• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

17 декември 2024 

Скопје - Авиокомпанијата „Визер“ денеска објави дека почнува со продажба на билети за трите нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје до Барселона, Лион и Штутгарт.

- Како ТАВ Аеродроми, воодушевени сме што можеме да го објавиме враќањето на Барселона како дестинација за одмор од скопскиот аеродром од 3 мај 2025 година, на која ќе сообраќа Визер, особено затоа што тоа беше најпосакуваната рута од нашите патници. Дополнително, освен до Барселона, Визер следната година ќе ги воведе и Лион и Штутгарт како нови дестинации од скопскиот аеродром, што ќе биде предност за сите бидејќи со ова се проширува мрежата на дестинации од скопскиот аеродром, мапата на авиолинии на Визер, како и опциите за патување за секој авантурист. Преку ова проширување на мрежата на авиолинии, со нетрпение очекуваме и целиме кон понуда на поголема удобност и подобрување на поврзувањето за нашите патници со светот, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Турција, Фатих Улусој. На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Труција кои традиционалнo се пријателски и се значајни за двата народи, соопштија од Министерството за транспорт. 
 
На средбата се разговарало и за актуелните состојби меѓу двете земји, традиционалното пријателство меѓу државите и силната соработка.
 
Вицепремиерот Николоски истакнал дека Турција е значаен трговски партнер на Македонија и во таа насока Владата во континуитет работи на унапредување на условите за инвестирање во земјата.  

Скопје - Вонреден инспекциски надзор денеска врши ДСЗИ на Детската клиника за случајот со починатото седуммесечно бебе, потврди директорот на Инспекторатот во изјава за медиуми, Кирил Лазов.

-Да, во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознание за починато седумесечно бебе кое по искажување на актуелниот директор било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба, во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита, како и евидентирање, ние претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци, појасни директорот.

Скопје - Никој со сигурност не може да предвиди што ќе се случува со глобалната економија, Европа се соочува со предизвици и тоа, секако, ќе се одрази врз регионот. Но, засега, сепак, и покрај ситуацијата, посебно онаа во Германија, нема најави за отпуштања на работници, дури има и потреба од работна сила, велат претставниците на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

Тие денеска, пред состанокот во Скопје, порачаа дека е неопходно земјите од Западен Балкан целосно економски да се интегрираат и да ги елиминираат пречките за стопанска соработка. Нагласија и дека е добро тоа што инфлацијата на глобално ниво се движи околу три отсто, а во развиените држави 2,1 – 2,2 процента, како и дека не се очекува нејзино среднорочно или долгорочно покачување, што значи дека се пониски и каматните стапки, а тоа му оди во прилог на бизнисот.

Скопје - Реформата на јавната администрација е еден од главните приоритети во пристапното партнерство со Европската Унија, дел од првиот кластер – Основи, во согласност со новата Методологија за пристапни преговори. Но, овие реформи не се само обврска кон ЕУ, туку и обврска кон нашите граѓани. Наша цел е да изградиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација што нуди брзи и квалитетни услуги за сите.

Ова го истакнал министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.

Скопје – Директорката на Германската стопанска комора (АХК), Антје Ванделт вели дека вработените во германските инвестиции во земјава не треба да се грижат за своите работни места и порачува дека сегашната криза во Германија можеби е шанса за нас, бидејќи германските производни компании се во потрага по нови пазари.

-Јасно ни е дека актуелната состојба во Германија влијае и тука и буди многу прашања кај македонската јавност како економската криза во Германија ќе делува тука. Како Германска стопанска комора не ни е познато дека некој од германските инвеститори тука планира кратење на работни места. Овој период тие планираат да го искористат за тренинзи и обуки за своите вработени, но исто така и за да инвестираат во нови технологии и затоа организираат нова едукација за персоналот. Не радува дека германските инвестиции не се само во областа на автомобилската индустрија, туку има и други сектори каде што се инвестира и тие сектори не се загрозени. Во изминатата година имавме голем број на реинвестиции како во автомобилската  индустрија, така и во други сектори и затоа сметам дека нема потреба од грижа, изјави Ванделт на денешната средба со новинарите.

