се одвиваат според утврдената динамика. Според договорот за проектот, рехабилитацијата на патот треба да заврши до април следната година, а премиерот очекува рокот да биде испочитуван.

Ковачевски подвлече дека ова е една од делниците од трансевропскиот Коридор10 и претставува важна врска со Европа. Реализација на овој проект, додаде, освен што значи придонес во транспортното поврзување, ќе обезбеди и безбеден сообраќај за граѓаните. Влогот во патната и железничката инфраструктура е влог во трајни добра, нагласи тој, што значат, не само модерни патишта, туку и регионален развој и раст на економијата. 

Дебар – Во рамки на залагањата на општина Дeбар за подобрување на условите за работа на Територијалната противпожарна единица, интензивно се работи на реализацијата на проектот за целосна реконструкција на објектот каде што е сместена единицата.

-Објектот е изградена во 1953 година, кога почнал да функционира како противпожарен дом. Самиот факт што се работи на објект изграден пред седум децении јасно покажува во какви услови функционираше единицата. Со овој многу значаен зафат ќе биде сменет покривот, прозорците, вратите, електричната и водоводна инсталација, како и други активности, со што ќе се добијат потребните услови, вели градоначалникот Хекуран Дука.

Додава дека ова е овозможено со финансиски средства добиени од Центарот на југозападниот плански регион во програмата за енергетска ефикасност, вреден 80 илјади евра, а свој дел има и опшината.

 Тој не го крие задоволството од ефикасноста на единицата, но изразува незадоволство од соседните општини, каде истата интервенира но од каде не добива средства.

-Многу сум задоволен од ефикасноста на единицата и од посветеноста на 14 пожарникари. Но, сакам да го нагласам незадоволството кое го чувствуваме кон општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше во врска со неисплатата на средствата за единицата. Моментално само за 4 пожарникари платите ги покриваат централните институции, додека 10 директно од локалната власт. Двете општини до сега воопшто не партиципираат иако нашите пожарникари интервенираат и на нивна територија, додава Дука.

Тетово –  На Попова Шапка вчера се одржа петтото издание на трката во екстремно планинско трчање „Титов врв скајрејс“ на која во женска конкуренција победничката Елена Ртоска постави нов рекорд. Таа за три часа и 12 минути ја истрча патеката долга 20 километри од Попова Шапка до Титов врв и назад.

Второто место го освои Сања Најдовски (3 часа 49 минути), додека трето место Ивана Пекевска (4 ч 17 мин.)

Во машка конкуренција прв беше Дејан Ангелоски (2ч 29мин.), второ место Сашо Богојевски (2 ч 56 мин) и третопласиран Никола Илиевски (2 ч 58 мин.)

- И покрај неповолните метео услови на стартот се појавија 37 натпреварувачи, а 32-ца успешно ја завршија трката. Победници по четврти пат во низа се Елена Ртоска овој пат со нов женски рекорд на патеката од 3 часа 12 минути и Дејан Ангелоски со резултат 2 часа 29 минути. Со старт од Попова Шапка натпреварувачите совладуваат 20 километри и околу 2000 висински метри движејќи се по гребенот (зимската патека) до Титов Врв 2.747 мнв и назад, информира Александар Кирковски од ПК „Македон“.

Во соработка со Федерацијата на планинарски спортови натпреварот беше и државно првенство на Македонија во скајранинг за оваа година.

Битола - ЈП „Стрежево“-Битола подготвени ја почнаа сезоната за наводнување на 20.200 хектари земјоделски површини во Пелагонија, изјави генералниот директор на претпријатието, Методија Граматковски.

ЈП „Стрежево“ во моментов во акумулацијата има околу 100 милиони метри кубни вода и тоа гара­­­нтира навремено и квалитетно во­до­­­снабдување на земјоделските површини во Пелагонија, водоснабдување на населението преку ЈКП Водовод на оп­ш­ти­ните Би­тола, Могила и Новаци, како и покривање на потребите за водоснабдување на РЕК Би­т­ола, ЗК Пелагонија и локалните индустриски капацитети.

-Апе­­лираме за рационално и внимателно користење на водата како ресурс. Потсетуваме, земјоделците имаат обврска да склучат договори за снабду­вање со вода за наводнување со Стрежево, а воедно ги продолжуваме теренските акти­вности за контрола на површините опфатени со системот за наводнување, посочи Граматковски.

Од ЈП „Стрежево“-Битола информираа за инвестициите во водостопанската инфраструктура, собирање, акумулирање и испорака на вода.

-Во изминатите години извршивме рехабилитација на главни цевководи во Могила, Бистрица, Егри, Жабени и Кременица и делнични цевководи со различен профил на цевки, хидромеханичка опрема, санација на свлечиште на главен канал кај село Драгарино како и нови цевководи во Лисолај и Породин со што го прошируваме и хидросистемот. Вкупните инвестиции изнесуваат над 80,5 милиони денари. Во оваа 2023 година само во првото полугодие имаме вложено во главните и делничните цевководи, опрема на цевки и хидромеханичка опрема. Овие успеси се резултат на фактот дека во изминатата година имавме најголеми приходи од основањето на претпријатието, а расходите ги намаливме на минимум. Кога ќе ги ставиме на хартија реалните приходи и расходи, 2022 ја завршивме со биланс на успех од околу 28 милиони денари во позитива. Но, ако не беше пресудата на Апелациониот суд од Битола за спор со ЗК Пелагонија од 2015 година каде исплативме 76 милиони денари, билансот на успех ќе беше многу, многу подобар. Инакуно во првото тромесечие од оваа година, претпријатието има позитивен биланс од околу 10 милиони денари со исплатени обврски, нагласи Граматковски.

Делчево  - Невладината рганизација „КХАМ" од Делчево започна со реализација на проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните". Проектот е дел од програмата на СМАРТ Балкан и има цел да ги приближи овие служби до граѓаните за да имаат поефикасно и поефективно работење.

За таа цел, како што информираше координаторот на проектот Зоран Биковски, веќе е закажана и првата работилница на која своето работење ќе го претстават вработени во Образовниот, Управниот и Трудовиот Инспектор. 

-Целта на проектот да се приближи работата на самите инспекциски служби кои што постојат на локално ниво, без разлика дали се работи на општинско ниво или во подрачни инспекциски  служби. Значи да се приближи до самите граѓани, се со цел да можат да поднесуваат пријави и претставки за да нема судски процеси и на тој начин да обезбедиме владеење на правото, рече Биковски.

Велес  - Општина Чашка изминатиот викенд во  селото Горно Јаболчиште започна со  градежните активности за реконструкција на главната улица, со финансиска поддршка на Бирото за регионален развој со вкупна вредност од околу 6 милиони денари, информира градоначалникот Горан Стојановски.

Тој појасни дека во наредниве два месеци ќе се асфалтира главната улица на потегот од мостот до после селската Џамија како и краците на улицата до училиштето „Лирија“ и кракот кој води спрема резервоарот за вода.

Изведувач на проектот е фирмата ОСД -Скопје.

-Апелираме на разбирање  до жителите од Горно Јаболчиште заради градежните затоа што во одредени периоди од денот сообраќајот по главната улица ќе биде наизменично и соодветно регулиран,појасни Стојановски.

Воедно најави дека локалната власт годинава  интензивно  ќе продолжи со градежната офанзива.

- Целта e  подобрување на патната, комуналната и останатата инфраструктура на месното население во општина Чашка,потенцира Стојановски.

Остани поврзан