• среда, 28 јануари 2026
МИА Општински пул

27 јануари 2026

Штип – Свлечиште од земја урна дел од потпорниот ѕид на Клиничка болница-Штип, по што оградата и земјата се свлекле врз две возила со скопска и велешка регистерска табличка.

Ката Крстевска од Велес, која утринава дошла на преглед во Клиничка болница во Штип вели дека го оставиле возилото и тргнале кон болницата и наеднаш само слушнале врева и виделе дека ѕидот паднал врз возилото.

- Паркиравме возилото и само што појдовме на нагорнината слушнавме и кога дојдовме, кога видовме тука страшно. Среќа се поправа, само да се живи и здрави децата, вели Крстевска. 

Охрид - Општина Охрид ќе постапи согласно дадените препораки од Државниот завод за ревизија по Извештајот изготвен врз основа на ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година.

Претходно ДЗР објави информација дека ревизијата на работењето на Единицата на локалната самоуправа - Охрид утврдила изведени градби и градежни активности без одобренија за градење, како и други неправилности и неусогласености во работењето.

„Општина Охрид ги прими забелешките од Државниот завод за ревизија по спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2024 година. Веднаш се преземени активности за постапување согласно дадените препораки, преку утврдување на конкретни мерки и задолжувања на надлежните институции и одговорните лица“, се посочува во одговорот од Општина Охрид.

Кавадарци - Кавадарци има околу 37 илјади жители и 7 илјади активни читатели во градската библиотека „Феткин“, каде денеска во присуство на амбасадорката Озлем Џанел, беше отворено холандското катче. Библиотеката постои 80 години, а збирката со книги од холандски автори преведени на македонски јазик, во ова катче, е донација од амбасадата. Ова е второ холандско катче во државата, надвор од Скопје.

Најпрвин, амбасадорката беше на средба со градоначалникот Митко Јанчев. Тој во изјава за медиумите, изрази задоволство од посетата и рече дека имале продуктивен разговор. Притоа потсети дека Холандија отсекогаш била поддржувач на нашата земја.

- Разговаравме за неколку проекти, што во иднина би можеле да ги промовираме, да ги доближиме до нашата општина. Во делот на превентива, заштита, социјала, подигање на културата, нагласи Јанчев.

Прилеп - Преку електронскиот систем на плаќање, Прилеп ќе го зголемува процентот на наплата на даноците за имот и на данокот за комунална такса и фирмарина. Сегашниот процент на наплата е блиску до другите градови, но не е на посакуваното ниво.

- Во  Прилеп се 26 330 даночни обврзници, физички лица за данок на имот, 342 се правни лица, а околу 3 500 се правни лица кои се даночни обврзници за фирмарина. За 2025 година процентот на наплата на данокот на имот е над 60 насто, а по основ на комунална такса за фирмарина е 45 проценти. Преку електронското плаќање очекуваме да се зголеми наплатата, зашто така наплатата ќе се олесни и на граѓаните кои се во странство за да ги подмират даночните обврски, вели Јованчо Шишковски, раководител на одделението за  даноци при локалната самоуправа во Прилеп.

Според досегашното работење, општината има над 55 милиона денари вкупен приход по основ на даноци. Но, од изминатите години остануваат ненаплатени 60 милиона денари за  данок на имот и околу 50 милиони денари по основ на комунална такса за фирмарина. Дел средства се застарени  за наплата. 

Комплетно, обврските за данок на имот ги имаат завршено над 10 000 даночни обврзници физички лица и над 300 правни лица. 

Куманово - Поради последните врнежи во регионот, зголемен е водостојот на Кумановска Река, Пчиња и Крива Река, соопштија денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.

- Регистриран е прилично висок водостој и ќе биде висок во наредните часови, но до крајот на денот треба да се намали. Зголемен водостој има и на река Пчиња и Крива Река. Иако, со зголемени водостој, во моментов состојбата со излевање на водотеците низ земјава е стабилна и така се очекува да продолжи до крајот на денот, соопштија од Управата.

Претходно, од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ информираа дека навреме ги детектирале и санирале  критичните точки за да спречат излевање на реките од коритата во кумановско. Активности биле реализирани и во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и во селата Јачинце и Клечовце. Формирани се заштитни бедеми, а исчистени се и делови од речните корита во Табановце и Горно Коњаре, на реката Коњарка.

Дебар - Полициските службеници од полициската станица за граничен надзор и граничен премин Блато на македонско-албанската граница кај Дебар минатата година откриле повеќе кривични и прекршочни дела во споредба со претходната година.

- Во текот на 2025 година полициските службеници од полициската станица за граничен надзор и граничен премин Блато открија 15 кривични и 32 прекршочни дела, што е за три, односно 16 дела повеќе во споредба со претходната година - изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид, за МИА.

Додаде дека станува збор за сторени кривични дела шверцување, фалсификување исправи и шверцување добиток, при што запленети се 29 грла крупен добиток при обид за шверцување преку државната граница, потоа давање поткуп, како и по други основи.

- Минатата година од слобода лишени се 22 лица, или 15 повеќе од 2024 година, а приведени биле 7 лица поради нелегален премин на македонско-албанската граница или пет лица помалку во споредда со претходната година - посочи Димоски.

Скопје - Општина Кисела Вода и Националниот оркестар за џез музика потпишаа Меморандум за соработка, со кој се прошируваат културните активности на територијата на општината.

Меморандумот го потпишаа градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски.

Со договорената соработка се предвидува реализација на концерти, музичко-сценски настапи, работилници и едукативни програми, со цел збогатување на културната понуда за граѓаните.

Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека целта е културата и уметноста да бидат поблиску до секој жител на Кисела Вода, нагласувајќи дека соработката ќе овозможи повеќе квалитетни и современи културни содржини, со посебен фокус на младите музичари и љубителите на џез музиката. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалник на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска поставија камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во населеното место Железара. 

Премиерот Мицкоски им честиташе на градоначалникот Стефковски, на советниците, на администрацијата од Општина Гази Баба, на пратениците, на министерката, на Министерството за образование и наука за посветената работа при реализацијата на овие проекти, кои се многу значајни во развојот на децата и нивниот образовен процес.

- Очекувам уште многу вакви проекти кои во периодот што следи ќе бидат реализирани. Да го испорачаме она коешто сме го ветувале. Тоа е суштината на политичарите, нагласи Мицкоски. 

Остани поврзан