• четврток, 21 ноември 2024
МИА Општински пул

11 ноември 2024 

Битола - Амбасадата на Република Србија денеска во Битола ќе го одбележи 11 Ноември, Денот на примирјето, ден кој во светот се одбележува како ден кога заврши Првата светска војна.

На српските воени гробишта во Битола цвеќе ќе положат делегација на македонското Собрание составена од пратеничките Олга Лозановска, Бисера Костадиновска Стојчевска и Силвана Ангеловска, претставникот на Владата на Република Србија Зоран Антиќ, државен секретар во Министерството за труд, вработување и социјални прашања, српската амбасадорка во земјава Невена Јовановиќ и полковник Небојша Ѓорѓевиќ.

Според востановената традиција, српската делегација ќе ги посети и пелагониските села Добровени, Живојно, Бач и Скочивир, каде ќе одржат историски час, сеќавање за жртвите од воените дејствија во периодот од 1914 до 1918 година и 11 ноември, Ден на примирјето.

Скопје - Здружени екипите на Инспекторат на Град Скопје, Бригадата за противпожарна заштита, ЈП Комунална хигиена, ЈП Улици и патишта и ЈП Водовод и канализација Скопје, со цистерни и тешка механизација синоќа неколку часа ги гаснеа подметнатите пожари на депонијата во Визбегово. Веќе се локализирани и изгасени две од вкупно пет опожарени локации, соопшти прес службата на Град Скопје. 

Во текот на вчерашниот ден Инспекторатот за животна средина затекна сред палење депонии лица на повеќе локации за кои е изречена глоба и изготвен поднесок до соодветните институции за одговорност. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 25 сторители.

Од Град Скопје посочувата дека досега единствено тие реагирале, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но не се постапува иако имаат законска обврска.

Делчево - Пијанечко-Малешевскиот регион утрово е под снежна покривка која е најизразена на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчево. 

-Патиштата се проодни, а сообраќајот засега се одвива без проблеми. Апелираме да се почитува сообраќајната сигнализација и да се почитуваат условите на патот, истакнаа од подружницата на Македонија Пат.

Од делчевските воспитно образовни установи известија дека превозниците кои сообраќаат до училиштата во руралните средини навреме ја извршиле својата обврска.

Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во с.Тработивиште, како и на подрачјето на с.Ѕвегор во близина на Граничен премин Делчево.

Куманово - Куманово денеска одбележува 80 години од ослободувањето. Бројни настани и манифестации се одржуваат во текот на денот во организација на општината, меѓу нив положување на свежо цвеќе на Спомен Костурницата, свечена седница на советот на која ќе бидат врачени „Ноемвриските награди“. Годинава наградите ги добија Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, Агрон Фазлији, претседател на занаетчиската комора и Столе Димитриевски, голман на фудбалската репрезентација, како и НУ Музеј Куманово, „Форма Куманово“ и здружението „Крепост“.

Вчера со настап на повеќе од дваесетина македонски изведувачи во предвечерието на денот се одржа голем гонцерт за кумановската и македонската јавност. Претходно беше отворена традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2024“, во чест на празникот 11 ноември. На изложбата беа презентирани дела од 24 уметници. Секторот за култура и Фондацијата за култура и спорт од почетокот до крајот на месец ноември организираат бројни манифестации од областа на културата и спортот. 

Ова е денот кој е особено значаен во нашата македонска историја. На денешен ден, во 1944 година, борците од НОБ го ослободија Куманово од бугарскиот и германскиот фашистички окупатор. 80 години подоцна, Куманово расте и се развива во модерен град, град на различности и соживот, град на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било друга припадност. Наша обврска е да продолжиме заеднички по овој вистински пат. Нека ни е честит 11 ноември – Денот на ослободување на Куманово, им честиташе денеска на кумановци, градоначалникот, Максим Димитриевски.

Струмица - Големиот пожар кој избувна вчера попладне на планината Беласица на тешко достапен терен, веднаш над селото Смоларе, е локализиран и е ставен под контрола, информираа од ТППЕ Струмица.

Според командирот Александар Гудев, била зафатена високостеблеста шума на поголема површина, а во гаснењето на пожарот покрај пожарникари учествувале и тимови на „Македонски шуми“.

- Пожарот е локализиран и ставен под контрола и во текот на денешниот ден ќе се направат напори за негово целосно ликвидирање, изјави Гудев.

Според него засега догорува лисна маса, а во текот на измината ноќ екипа на ТППЕ Струмица составена од седум пожарникари и две против пожарни возила го гаснела пожарот и не дозволила негово проширување.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов исчистиле десетина диви депонии во скопските општини Чаир, Центар, Кисела Вода, Аеродром и Карпош.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, екипите чистеле на улица „Самоилова“ во општина Чаир, каде во непосредна близина на Музејот на современа уметност се подигнати приближно 15 кубни метри градежен отпад одложен на сообраќајна површина.

Во општината Центар се расчистени вкупно 10 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на неколку локации долж улицата „Орце Николов“.

На улицата „Февруарски поход“ во скопската општина Аеродром се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен органски отпад, додека на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае и на улицата „Московска“ во општината Карпош отстранети се 20 кубни метри кабаст отпад одложен на јавни површини.

Скопје – Санкционирани 194 непрописно паркирани возила во Општина Центар, во период од 4 до 10 ноември, информираат од ЈП „Паркинзи“.

Оттаму посочуваат дека во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје, минатата недела, со помош на специјалните возила „Пајак“, биле отстранети 194 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од ЈП ПОЦ соопштуваат дека заедно со Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територијата на општината. 

 

Остани поврзан