• вторник, 17 декември 2024
МИА Флеш

17 декември 2024

Скопје – Се зголемува бројот на неажурни судови во државава, покажува Извештајот на Судски совет за работа на судовите во трет квартал од 2024 година. Според извештајот, како неажурни во третиот квартал се оценети Вишиот Управен суд, Управниот суд, Врховниот суд и сите апелациони судови, односно Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Штип, Апелациониот суд Гостивар и Апелациониот суд Скопје, како и повеќе основни судови, беше истакнато на денешната седница на Судски совет. 

Од Основните судови во Република Северна Македонија како неажурни се оценети, ОС Охрид, ОС Ресен, ОС Виница, ОС Делчево, ОС Струмица, ОС Свети Николе, ОС Граѓански Скопје, ОС Велес, ОС Гевгелија, ОС Кавадарци, ОС Крива Паланка, ОС Куманово, ОС Неготино, ОС Дебар и ОС Кичево. Додека, како ажурни се оценети ОС Битола, ОС Крушево, ОС Прилеп и ОС Струга, ОС Кочани, ОС Штип, ОС Радовиш, ОС Гостивар, ОС Тетово и Основниот кривичен суд Скопје, а за Основниот суд Берово нема податоци.

Скопје - Корупцијата ја поткопува безбедноста, а Обединетото Кралство ќе продолжи да го поддржува сето она што ја сузбива корупцијата не само во земјата, туку и во целиот регион, вели во интервју за МИА, британскиот специјален претставник за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич.

Во врска со проблемот со коруцијата, особено високата, последната акција на полицијата и обвинителството за злоупотреби во Државна лотарија, но и проширувањето на црната листа на САД до поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, Пич нагласува дека корупцијата не само што ја поткопува безбедноста, туку ги поткопува вредностите за кои за залагаме.

Скопје - Неопходно е да се обезбеди и почитува независноста и самостојноста на Уставниот суд, како впрочем и на целиот правосуден систем, во сите аспекти, констатирале претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.

Како што информираат од Судот, на средбата Костадиновски го информирал амбасадорот на ЕУ за актуелностите, но и за предизвиците со кои се соочува Судот во неговото работење во изминатиот период.

Тетово - Aмбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) Анџела Агелер немаше коментар по почнатите истраги и обвиненија кои се поведени против двајцата функционери откако нејзината земја ги стави на т.н црна листа како осомничени за корупција.  

На 9 декември Стејт департментот јавно ги назначи Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков. Два дена подоцна Обвинителството отвори предмет за двајцата поради обвинувањата за трговија со влијание и значителна корупција.

Скопје - Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, присуствуваше на конференција на тема „Дијалог на граѓанското општество меѓу Македонија и Бугарија, eкономски развој – трговија и инвестиции", информираат од Министерството. 

На настанот, заменик министерката Трајков ја истакнала важноста на економската соработка како клучен двигател за стабилност, просперитет и пријателство меѓу народите на Македонија и Бугарија. Таа нагласила дека економските односи не се само прашање на трговски бројки и инвестиции, туку и основа за зајакнување на довербата и блискоста меѓу двете земји.

Скопје - Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби непосредно пред полициската акција поврзана со проневера од над 8,2 милиони евра во Државната лотарија, заедно со стопанственик со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово. 

Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, како што дознава Телма од извори на истрагата, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.

Скопје - Во текот на последните 24 часа на бројот за итни случаи 112 се регистрирани вкупно 1.814 повици. Од нив „реални“ повици биле 1.002 , а остантите 812 биле за други потреби на граѓаните кои не биле итни, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Кон полицијата биле упатени 197, кон итната медицинска помош 75, кон пожарникарите шест и кон ЦУК 14 од вкупно примените повици во изинатите 24 часа.

Скопје - Полициски службеници од СВР Скопје вчера ги лишиле од слобода А.А.(27) и еден малолетник, двајцата од Скопје.

Како што соопшти денеска МВР, тие се сомничат дека околу 13:00 часот во филијала на една банка на подрачјето на Чаир се обиделе за извршат разбојништво, при што од огнено оружје испукале неколку куршуми кон блиндор стаклото, но не повредиле никој. Веднаш потоа, во близина на местото бил затекнат А.А., а по преземени мерки бил пронајден и малолетникот и кај него бил пронајден нож.

