• вторник, 27 јануари 2026
МИА Општински пул

27 јануари 2026

Штип - Во 2025 година во Штип се продадени 330 стана, а вкупната вредност им е 19 милиони евра, покажуваат анализите на Одделението за даноци при Општина Штип.

Најголем интерес, како што вели Драган Каров од Одделението за даноци при општина Штип, има за новите градби, но побарувачка има и за станови во постарите станбени единици. Ако пред неколку години во Штип станови купуваа турски државјани бидејќи студираат на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, изминатите две години становите ги купуваат иселениците и млади брачни парови од помалите градови или села во Источниот Регион. 

 - Во 2025 во Штип се продадени 330 стана, од кои 214 се нова градба. Вкупната вредност на продадените станови е речиси19 милиони евра, од кои 13 милиони евра се однесуваат на новите станови. Од вкупните бројки, две-третини се однесуваат на новите станови, и тоа се становите шот се градат во последните години - рече Каров.

Струмица - Надојдената вода од реката Тркања вчера попладне однесе 120 јагниња и 100 овци од шталата на Никола Колев во селото Костурино, лоцирана на местото „Шепово“.

Според сопственикот, се се случило за помалку од 10 минути, а надојдената вода влечела се пред себе.

- Од брзата и надојдена вода, која достигна над два метри, не успеавме да ја отвориме шталата и да ги извадиме јагнињата и овците. Штетате е голема. Во еден момент постоеше опасност и нас да не повлече водата, мене и брат ми Никола, но успеавме да се спасиме, раскажува Зоран Колев.

Тој денеска ја пријавил штетата во Општина Струмица, а загинувањето на јагнињата и овците го пријавил и кај другите надлежни служби, кои треба да излезат на терен и да ја утврдат висината на штетата.

Охрид - Секторот за внатрешни работи Охрид денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на Охрид.

Конкретно, ќе се проверува системот на автопатската делница Охрид-Кичево, помеѓу селата Горенци и Требеништа и помеѓу Ботун и Ново Село, во Општина Дебрца.

Предвидените активностите ќе се реализираат со почеток во 12 часот при што, на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.

Се апелира до сите учесници во сообраќајот на овој патен потег, да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници со цел, безбедно реализирање на планираните активности. 

Струмица - Обилните врнежи во струмичко засега не предизвикуваат поголеми проблеми, а единствено е забележано поплавување на дел од земјоделски површини и неколку дворови во селата Муртино и Сачево, информираа утрово од Регионалниот Центар за управување со кризи во Струмица.

Според информацијата оттаму, нивото на водите во реките се стабилизира, посебно на реката Тркања кој вчера преливаше пред влезот во Струмица, а екипи на ЈП „Плаваја“ од Радовиш работат на мостот на истоимената река меѓу селата Јаргулица и Покрајчево каде се регулира одвивањето на сообраќајот.

Во Валандово е излеана Калковска река преку регионалниот пат Валандово-Удово, но со интервенција на механизацијата се санира излевањето.

-Ангажирана е механизација на комуналните претпријатија за санирање на критичните места, а таму каде е потребно се поставува и песок, информираа од Регионалниот ЦУК во Струмица.

Кавадарци - Активирана е зимската служба во општина Кавадарци со цел да се обезбеди безбеден сообраќај за сите возила, информираше утрово кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

- Од раните утрински часови активирана е зимската служба, која работеше на расчистување и одржување на патните правци кон Михајлово и Витачево, со цел обезбедување безбеден и непречен сообраќај, соопшти градоначалникот.

Јанчев претходно информираше дека голем број посетители се рекреираат на чист воздух во вистинска зимска идила на Ски-центарот „Михајлово“. И самиот заедно со претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов, го посетиле „Михајлово“. 

Охрид – „Свето Богојавление 2026“ е насловот на документарниот филм што вечерва премиерно ќе биде прикажан пред јавноста.

Станува збор за заеднички проект реализиран од страна на Здружението „Богојавление Водици“ од Охрид, во соработка со Дебарско-кичевската епархија при МПЦ-ОА и Општина Охрид.

„Документарниот филм ‘Свето Богојавление 2026’, освен на главното случување, беше сниман и во неколку денови за време на подготовките на градот Охрид за големиот празник Богојавление Водици, со цел пошироко да се раскаже приказната и значењето на самиот празник, неговата големина и светлина во срцата на луѓето“, информираат од здружението.

Филмот е дело на Симјаноски Бојан, со музика на Горан Трајкоски. Филмот премиерно ќе биде прикажан вечерва од 20 часот на интернет-платформите YouTube, Facebook и Instagram, преку профилите на „Богојавление Водици“. 

Скопје - По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво. На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и Ансамблот - соопштија денеска од локалната самоуправа.

- Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамките на програмата за култура, Ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност - изјави градоначалникот Герасимовски.

Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.

Остани поврзан