МИА Општински пул
- 23 јануари 2026
23 јануари 2026
Кочани - Карате-клубот „Партизан“ од Кочани иницира организирање меѓународен турнир во карате во чест на жртвите од трагичниот пожар што се случи на 16 март 2025 година во Кочани. По тој повод, денеска претставниците на клубот остварија средба со градоначалникот на општина Кочани Владко Грозданов, кој изрази целосна поддршка за иницијативата.
Според првичните најави, меѓународниот турнир ќе се одржи на 28 февруари и ќе го носи симболичниот назив „63 ангели“. Настанот ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од котизацијата на учесниците ќе бидат наменети за лекување на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“.
Се очекува на турнирот во карате да учествуваат екипи од земјите од Балканот и Европа, што ќе му даде меѓународна димензија на настанот и ќе ја пренесе пораката за солидарност и заедништво надвор од границите на државата.
Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека ваквите иницијативи се од особено значење за градот и за семејствата погодени од трагедијата.
Струмица - Еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре напладне на крстосницата пред ТЦ „Глобал“ организира протест против аерозагадувањето.
Во соопштението објавено на нивната фејсбук страница, се наведува дека повторно дошол денот кога се принудени да излезат на улица и да го искажат заедничкиот револт против аерозагадувањето.
-Властите се менуваат. Функциите се менуваат. Но едно нешто останува исто: ние и понатаму дишеме отров. Со години слушаме ветувања за „чист воздух“, „стратегии“, „мерки“ и „планови“. А што добивме? Ништо. Молк. Институционална негрижа, се наведува во повикот за протестот.
Од „Здрава котлина“ додаваат дека моменталната состојба во јужниот дел на градот е алармантна и изложеноста на граѓаните на ПМ честички е голема.
Охрид – Новоформираното Здружение на рекреативни риболовци „Охридски Рибари“ заедно со концесионeрот на рекреативната риболовна зона „Охридско Езеро“ од идната седмица ќе почне со издавање дозволи за рекреативен риболов на езерото за 2026 година.
Како што се посочува во соопштението од Здружението, секој што сака рекреативно да лови риба од Охридското Езеро нема да мора да плаќа дополнителни трошоци како членарина за Здружението, туку само да си обезбедни дозвола согласно однапред презентираниот ценовник.
Рекреативната зона „Охридско Езеро“ го опфаќа македонскиот дел од Охридско Езеро односно потегот од Свети Наум до селото Радожда, како и целиот слив на Охридско Езеро и тоа каналот Студенчишта, Коселска Река, Велгошка Река, реката Черава и нејзините притоки, како и Сатеска со сите нејзини притоки. Спортски риболов не е дозволен на водната површина на езерото определени како риболовни зони, како што се изворите кај „Свети Наум“, како и заштитените зони во езерото на кои е забранет риболов со Закон.
Прилеп - Филмот „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска денеска и утре ќе се прикажува во прилепското кино „Мис Стон“.
Визуелно силниот и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи ќе го види приепската публика која покажа голем интерес. Билетите се веќе распродадени.
„Прказната за Силјан“ постигна голем меѓународен успех и е откупен од „National Geographic“.
Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
Проекциите на филмот се денес и утре од 19 часот.
Кавадарци - ЈЗУ Општа болница со проширена дејност - Кавадарци доби 100 перници, 100 навлаки и 100 чаршафи, донација од „Home sweet home“.
Од кавадаречката Болница денеска изразија благодарност за покажаната општествена одговорност.
- Со оваа донација беа обезбедени 100 перници, 100 навлаки, 100 чаршафи. Оваа поддршка има големо значење за унапредување на условите за престој и грижа на нашите пациенти. Хуманите гестови како овој, директно придонесуваат за поквалитетна здравствена услуга, поголема удобност и достоинствен третман на пациентите. Ви благодариме за покажаната општествена одговорност, солидарност и грижа за здравјето на граѓаните. Заедно градиме похумано и подобро здравство, информираа од кавадаречката Болница.
Струмица - За 22 денови од оваа година до операторите на општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ пристигнале вкупно 55 пријави, а од нив најголем број-47 се за уличното осветлување, две за собирање смет и исто толку за водовод и канализација и по една пријава за општински инспекциски служби и паркови и зеленило, соопштија од Општина Струмица.
Пријавите се доставени до надлежните општински служби. Дел се решени, а останатите се во фаза на решавање бидејќи за нив е потребно повеќе време од 48 часа, а лани до овој сервис биле доставени вкупно 1.153 пријави, од кои најголем дел се решени.
-„Систем 48“ функционира 14 години и се покажа како корисен информациски, интерактивен систем на јавно достапните услуги на општина Струмица, кој предвидува решавање на проблемите на граѓаните во рок од 48 часа, се наведува во сопштението на локалната самоуправа.
Оттаму потсетуваат дека на бесплатните телефонски броеви 0800 148 48 и 076/484-848 граѓаните може да пријавуваат проблеми од областа на уличното осветлување, општински инспекциски служби, собирање смет, водовод и канализација, улици, патишта и тротоари, урбана опрема, паркови и зеленило, кучиња скитници и сообраќајна сигнализација. По пријавувањето, операторите во „Систем 48“ барањето на граѓаните ќе го проследат до надлежните општински служби, а во рок од 48 часа ќе добијат одговор, конечно решение или поведена постапка за решавање на нивното барање.
Кочани - Од 21 јануари 2026 година, Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани официјално е вклучено во Тимот за брз одговор (ТБО) за пожари на отворено, кој функционира во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Со потпишувањето на договорот, 16 обучени членови на ДПД Кочани ќе учествуваат во интервенции за справување со пожари на територијата на државата. Покрај човечките ресурси, на располагање на ДЗС и на државата ѝ се ставаат и шест специјализирани возила во сопственост на друштвото.
Од ДПД Кочани истакнуваат дека ова претставува значајно признание за досегашната работа, посветеноста и континуираната заложба, кои биле препознаени од надлежните институции, а довербата официјално потврдена со овој договор. --Ова за нас е дополнителен поттик за понатамошен развој и унапредување на капацитетите, како човечки, така и материјално-технички“, порачуваат од ДПД Кочани, најавувајќи дека активно работат на нивно зголемување и дека во наредниот период ќе споделат нови информации и активности.