МИА Општински пул
- 3 септември 2025
3 септември 2025
Куманово - Националната установа Музеј - Куманово, денеска организираше отворен ден во чест на раѓањето на народниот херој, Христијан Тодоровски Карпош во Куќата - музеј на херојот во Куманово. На 3 септември се одбележуваат 104 години од раѓањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош (1921 - 1944). Ученици и граѓани денеска бесплатно ја разгледаа постојната музејска поставка, стручните лица објаснија за животот и делото на Карпош и неговата борба за слобода и за историското значење на херојот.
- Концептот на постојаната музејска поставка во Куќата - музеј има за цел да се следи животот и делото на народен херој Христијан Тодоровски Карпош, кој е еден од осумте народни херои на нашиот град кој го даде својот живот во народноослободителната борба на македонскиот народ за остварувањето на вековниот идеал - стремеж, за ослободување на Македонија и создавање на своја држава. Кога го прашале соборците како да го викаат, укажувајќи -„Сите ние носиме псевдоними … кажи како тебе да те викаме“. Христијан се присети на Карпош водачот на селското востание и потоа одговорил: „Јас, јас ќе се викам Карпош“. Неговата борба за слобода остави траен белег во НОБ и посебно за Куманово и за Македонија, изјави директор и историчар Марија Живачки.
Куманово - Во кумановската касарна „Боро Менков“ во Куманово денеска беше одбележана годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
- Горди сме што Куманово е домаќин на вакви значајни настани кои ја потврдуваат важноста на регионалното и меѓународното партнерство и соработка, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој присуствуваше на одбележувањето.
На свеченоста присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генерал Георгита Влад, началници и нивни заменици од земјите партнери на командата на SEEBRIG, амбасадори и воени атешеа.
Скопје - Општина Ѓорче Петров започна со реализација на проектот за целосна реконструкција на спортскиот комплекс „Полјана“ во Хром, на површина од 1.450 м².
„Со овој проект ја продолжуваме визијата Хром да остане урбано и современо јадро на нашата општина. Инвестираме во спорт, рекреација и квалитетен живот за сите генерации. Стојам на зборот – продолжуваме со создавање на модерна инфраструктура за граѓаните на Ѓорче Петров,“ изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Проектот опфаќа изградба на ново фудбалско игралиште со вештачка трева, целосно ново кошаркарско игралиште со гумирана подлога, модерна фитнес-зона и ново уредено детско катче – игралиште за најмалите.
Куманово - Во кумановската касарна „Боро Менков“ денеска со свечена церемонија се одбележаа 26 години од формирањето на мултинационалната бригада SEEBRIG, како дел од процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM) – две клучни иницијативи кои го зацврстуваат регионалниот одбранбен дијалог и безбедносната соработка во Југоисточна Европа.
На свеченоста, министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање пред присутните високи претставници од земјите-членки, меѓу кои и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генерал Георгита Влад, нагласи дека SEEBRIG како една од најуспешните проекти во рамки на SEDM, во изминативе 26 години се докажа како најдобар инструмент за меѓусебно разбирање и развој на капацитетите на земјите членки.
-Работејќи заедно, рамо до рамо во регион кој секогаш се стреми кон мир, сигурно можеме да бидеме уште поефикасни во обезбедувањето безбедност и просперитет за нашите граѓани, рече Мисајловски. Тоа што во изминативе пет години Командата на Бригадата на Југоисточна Европа е лоцирана во Куманово, додаде тој, е јасен показател за нашата цврста верба во регионалната соработка која гради мостови и ги поврзува нашите вооружени сили.
Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски беше во посета на ООУ „Дане Крапчев“, каде што на учениците им ги подели бесплатните униформи, соопштија денеска од локалната самоуправа. Оттаму потенцираа дека бесплатни униформи се обезбедени за 6.800 ученици.
- Овој проект за првпат се реализираше во општина Гази Баба во 2023 година и истиот произлезе од изборната програма на градоначалникот Стефковски. Униформите се повеќе од облека. Тие се симбол на еднаквост и заедништво. Со нив, сите ученици се дел од една иста заедница, без поделби и разлики, се додава во соопштението.
Градоначалникот истакнал дека за семејствата, ова значи значајна поддршка на домашниот буџет.
Тетово - Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатото деноноќие мна подрачјето кое покрива СВР Тетово се приведени три лица од тетовско барани по потерници за издржување затворски казни.
Првото приведување е извршено вчера во 10 часот во Желино, каде бил приведен 25 годишниот Ш.С од Требош, баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик. Вечерта во 20 часот во с.Расадиште, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово го привеле И.А.(35) од тоа место.
Велес - Во изминатите четири години Велес доби неколку важни капитални проекти со поддршка од Владата, по повеќе од две децении конечно беше изграден новиот покриен Градски пазар на постоечката локација - најубав во земјава, граѓаните добија нов модерно уреден кеј на реката Вардар односно негово продолжување на изградба по две децении, а во тек е продолжување со изградбата на кејот на уште еден дел на што деновиве интензивно се работи. Завршено е уредувањето на централното градско подрачје со смарт елементи,пешачка зона и велосипедска патека,а во тек е изградбата и на подземна катна гаража.
На целата територија на Општина Велес беше променето уличното осветлување и е воспоставено паметно осветлување со 4695 нови лед светилки со систем за следење и контрола, а во тек е и постапката за проширување на опфат со дополнителни 500 светилки, најави градоначалникот на Општина Велес Марко Колев на синоќешната свеченост во паркот пред Општинската зграда презентрајќи го пред граѓаните и бројните гости сработеното со што го даде својот отчет од скоро четиригодишното работење. Воедно најави дека поради тоа што некои од уличните лед светилките се гаснат и повторно палат во наредниот период ќе работи и на замена на дотраената мрежа за улични светилки.
Кавадарци - Кавадарчанец возел со 2,04 промили алкохол во крвта, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
- Денеска во 1:15 часот на улица „Љубашка“ во градот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода В.М., на возраст од 41 година. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „фолксваген пасат“ со кавадаречки регистарски ознаки, под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,04 промили алкохол во крвта, појаснија од МВР.