Брисел - Европската Унија и Албанија денеска во Брисел ја одржаа третата Меѓувладина пристапна конференција на која официјално беа отворени преговорите по Кластерот 6 - „Надворешни односи“. 

Во рамките на овој Кластер се поглавјата 30 – „Надворешни односи“ и 31 – „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“. Ова е втор кластер од преговарачкиот процес што го отвора Албанија по кластерот 1 - „Основни вредности“, по кој преговорите започнаа на 15 октомври годинава. 

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама им се заблагодари на земјите-членки на ЕУ на Третата Меѓувладина конференција во Брисел, по отворањето на преговорите за реформскиот кластер за надворешни односи.

Тој изрази посебна благодарност и за унгарското претседавање, велејќи дека тоа му дало енергија на интеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан.

Подгорица - Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ го поздрави затворањето на три поглавја на европскиот пат на Црна Гора, оценувајќи дека ова е важен момент за земјата, но во исто време ја критикуваше Владата што не го затворила четвртото поглавје, поради, како што наведе, недоволната посветеност на Владата на агендата на ЕУ и нарушувањето на односите со Хрватска.

- Ова е важен момент за Црна Гора. Затворени се три поглавја од преговорите, што е сигнал за посветеноста на Европската унија кон Црна Гора на нашиот пат кон полноправно членство, напиша Милатовиќ на Х.

Брисел - Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) предложи воспоставување на „санитарен кордон“ кон лидерот на бугарското Движење за права и слободи – Нов почеток (ДПС-НН), Делјан Пеевски, кој од јуни 2021 година се наоѓа на американската „црна листа“ поради вмешаност во корупција. 

Терминот „санитарен кордон“ се користи изолацијата или неприфаќањето соработка со одредени партии, поединци или структури. Тој вообичаено се користи за објаснување на изолирањето на екстремистичките партии од страна на центристичките политички сили.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговиот главен противкандидат, конзервативниот опозициски лидер Фридрих Мерц, се очекува да се соочат на најмалку две телевизиски дебати пред предвремените избори што се очекуваат на 23 февруари.

Јавните радиодифузери АРД и ЗДФ планираат една дебата на 9 февруари, додека приватните радиодифузери РТЛ заедно со информативниот магазин Стерн ги поканија кандидатите на дебата на 16 февруари, пренесе ДПА.

Вашингтон - ФБИ издаде предупредување до ловците на дронови откако неколку пилоти пријавиле дека биле заслепени од ласери затоа што луѓето мислеле дека гледаат дронови на небото, а не авиони.

Канцеларијата на ФБИ во Њуарк, Њу Џерси и полициската управа на Њујорк ги повикаа граѓаните да престанат со таквото однесување, по зголемените извештаи за пилоти на авиони кои биле погодени од ласери бидејќи луѓето на терен мислеле дека виделе дронови, пишува Њујорк пост. ФБИ исто така предупредува дека тоа може да биде опасно.

Брисел - ЕУ повторно ќе ја отвори својата мисија во Дамаск по „конструктивните“ разговори со новото раководство на Сирија по соборувањето на Башар ал Асад, изјави во денеска шефицата за надворешна политика на Унијата Каја Калас.

- Ние сме подготвени повторно да ја отвориме нашата делегација, која е европската амбасада, и сакаме таа повторно да биде целосно оперативно. Мислам дека ова е многу важен чекор, што повторно ќе ја отвориме делегацијата во Сирија, рече највисоката дипломка на ЕУ Калас во Европскиот парламент.

Ватикан - Папата Франциск откри дека бил цел на обид за самоубиствен напад за време на неговата посета на Ирак пред три години, што беше прва посета на папа на земјата.

Во извадоци од неговата автобиографија, објавени денеска, папата вели дека ирачките власти го информирале по неговото пристигнување во Багдад во март 2021 година дека на најмалку двајца познати бомбаши самоубијци цел им бил еден од неговите планирани настани.

 

Остани поврзан