• сабота, 24 јануари 2026
МИА Општински пул

 23 јануари 2026 

Штип - Во третата недела од 2026 година, во Општина Штип пријавени се 110 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип. Во однос на возрасната дистрибуција, 85 лица се на возраст од 15-64 години, 12 лицa се кај деца на возраст од 5-14 години, осум случаи и во возрасната група од 0-4 години и две заболени лица се пријавени во возрасната група над 65 години, информираат преку писмиено соопштение од Центарот за јавно здравје-Штип. 

Во соопштението се наведува и дека  бројот на пријавени случаи на грип и болести слични на грип оваа недела бележи зголемување за 16 отсто во однос на претходната недела.

Куманово - Советот на Општина Куманово даде согласност за измените и дополнувањата на ценовникот на услуги на ЈП „Пазаришта“, со што официјално се отвора можноста за воспоставување автопазар во просторот на поранешниот добиточен пазар, соопштија денеска од претпријатието. Идејата, според раководството на претпријатието, има за цел да донесе нови финансиски приливи, но и да воведе поголем ред во продажбата на возила во градот.

Директорот на ЈП „Пазаришта“ Суад Зејнулаху образложи дека иницијативата произлегла од интерната анализа и теренско истражување на претпријатието, како и од контакти со препродавачи на возила. Според него, Куманово како една од најголемите општини по население и со значајна гравитација од околните рурални средини има потенцијал да развие ваков тип пазар, особено за време на викендите и во летните месеци кога во градот престојуваат иселеници.

Неготино - Натпревар во дегустација на вина и ракии, произведени од индивидуални производители од општина Неготино, ќе се одржи и оваа година во рамките на одбележувањето на празникот на лозарите и винарите „Свети Трифун“.

Општина Неготино денеска ги информираше сите заинтересирани за учество на натпреварот дека рокот за поднесување мостри од бели, црвени и розе вина и ракии е до вторник - 10 февруари, од 8 до 16 часот во просториите на локалната самоуправа.

- Лице за контакт е Станоја Филиповски на прв кат во општинската зграда или на телефонскиот број 075/976-574. Поднесените мостри ќе бидат дегустирани и оценувани од страна на стручни лица-енолози, кои ќе одлучат кои вина и ракии ќе добијат признанија и награди за квалитет, појасни градоначалничката Марија Нацева.

Дебар - На граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница кај Дебар, минатата година регистрирана е рекордна фреквенција на патници, или над 40 отсто повеќе од претходната година.

-Во текот на минатата година, на влез и излез регистрирани се вкупно 1.426.336 патници, при што 732.259 се регистрирани на влез во нашата земја, додека 694.107 на излез. Во споредба со претходната година значи зголемување за над 40 отсто. Имено тогаш бројот на патници изнесуваше 834.355, од нив на влез 444.294 и на излез 390.061 патници, рече за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при последната посета на преминот оцени дека сè повеќе се претвора во вистински мост на поврзување за граѓаните кои патуваат на одмор во соседна Албанија, туристите што доаѓаат на бањско лекување, викенд престои или роднински посети и за други потреби.

Кавадарци - Во ОВР - Кавадарци вчера е пријавено дека во кавадаречката Општа болница со тешка телесна повреда бил донесен А.М., на возраст од 34 години од село Ваташа, кавадерчко.

Според пријавеното, тој се здобил со повредата додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

За настанот биле известени јавен обвинител и трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа од ОВР - Кавадарци. 

Дебар - Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против жител на Општина Маврово и Ростуше за вршење јавен превоз без поседување лиценца.

-Кривична пријава е поднесена против М.Р.(57) од  селото Скудриње, Општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид.

Додаде дека  на 16-ти овој месец при сообраќајна контрола извршена на улицата „Елена Ѓика“ во Дебар, полициските службеници го затекнале пријавениот како со возило „форд транзит“ врши јавен превоз во внатрешниот сообраќај без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен државен орган.

Кавадарци - Македонските вина се причина да станам вински презентер, гордо вели за МИА, словенецот Дејан Лепушек, кој веќе неколку години е промотор на нашите вина низ светот. Овие два дена е во Вински музеј Кавадарци, како презентер на работилница за развој на вински туризам и се обрати пред претставници на македонски фамилијарни винарии. Настанот е во организација на Wine Berry и Здружението на македонски семејни винарии, здружение со седиште во овој град.

- Виновник се токму македонските вина. Доаѓам од областа на металургија, долги години се занимавав со мојата металуршка професија. Бев менаџер во компанија. Во Словенија тогаш баш и не пиев вино. Не бев ни пробал, не знаев да купам, да бирам. Кога пред околу пет години одев на службени патувања баш во Македонија, се воодушевив, не можев да верувам дека постојат такви вина. Мојата сомелиерска работа започна тука, со вашите вина, презентирајќи за почеток, три македонски винарии во Словенија, откри тој.

Притоа сподели дека ја напуштил својата поранешна професија и веќе околу пет години се занимава со презентација на вина. Основно, македонски, но и од други винарии од светот.

Крива Паланка - Воден од хуманоста како главен мотив, младиот Наум Додевски што го извлече светиот крст од водите на Крива Река, заедно со тимот млади другари, ја донираше наградата што му беше доделена на деветчленото семејство Димитровски од Крива Паланка.

Младите момчиња кои годинава учествуваа во традиционалното фрлање по светиот крст во водите на Крива Река, а се дел од тимот на градоначалникот, Сашко Митовски, го посетија во неговиот кабинет каде ја искажале намерата за донирање на наградата. За време на средбата младите кои заедно со градоначалникот на празникот Богојавление - Водици влегоа во осветените води на Крива Река, донесоа одлука добиената награда од овој чин, да ја донираат на деветчленото семејство Димитровски од Крива Паланка, кадешто поддршката е најпотребна.

-Денес во кабинетот ме посетија храбрите момци од мојот тим, момците кои годинава го извлекоа светиот крст од водите на Крива Река. Со големо срце и без двоумење, тие решија наградата да ја донираат на семејството Димитровски, деветчлено семејство од Крива Паланка кое најмногу има потреба од поддршка. Овој гест преставува вистинска смисла на верата, не само храброст, туку и човечност, солидарност и грижа за другиот, рече Митовски.

Остани поврзан