МИА Општински пул
- МИА Општински пул
25 ноември 2025
Тетово - По наоѓањето на безживотното тело на 42 годишник од Тетово вчера во близина на селото Нераште, Јавното Обвинителство соопшти дека по извршениот увид се дадени повеќе наредби со цел да се расчисти смртта за која првично има сомневање дека е резултат на кривично дело. А.Б. (42) беше најден во возило, облеан во крв во главата, а на предното автомобилско стакло забележана е дупка од куршум.
-Извршен е увид на лице место, дадени се повеќе насоки и наредби со цел откривање на сторителите поради сомненија дека смртта е резултат на кривично дело. Дадена е наредба за обдукција, наредба за подигање на возилото и други траги од лице место на кои ќе се врши вештачење, наредба за обезбедување на снимки од видео надзор, како и други докази. По наредбите се постапува, соопшти денес Јавното обвинителство.
Во неделата околу 18 часот сега починатиот А.Б. (42) излегол од дома и не се јавувал на телефонските повици на неговата сопруга Б.Б. (33) која вчера во 2 часот го пријавила случајот во полиција.
СВР Тетово информираше дека вчера околу 16:15 часот во ниви во атар на село Нераште полициски службеници од Полициско одделение Теарце забележале паркирано возило „ауди“ со тетовски регистерски таблици, каде имало машко лице без знаци на живот. По увидот од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово било потврдено дека се работи за А.Б. од Тетово.
Куманово - Поради сомневање за кривично дело „злоупотреба на службена должност“ МВР во координација со ОЈО Скопје спроведува акции со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, соопшти денеска Јавното обвинителство.
- Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност, потврдија од Јавното обвинителство.
Оттаму најавија повеќе информации по завршување на акцијата.
Гевгелија - Општина Гевгелија за студиската 2025/2026 година ќе додели пет стипендии на студенти-жители на општина Гевгелија, запишани на медицинските факултети - отсек Општа медицина во Република Македонија, кои запишале прв семестар во студиската 2025/2026 година, па се до завршување на студиите доколку се редовни студенти.
Според одлуката, Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на Општина Гевгелија ќе распише Јавен конкурс, а доставените пријави ќе се разгледуваат според Правилникот за услови, критеируми и правила за доделување стипендии.
- Износот на стипендија по студент изнесува 6 илјади денари месечно и се доделува десет месеци во времетраење на една академска година, шеесет месеци во текот на шест академски години (12 семестри). Средствата за стипендиите се обезбедени од буџетот на Општина Гевгелија, а ќе се исплаќаат врз основа на склучен договор за стипендија, стои во информацијата од локалната самоуправа.
Куманово - Сашо Томиќ е нов директор на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ - Куманово. Тој доаѓа на местото на Ненад Стојановски, кој осумнаесет месеци ја извршуваше функцијата.
- „Чистота и зеленило“ информира дека на функцијата вршител на должност директор е назначен Сашо Томиќ. Му посакуваме успешно работење, професионални достигнувања и континуирани резултати во интерес на граѓаните и на нашето претпријатие. На досегашниот директор Ненад Стојановски му упатуваме искрена благодарност за досегашниот ангажман и му посакуваме многу успех и среќа во понатамошната работа, информираа од претпријатието.
Томиќ веќе 34 години е вработен во претпријатието на повеќе позиции, последната - советник на директорот на човечки ресурси, а претходно бил раководител на центарот за наплата и раководител на комерцијалната служба. Тој е дипломиран социјален работник.
Кочани - Во Клубот на пратеници – Скопје вчера се потпиша договор за соработка помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, Општина Кочани и ЈОУДГ „Павлина Велјанова“, информираат од локалната самоуправа.
-Со овој договор во Детската градинка „Павлина Велјанова“, во учебната 2025/26 година ќе бидат згрижени деца Роми, од 3 до 6 години во рамките на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“, се наведува соопштението од Општината.
Општина Кочани, се додава, стои цврсто зад вредностите на еднаквост, инклузија и достоинство.
Велес - Хуманитарен концерт ќе се одржи вечер со почеток во 18 часот во спортската сала на ООУ „Блаже Коневски“ во Велес, а со цел собирање парични средства за семејството Јовевски, чиј дом под Којник пред скоро еден месец беше целосно уништен во катастрофален пожар.
Тие привремено престојуваат кај роднини и пријатели, но итно им е потребно да ја обноват куќата и да се вратат дома. Концертот го организира Делчо Костов - претседател на здружението „Велешки акцијаши“ заедно со Сојузот на волонтери на „Акцијаши“.
Граѓаните може да купат билет и на самиот влез во спортската сала, цената е 100 денари.
Освен со билет, ќе може да се донира и во поставени хуманитарни кутии на самото место во салата, како и на жиро-сметката: 210501648880642 - Пандорка Јовевска, Тутунска банка.
Костов од здружението „Велешки акцијаши“ информира дека овој концерт го организираат за нивниот член - млад акцијаш Гоце, чија куќа целосно изгоре.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро денеска се наоѓа на котата 693.39 метри надморска височина или десет сантиметри над просекот за месец ноември.
Нормализирањето на водостојот секако е последица на обилните врнежи што го зафатија регионот изминатите денови. За споредба, пред само десет дена нивото на водата во еерото беше десет сантиметри под месечниот просек.
Температурата на водата денеска изнесува 13 степени Целзиусови или речиси идентично на просекот за ноември што изнесува 12,9 степени.