МИА Општински пул
- 4 ноември 2024
4 ноември 2024
Битола - Во Битола денеска се слави 4-ти Ноември, денот кога пред 80 години градот беше ослободен од фашистичкиот окупатор.
Како што е познато, на денешен ден во 1944 година, борците на 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија во чии состав биле и борците на Седмата битолска бригада, победоносно марширале низ Битола, откако го ослободиле градот од окупаторот. За време на Втората светска војна, околу 270 борци од Битола и Битолско ги положиле животите за слободата на градот и според востановената традиција, претпладнево на Партизанските гробишта ќе биде положено цвеќе.
Празничната програма организирана од Општина Битола е во тек, синоќа се одржа традиционалната ноќна атлетска трка, а вечер во големата сала на НУ Центар за култура ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени годишните општински признанија, како и наградата за животно дело која годинава му припадна на доајенот на македонското глумиште, актерот Борис Чоревски.
Вечер во изложбениот салон на Офицерски дом ќе биде отворена изложба „Битола – слободна“ чиј организатор е битолскиот Архив, а празнични манифестации ќе бидат одржани и во наредните денови.
Охрид – Документарните филмови „Страсна Недела – Бигорски манастир“ на авторот Томе Љушев – Шпанец и „Охридско Езеро“ на Љупчо Паункоски ќе ја претставуваат земјава на Меѓународниот филмски фестивал што идната година ќе се одржи во англискиот град Бирмингем.
Филмот „Страсна Недела – Бигорски манастир“ на охриѓанецот Љушев беше избран за најдобар и ја освои Гран-При наградата, како и златна плакета за режија на 53. Државен фестивал на непрофесионален, аматерски филм што викендов се одржа во Скопје, во организација на Кино сојузот на Македонија.
Со златно одличје на Фестивалот се закити и филмот „Охридско Езеро“ на Паункоски посветен на старото кино во Охрид.
Инаку, Љушев на Фестивалот во Скопје доби и златни плакети за камера и за филмот „Вевчански карневал“ и за монтажа за филмот „ Од роуд Лада нива 1,6 вс Џипијада“. Паункоски пак златно одличје доби и за репортажата посветена на селото Селци во Малесија.
Скопје - Градоначалникот на Кисела Вода и тимот кој работи на спроведување на заложбите од глобалното Партнерство за отворена локална власт, каде оваа општина, како единствена од Македонија беше избрана за членка, одржаа работна средба со претставници од повеќе граѓански организации, информираат од општината.
Оттаму посочуваат дека целта на состанокот била давање препораки, сугестии и мислења за тоа како општината може да ја унапреди успешноста во работењето во областите транспарентност и дигитално учество и да биде уште поотворена кон граѓаните.
Имено, во рамки на Партнерство за отворена локална власт, како платформа која има за цел да овозможи здружување на локалните власти и граѓаните за да ги направат општините и управувањето со општините отворени, инклузивни и респонзивни на барањата на граѓаните, Општина Кисела Вода заедно со партнерите Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Центарот за младински активизам „Крик“, го развива првиот акциски план кој ќе се фокусира на две заложби: јакнење на транспарентноста на општината и зголемување на дигиталното учество на граѓаните во процесите на општината.
Битола - Дејан Младеновиќ, камерман од Битола е годинашен добитник на наградата на Општина Битола - Плакета за најдобра камера на Интернационалниот фестивал на аматерски непрофесионален документарен филм „Камера 300“. Младеновиќ наградата ја доби за документарниот филм посветен на новинарот Димче Миновски, а чиј автор е Шенол Мемиш.
Организаторот на ФАДФ „Камера 300“ додели посебни награди за аматерски филмови, за најдобра репортажа, режија, монтажа, сребрен медал на УНИКА, плакета за идеја „Стево Сидовски-СИДО“, како и специјални награди плакети за автори од државата и странство.
Интернационалниот фестивал на аматерски непрофесионален докуметарен филм „Камера 300“ секоја година се одржува во рамки на празничната програма за Денот на ослободувањето на Битола, финансиран е од Агенцијата за филм и е поддржан од локалната самоуправа.
Скопје - По повод 3 Ноември, Денот на општина Гази Баба се оддржа свечена академија на која се обрати градоначалникот Бобан Стефковски, кој обраќајќи се пред присутните, се осврнал на постигнатите резултати во изминатите три години од неговиот мандат, како и за плановите за престојната година.
-За да може да се направи разлика и да се даде оценка на времето кое е сега зад нас, потребно е да се вратиме на почетокот во 2021 година кога го добив мандатот за градоначалник. Во моето обраќање на одбележувањето на денот на општината во 2021 година најавив нов почеток за Гази Баба базиран на четири постулати- да нема населено место во Општина Гази Баба без чиста вода за пиење, даа изградиме нови училишни спортски сали и нова училишна зграда за општинското основно училиште Крсте Мисирков, да изградиме детски градинки за дечињата од Инџиково, Керамидница, Трубарево и Сингелиќ и да изградиме спортски терени и детски катчиња во сите населени места, рекол градоначалникот на Општина Гази Баба.
Според него, најдобриот начин да се предвиди иднината е неа да сами да ја креираме.
Пред три години кога ги поставив овие четири постулати, одлучив на себе да го превземам товарот за конечно да ги решиме децениските проблеми и да отвориме едно ново подглавје за нашата Гази Баба, истакнал Стефковски.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, се вели во неделниот извештај на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за период од 28 октомври до 1 ноември. Од испитани 198 примероци за физичко-хемиска и 198 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во град Скопје, сите одговарале на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
ЈП Водовод и канализација – Скопје со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, го објавува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, кој е всушност прва лабораторија во државата која го акредитира своето работење според стандардот ИСО17025:2018.
Скопје – ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 28 октомври до 3 ноември, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 144 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, веелат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Охрид – Со средства обезбедени преку програмата на Министерството за култура за реализација на проекти од заштитата се спроведува реконструкција и адаптација на помошен објект до Магазата што е во склоп на музејскиот комплекс „Куќата на Робевци“ во Охрид.
Отпочнати се зафати за промена на кровот и кровниот покривач, промена на оштетените греди и нивно појачување, а поставен е и нов под од гранитни плочи.
На објектот ќе се работи и наредниот приод односно ќе бидат санирани внатрешните ѕидни платна како и промена на надворешнта столарија и освежување на фасадата во бела боја.
Реконструкцијата е во насока на подобрување на функционалоста на помошниот објект што служи како депо на археолошки наоди.