Скопје - Ако прекинеме со непродуктивните трошења, ако Владата се определи да им помогне на локалните самоуправи, да им даде евтини кредити на компаниите и да гарантира за нив за да поведат инвестициска активност, ако фирмите со намалување на банкарските камати во редовното работење добиваат таква шанса, ако капиталните инвестиции се дигнат на 800 милиони како што не биле досега и ако се проектираат дополнителни средства во Буџетот за економски програми кои лани биле 40, а годинава 80 милиони, тогаш можеме да очекуваме раст од 3,7 отсто, како што се прогнозира, рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.   

Азески, пред состанокот на Управниот одбор на Комораскиот инвестициски форум (КИФ) што се одржува во Скопје, порача дека земјава треба да одигра многу внимателно во 2025 година за да нема тешки последици. Добро е, оцени, инвестициската активност да биде поддржана од сите, а во функција на растот да се ангажираат и компаниите и локалните самоуправи и државата.

Скопје - Најголемите ризици од корупција на локално ниво се забележани во процесот на доделување и продажба на градежни дозволи, при јавните набавки и при доделување на Б-интегрираните дозволи, покажуваат резултатите од истражувањето во неколку големи општини спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) соопштени на денешната конференција „Заштита од корупција: Перспективи и решенија на локално ниво“.

- Широките надлежности што ги имаат општините наспроти нивните ограничени кадровски и финансиски капацитети ги прават да бидат особено ранливи на корупција. Во изминатите три години работевме на истражување и детектирање на ризиците од корупција, конкретно во осум општини во државата и тоа најголемите во осумте плански региони и констатиравме дека имаат сериозни ризици од корупција буквално сите во однос на спроведувањето на јавните набавки, во областа на урбанизмот како што е доделувањето на градежни дозволи, продажба на градежно земјиште, во однос на доделувањето на Б-интегрираните дозволи и приходите кои ги собираат од нив, во однос на тоа како управуваат со спортските објекти итн, вели Сабина Факиќ од ЦГК.

Скопјe - Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети денеска престојува во посета на Приштина.

Како што јавува косовски „Економија онлајн“, за време на посетата на Косово, на Ахмети ќе му биде врачен клучот на градот од страна на градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама.

Дел од медиумите во земјава утринава пренесоа Фејсбук-статус на извесен Исмет Сулејмани, наводно косовски бизнисмен, кој објави фотографија од средба со Али Ахмети во Приштина. Фотографирани се во кафуле.

Скопје - Секторот за борба против тероризам поднесе кривична пријава против четири лица до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Г.М. (21) од Гостивар е обвинет за создавање терористичка организација, додека Х.Б. (32) од Струга, Р.С. (38) и Т.М. (27) од Гостивар се обвинети за учество во истата организација. 

Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, Г.М. на почетокот на 2024 година формирал терористичка „ќелија“ со идеолошка матрица на ИСИС, со намера за изведување терористички акти на територијата на Северна Македонија. 

Дебар - Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел, организираат научна конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.

Научнaта конференција ќе се одржи на 19 декември (четврток), со почеток во 10:30 часот, во просториите на библиотеката „Битолски конгрес“ при Педагошкиот факултет во Корча.

- На конференцијата со свои излагања ќе учествуваат универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија. Во рамките на настанот ќе биде поставена изложба на фотографии и документи кои го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на Македонското друштво „Сонце“.

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека за него е неразбирлив молкот на претставниците на Владата на Србија поради воведувањето на политиката во средните училишта и ги критикуваше директорите на училиштата каде, како што тој рече, „ваделе малолетни деца“ од настава за да учествуваат на протести.

- Што прават директорите на тие училишта? Или се плашите од сопствената сенка па ме убедувате дека малолетните деца треба да се занимаваат со политика? Кои сте бре вие било чие дете да изведувате на улица? Студентите можат да прават што сакаат, полнолетни се, но што правите со децата, праша Вучиќ во Палатата Србија, каде што присуствуваше на седница на Владата на покана на премиерот Милош Вучевиќ.

Тој рече дека воведувањето политика во средните училишта не е дозволено со ниту еден закон никаде во светот, а нема да биде дозволено ниту во Србија.

