• петок, 17 мај 2024
МИА Општински пул

9 април 2024 

Скопје - Видно ме вознемири веста дека гори Универзалната сала. Универзалната сала е синоним за сите луѓе, веројатно попрепознатлив и од старата железничка и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава, изјави поранешниот директор на Универзална сала Душко Поповски, кој денеска го посети објектот откако претпладнево избувна пожар.

За среќа, како што посочи, нема човечки жртви ниту повредени луѓе.

-Бев тука директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше и на граница на употреблива вредност, значи ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло повеќе од 40 или 50 години. Не работи веројатно последниве седум, осум години, меѓутоа од кога станав директор прва информација која што ја примив беше дека сличен објект или ист ваков, бидјеќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би било во случај на преполна сала, рече Поповски.

Скопје - По информациите за избувнувањето на пожарот во Универзална Сала градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веднаш се упати на терен. Пожарот е локализиран и не постои опасност за другите објекти, сподели тој. Герасимовски на социјалните мрежи известува дека според првичните информации во зградата немало никој и апелира да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации која е причината за настанување на пожарот, информираат од Општина Центар.

-Пожар избувна во Универзална Сала при што веднаш се упатив на терен. Во моментов екипите на противпожарната бригада го гаснат и пожарот е локализиран. Не постои опасност по другите објекти во близината. Според првичните информации немало никој во зградата, вели градоначалникот на Општина Центар.

Скопје -  Утре на верскиот празник Рамазан Бајрам, јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред, соопшти ЈСП Скопје.

Дежурни од 7 до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и во Ѓорче Петров.

Жичницата ќе функционира вообичаено, од 10 до 18 часот, при што од 17:00 до 17:30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17:45 часот е последно возење од врвот надолу.

Скопје  - Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме!


Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од Градот да потпише градба и продолжи било каква реализација. 

Скопје - Ставен е под контрола пожарот што избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот. 

На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје. 

Засега нема информации што е причината за пожарот.

Во Универзална сала во тек беа работи за нејзино реновирање

Скопје - Пожар избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје. Од Центарот за управување со кризи информираат дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот. 

На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје. Гори една од куполите на објектот.

Скопје - Во рамки на акциската контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возачи кои управуваат со возила со брзина поголема од дозволената, полицијата вчера казни 147 возачи.

Како што информираат денеска од МВР, од нив, 13 возачи управувале со возило со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а еден со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Скопје -  Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 135 мерки.

Од мерките, како што соопшти МВР, шест се за возење повеќе од дозволената брзина, 15 за возење без возачка дозвола, три санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 23 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците.

Скопје  - Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, е домаќин на вториот проектен состанок и обуката на наставници, во рамки на меѓународниот „Еразмус +“ проект - „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“, информираат од овој универзитет.

Состанокот кој започна вчера а ќе трае до петок, ќе се одржува во Тренинг центарот на УГД - Правен факултет.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Кавадарци - Млади од Кавадарци реализираа хуманитарен концерт за поддршка на семејство на самохрана мајка и нејзиното малолетно дете. Настанот се одржа синоќа во основното општинско музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале". 

-Во рамките на програмата ЦКА-ПХВ ( Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности), младите на Црвениот крст Кавадарци кои доаѓаат од ООУ „Тошо Велков Пепето", во соработка со музичкото училиште, го организираа хуманитарниот концерт во концертната сала. Средствата собрани од овој концерт и од други активности на овие деца кои се здружија под името,,Надеж“ ќе бидат наменети за купување на покуќнина и најпотребни работи на социјално загрозено семејство, како фрижидер, маса и слично. Учениците работат под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст, како и нивниот наставник од училиштето, Орхидеја Димовска, појасни Димитар Каракулев, претседател на кавадаречкиот Црвен крст.

Дебар - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека ноќта ги стишила двата пожара во Дебарско на границата со Албанија, а воздухопловна противпожарна поддршка на екипите кои дејствуваат по земја е во состојба на готовност по упатеното синоќешно барање од Општина Дебар. 

Согласно утринските информации од терен прво ќе се проценува за упатување дополнителни противпожарни (ПП) екипи од соседните општини, па потоа, ако се уште е потребно, за ПП поддршка од воздух.

Општина Дебар синоќа упати барање до ЦУК за поддршка во гаснење од воздух на двата се уште активни пожара, во реонот на селата Татар Елевци и Бомово. 

Скопје - Поради уличен дефект на ул. „Малешевска“ 191, денеска без вода ќе останат корисниците од оваа и од улиците „Румена Хаџипанзова“ и „Жарко Зрењанин“.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 10:00 часот до завршување на санација дефектот. 

Куманово  - Изгаснат е пожарот над липковското село Виштица, соопштија денеска од подружницата на „Национални шуми“ - Куманово.

Пожарот избувна пред неколку дена и зафати ниска вегетација и деградирана шума. Прво го гаснеа припадници на Територијалната противпожарна единица и на подружницата на „Национални шуми“. Поради непристапниот терен, пожарот се гаснеше неколку дена. Вчера бил изгаснат и денеска не е активен, информираа од кумановската подружница на „Национални шуми“.

Крива Паланка - Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, во Крива Паланка и Кратово одбележан со креативни активности, изложби и концерт.

Во организација на Европската куќа Крива Паланка беше поставена изложба и се одржа креативна работилница, а Националната установа центар за култура Крива Паланка синоќа го организираше концертот „Под сонцето“.

Дебар - Општина Дебар синоќа упати барање до ЦУК итно да помогне во гаснење, од воздух, на пожари што беснеат во близина на селата Татар Елевци и Бомово.

-Се обраќаме до Вас за помош во гаснење на пожарот кај селото Татар Елевци на надморска височина од илјада метри од градот Дебар каде е зафатена површина од 10 хектари со голема тенденција за ширење поради ниско стеблата шума. Исто така, потребна е помош и во гаснењето на пожарот во Бомово, каде пожарот беснее два дена, а каде се зафатени и костенови насади, стои во барањето.

При тоа се наведува дека ангажирани се 14 пожарникари, колку што брои дебарската Територијална противпожарна единица, од нив осумина во гаснење на пожарот во Татар Елевци, а четворица во Бомово.

 

Остани поврзан