• вторник, 17 декември 2024
МИА Општински пул

17 декември 2024 

Валандово - Општина Валандово од 23 до 27 декеммври во соработка со локалните институции организира новогодишен базар на Градскиот плоштад во Валандово.

Како што информираше градоначалникот Перо Костадинов на неговиот фејсбук профил, граѓаните ќе имаат можност да уживаат во одлична храна и топли пијалоци, дружење со Дедо Мраз, забава за деца со аниматори и изведувачи, како и програма за сите возрасти креирана од општинскте институции.

Костадинов упати повик до заинтересираните компании и поединци, кои сакаат да учествуваат во новогодишниот базар со изложба на сопствени производи, да се пријават во просториите на Општина Валандово најдоцна до 20 овој месец. 

Крива Паланка - Во Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа предновогодишен џез концерт, бесплатен за граѓаните, во изведба на Врачанскиот симфониски оркестар од Враца, Република Бугарија.

Кривопаланечката публика уживаше во концертната коледарско - божиќна програма од шеснаесет светски познати композиции под диригентската палка на Христо Павлов, во интерпретација на солистот Васил Петров, Зорница Иларионова виолина и Тања Лазарова, сопран.

Васил Петров е еден од најистакнатите машки пејачи од Бугарија, со прецизна вокална техника и уметничко присуство.

- Имате извонредна публика со истенчен вкус за музика и публика со одличен сензибилитет која расположено ги пееше заедно со нас рефрените. Тоа за мене и моите колеги е најголемиот подарок и повратен ефект што нѐ мотивира да работиме. Овој репертоар, наменет за празничните денови, без оглед на тоа што ние ги славиме Коледе и Божиќ во декември,а вие во јануари, наиде на прекрасен прием и овде, кадешто за првпат соработуваме со културна установа од Северна Македонија, а исто така, наидува на добар прием кај публиката кадешто сме настапувале во изминатите години, во Србија, низ Балканот, сѐ до Германија, рече Петров.

Посочи дека покрај овој празничен репертоар, годишно одржуваат бројни настапи низ Бугарија и регионот и со летната програма, како и со разни други проекти кои ги реализира со различни институции.

Велес - Со свечена академија во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско синоќа беше одбележан 16. Декември, Ден на Општина Градско. На свеченоста пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков.

Тој потенцира дека сето што го ветил е сработено и презентирано преку аудио-визуелен запис, кој го проследија сите присутни на свеченоста. Преку него беше информирано за изградба и реконструкција на многу улици во населените места во општината, реконструкција на водоводна мрежа, реконструкција на плоштадот во Градско и изградба на детски паркови во Градско и останатите населени места, како и за многубројните спортски и културни и други манифестации и настани  во Општина Градско во 2024 година.

-Дваесет и осум години Градско има статус на локална самоуправа. Постигнат е одличен резултат во многу полиња, но не го постигнав само јас и само Советот на Општина Градско. Го постигнавме заедно, граѓаните со својата инвентивност, предлози и укажувања, граѓанскиот сектор, со иницијативи и конкретни акции, бизнис секторот со донации и поддршка, меѓународни фондации и организации преку финансиска и едукативна поддршка со проекти  и пред се Владата, потенцира градоначалникот Нацков.

Берово - Водата за пиење во Берово е исправна. Информацијата денеска ја соопштија од Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ кое излезе со соопштение дека со добиените последни резултати од анализираните примероци, водата во Берово е исправна и може да се користи за пиење.

-Почитувани граѓани на општина Берово и населените места, Ве известуваме дека по добиените три последователни резултати од ЈЗУ Центар за јавно здравје Кочани од анализираните примероци вода , водата  е исправна за пиење, односно е согласно правилникот за барања за безбедност и кавалитет на водата за пиење, Сл.весник на РМ 183/18. Водата за пиење одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа, соопштија од претпријатието.

Изразија благодарност до граѓаните за разбирањето и трпението кое го имаа во изминатиот период, додека траеше забраната за користење на водата за пиење.

Анализите на водата во Берово претходно покажаа зголемено присуство на манган, поради што од страна на АХВ, Сектор за инспекциски надзор - ПЕ Берово беше препорачано да се користи само за техничка употреба.

Скопје - Родители на ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и жители на Аеродром утрово одржаа мирен протест пред училиштето со барање да се реши проблемот со небезбедната крстосница на улиците „Васко Каранѓелески“ и „Коста Новаковиќ“. Тие велат дека е сериозно загрозена безбедноста на учениците, родителите, жителите во оваа област, но и на останатите учесници во сообраќајот. 

Поради големиот број сообраќајни незгоди на улицата „Васко Карангелески“, во близина на ООУ „Љубен Лапе“, заради постојниот сообраќаен режим и изведбата на сообраќајницата, Советот на родители во повеќе наврати реагирал до надлежните власти и институции да се реши проблемот, но сѐ уште нема разрешница за безбедно користење на оваа улица.

Советот на родители апелира и бара релевантните и надлежни институции да донесат одржливо решение за овој проблем и да преземат мерки за зачувување на безбедноста на учениците, а и на сите учесници вклучени во сообраќајот на оваа улица.

Директорката на училиштето Фоника Станоева, изјави дека стои зад родителите во нивното барање, бидејќи, вели, секогаш е во интерес на децата, родителите и на сите вработени во училиштето.

-Во моментов ја гледате состојбата на раскрсницата, колку е сето ова небезбедно. Не смееме да дозволиме да се случи нешто на некое дете, па дури потоа да реагираме. Апелирам до сите институции и до Град Скопје во најбрз можен рок да го решат овој проблем. Решение има, само треба сето тоа да се забрза. Досега можеа да постават семафори овде затоа што децата поминуваат од сите страни, а освен одбележување, еве гледате немаме на кој начин да ги поминеме улиците, изјави Станоева за МИА.

Истакна дека како директор неколку пати таа и Советот на родители, како и Училишниот одбор се имаат обратено до Град Скопје, меѓутоа она што досега го добиле како повратен одговор е дека од Град Скопје се во тек со состојбата, и ништо повеќе.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги поканува граѓаните на вториот и завршен буџетски форум за 2025 година, што ќе се одржи денеска во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. 

Овој форум, посочува Герасимовски, претставува можност граѓаните активно да учествуваат во креирањето на буџетот, при што заедно ќе се разгледа и дефинира финалната листа на приоритети за следната година.

-Финалниот форум е шанса сите заедно да дискутираме за стратегијата за наредната година и да ги разгледаме нацрт-програмите за 2025. Преку овој вид транспарентност и отчетност, обезбедуваме поправеден и поодговорен начин на трошење на општинските средства, слушајќи ги приоритетите на нашите жители, порача Герасимовски.

На форумот ќе бидат презентирани капиталните проекти планирани за 2025 година, а граѓаните ќе имаат можност да предложат свои иницијативи и проекти. За оние кои немаат можност да присуствуваат, Општина Центар обезбеди онлајн анкетен прашалник, како и алатката „Мој Буџет,“ која овозможува транспарентен увид во проекцијата на приходите и расходите за следната година.

Остани поврзан