Атина – Националната стратегија за заштита на малолетниците од дигиталната зависност беше главната тема на состанокот што денеска го одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри, а биле разгледани прашањата поврзани со имплементацијата и била нагласена важноста на учеството на родителите, но и едукацијата на децата во напорите за справување со негативните последици од прекумерната изложеност на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, владиниот план за справување со дигиталната зависност на децата, детално ќе биде презентиран на 30 декември.

-Беа разменети мислења и за иницијативите што Грција може да ги преземе на европско ниво, што ќе доведе до формулирање и поднесување на Повелба за дигитални права во Европската Унија, преку која ќе се кодифицираат правата и заштитата, особено на малолетниците, соопштија од кабинетот на Мицотакис. 

Никозија – Неформален документ од страна на Кипар, Австрија и Грција, со кој трите земји ја повикуваат ЕУ да игра активна политичка улога во сириската криза, за да се гарантираат правата на сите сириски граѓани, вклучително и малцинствата, претставил шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од Министерството за надворешни работи на Република Кипар, трите земји, исто така, ја повикуваат ЕУ на „тесна соработка со нејзините регионални партнери, а особено со арапските партнери, да работи на обезбедување во Сирија пристојни услови за доброволно, безбедно и одржливо враќање на сириските бегалци во нивната татковина“.

Брисел - Утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан нема да биде посветен на проширувањето на Унијата, туку на теми поврзани со Планот за раст на регионот, усогласеноста на западнобалканските партнери со заедничката надворешна и безбедносна политика, влијанието на руската инвазија врз Украина на нивните економии и со справувањето со миграцијата, па на собирот нема да стане збор прашања поврзани со преговарачкиот процес, како што се измените на Уставот на Северна Македонија, наведуваат извори од Европскиот совет. 

Ова прашање, сепак, би можело да биде покренато во рамки на расправата на Самитот посветена на помирувањето, иако таа дебата, според нив, не би требало да се поврзува со преговарачкиот процес. 

Истите извори посочуваат и дека Северна Македонија, како и останатите земји кандидати за членство, треба да работи на исполнување на критериумите утврдени со Преговарачката рамка, меѓу кои се и уставните измени. 

Брисел  – Советот на ЕУ ја поздравува определбата на новата Влада на Северна Македонија, која интеграцијата во Европската Унија ја прогласи за своја стратешка цел, но потсетува дека земјата се уште не ги спровела уставните измени на кои се обврза, се наведува во Заклучоците за проширувањето усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК). 

- Повторувајќи го повикот до Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени, Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата обврска, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка, се наведува во делот од заклучоците посветени на земјава. 

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон побара од новиот премиер Франсоа Бајру до крајот на денот да излезе со список на министри за новата влада во услови на зголемени меѓусебни тензии меѓу двајцата функционери.

Бајру вчера изјави дека планира да го објави составот на министри до крајот на оваа недела.

И покрај тоа, тој го обвини Макрон за какво било одложување на формирањето влада, додавајќи дека претседателот треба да биде во земјата за да го одобри изборот на министри, истовремено сугерирајќи дека Макрон има густ распоред на меѓународни активности.

Копенхаген – Данска го одби барањето на Јапонија за екстрадиција на активистот за борба против лов на китови Пол Вотсон поради кривични пријави кои датираат од пред повеќе од една деценија, изјави денеска дански адвокат што го застапува Вотсон.

Вотсон (74), кој е двоен државјанин на САД и Канада и основач на две групи за заштита на природата, беше уапсен во јули на Гренланд кога неговиот брод се закотви на данската автономна територија.

Јапонија распиша меѓународна потерница за апсење на Вотсон поради сомневање дека во 2010 година во Антарктичкиот океан неовластено влегол на јапонски брод, со што го нарушил неговото работење и предизвикал материјална штета.

Москва – Иља Поликарпов, помошникот на генерал-полковник Игор Кирилов, е вториот загинат во денешниот атентат врз рускиот генерал.

Игор Кирилов беше шеф на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана од 2017 година. Кирилов (54) е роден на 13 јули 1970 година во Кострома, западна Русија. Студирал на Вишата воена командна школа за хемиска одбрана Кострома, каде што дипломирал во 2007 година.

За време на неговиот престој таму, помеѓу 1991 и 1995 година, служел како командант на вод во Западната група на сили во Германија и Московскиот воен округ. По дипломирањето, тој зазеде различни позиции во руските нуклеарни, биолошки и хемиски одбранбени сили, за на крајот да стане началник во 2017 година.

