• вторник, 15 јули 2025
МИА Општински пул

20 јуни 2025 

Охрид - Возрасно женско лице смртно настрада во сообраќајна несреќа што вчера вечерта околу 22 часот се случи во центарот на Охрид. Според првичните информации, жената била прегазена на тротоар кога во неа удрило патничко моторно возило „Волксваген Голф“ со охридски регистерски таблички.

Несреќата се случила на кружниот тек на булеварот „Туристичка“ кај поранешниот Мини Маркет, кога возачот на „голфот“ преминал преку кружниот тек, ја пробил заштитната ограда, изгубил контрола и завршил на пешачката зона, притоа удирајќи во две лица. Тешко повредената 44-годишната охриѓанка им подлегната на повредите, додека нејзиниот сопруг после примената медицинска помош со телесни повреди своеволно ја напуштил болницата.

Струга - Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, денеска ќе ја чуе пресудата по предметот што против него се водеше пред Основниот суд во Струга, во кој тој беше обвинет за „несовесно работење во службата“ и нерегуларности при назначување вршители на должноста директори на основни училишта во струшките села Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Судијата Јордан Јованов, кој го водеше предметот на вчерашното рочиште на кое беа изведени завршните зборови на преставниците на Основното јавно обвинителство и на застапникот на одбраната, најави дека пресудата по предметот ќе ја соопшти денеска, откако темелно ќе ги прочита и оцени уште еднаш завршните излагања на двете страни.

Крива Паланка - За синоќашното стенд-ап шоу „Широк дијафазон“ на Сашко Коцев, кој речиси два часа ја смееше до солзи кривопаланечката публика на отворањето на програмата од „Кривопаланечко културно лето“ 2025, се бараше место повеќе.

Настапот на Коцев предизвика досега незапаметен интерес кај публиката која  уживаше во извонредниот, атрактивен и енергичен стенд-ап, со актуелни теми од општествените случувања, машко-женските релации, коментар на Коцев на неговото лично постоење и опкружување.

Тетово - Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ синоќа во Тетово одржа двочасовен концерт, во рамки на реализацијата на годишната уметничка програма на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ со поддршка на Министерството за култура и туризам. Концертот беше насловен „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, а публиката имаше прилика да види маестрални кореографии, живописни костими и звучни народни мотиви. 

-Вечерашниов настан не беше само концерт, ова беше еден поттик за меѓусебна соработка и љубов кон културата. Нашиот ансамбл не е тоа што е, без публиката, која вечерва беше наш „ветер во грб“ за уште поголеми наши успеси и достигнувања. Не ги штедеа дланките, аплаузот од нив беше најголемата награда за нас, истакна Весна Митевска, директорка на Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец”.

Скопје - Без струја денеска од 9:00 до 14:00 часот ќе останат корисниците во околината на објектот „Еквилибриум“ на улица „Руди Чајевац“ во Општина Аеродром.

Во периодот од 9:00 до 16:00 часот без струја ќе бидат дел од  корисниците од улица „Ванчо Мицков“, а од 10:30 до 14:00 часот дел од корисниците од улицата „Кнез Трпимир“ и населбата Трнодол, сите во Општина Карпош. Како што информира РЦУК-Скопје, прекините се поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа во Град Скопје.

Скопје - На 20.06.2025 во 00.40 часот на ул.„Осоговска“ во Македонска Каменица, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица го лишиле од слобода   И.И.(43) од село Косевица, општина Македонска Каменица.

При контрола на патниот сообраќај, соопштија денеска од МВР, полициските службеници сопреле патничко возило, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека му биле измерени 2,06 промили алкохол во организмот.

 

 

Остани поврзан