Москва - Долниот дом на рускиот парламент денеска одобри нацрт-закон со кој се зајакнува владината контрола врз приходите на организациите и приходите на луѓето што Москва ги прогласи за „странски агенти“.

Рускиот закон бара секое лице или организација што добива пари од странство, како и секој за кој Москва верува дека е под странско влијание, да се регистрира како „странски агент“. Оваа ознака датира уште од советско време, има негативна конотација и носи со себе тешки бирократски барања.

Предлог-законот, кој Државната дума го усвои во третото и последно читање, бара од „странските агенти“ да ги префрлат сите приходи од продажба или закуп на недвижен имот и автомобили, како и каматите на депозитите и дивидендите на посебни сметки во рубли.

Лондон – Велика Британија нема да тагува за смртта на Игор Кирилов, соопшти Даунинг стрит 10.

Портпаролот на британскиот премиер изјави дека Кирилов „пропагирал нелегална инвазија и наметнал страдање и смрт на украинскиот народ“.

- Отсекогаш бевме јасни дека Украина има право на самоодбрана од илегалната војна на Русија, додаде тој.

- Како што рече премиерот вчера, Русија денес би можела да стави крај на овој конфликт. Руската агресија е таа што го предизвикува овој конфликт и постојаното страдање на украинскиот народ, додал портпаролот.

Женева – Директорката на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) за Блискиот Исток, Рема Џамус Имејсис, денеска изјави дека организацијата очекува околу еден милион сириски бегалци да се вратат во земјата во првите шест месеци од 2025 година.

Таа, исто така, ги повика земјите да не почнуваат процеси на присилна депортација на бегалците назад во Сирија.

- Се надеваме дека некаде околу милион Сиријци ќе се вратат помеѓу јануари и јуни следната година, па затоа го споделивме овој план со донаторите, барајќи ја нивната поддршка, рече Џамус Имејсис.

Мапуто – Најмалку 34 лица загинаа во циклонот Чидо во Мозамбик, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), повикувајќи се на податоци од националната агенција за вонредни состојби.

- До 17 декември 2024 година, се проценува дека 174.158 луѓе биле погодени од циклонот, 34 луѓе загинале, а 319 се повредени, се вели во соопштението на ОЦХА, цитирано од Институтот за природни катастрофи во Мозамбик.

Малиот француски остров Мајот беше најтешко погоден од циклонот, при што се верува дека илјадници луѓе загинале пред циклонот да продолжи кон Мозамбик, на источниот брег на јужна Африка.

Пекинг – Европска Унија да престане да ја клевети Кина без никаква фактичка основа, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џианг.

Неговата изјава уследи по вчерашните санкции од ЕУ против неколку кинески компании кои испорачувале воена опрема на Русија за нејзината војна во Украина. ЕУ вчера на црната листа стави четири кинески компании за наводно снабдување со чувствителни компоненти и микропроцесори за дронови на руската воена индустрија.

- Пекинг ќе преземе неопходни мерки за одлучно да ги заштити легитимните права и интереси на кинеските компании, истакна Лин.

Кардиф - Деменција е состојба на непрекинато опаѓање на функцијата на мозокот. Тоа може да влијае на помнењето, но и вештините за размислување, говор, разбирање и расудување. Затоа, важно е да се препознаат некои од најчестите симптоми.

Голем број луѓе се борат со деменција, но свесноста во општеството за тоа сè уште останува ниска. И покрај се почестите дискусии за менталното здравје, многу малку луѓе се свесни за предупредувачките знаци на деменција. Затоа, британскиот психијатар, проф. Ахмед Ханкир открива на кои симптоми треба да се обрне внимание, а тоа се: Заборавање работи, предмети или неодамнешни настани, губење нешта или нивно погрешно поставување, изгубеност и расеаност при одење или возење, проблеми во разговор, наоѓање зборови и тешкотии во извршувањето познати задачи.

Луѓето со деменција честопати се наоѓаат како бесцелно талкаат по улица, бидејќи се изгубени или не можат да ја препознаат својата околина, иако со години живеат во иста населба и улица.

Остани поврзан