МИА Општински пул
- 9 април 2025

9 април 2025
Охрид - Општина Охрид објави Јавен повик за пријавување штети на земјоделски насади настанати поради ниските температури и голомразицата што изминатите неколку дена го зафати регионот.
Пријавувањето на штетите може да се изврши почнувајќи од денеска се до 17 април. Граѓаните потребно е да поднесат Барања кои ќе им бидат достапни во просториите на архивата на општина Охрид
Кавадарци - Безбедна е водата за пиење во Кавадарци, извести денеска ,,Комуналец", откако на први овој месец информираше дека заматена е водата за пиење поради дождовите во Кавадарци. Тогаш од јавното претпријатие ,,Комуналец" информираа дека водата мора да се преврива пред пиење.
- Ги известуваме граѓаните на општина Кавадарци кои се снабдуваат со вода од водоснабдителниот систем Лукар, дека по извршените лабораториски испитувања од овластена лабораторија е утврдено дека водата е безбедна за пиење, објавија на нивната Фејсбук страница.
Ресен - Стручни лица од областа на животната средина и природа, претставници на секторот за животна средина во Општина Ресен, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници од националните паркови „Пелистер“ и „Галичица“, како и претставници од Хидробиолошкиот Завод-Охрид во Ресен одржаа заеднички состанок фокусиран на заштитата на Преспанко Езеро.
Од Секторот за односи со јавност на Општина Ресен информираа дека на состанокот бил ставен акцент на Преспанско Езеро како дел од Рамсарско подрачје, живеалиште од меѓународно значење, и е директен резултат на Рамсарската конвенција која исто така е позната како Конвенција за водни живеалишта во светот.
Крива Паланка - Завршија градежните работи за реконструкција и модернизација на сите пет градски мостови на Крива Река кои добија нов, урбан лик и го променија изгледот на централното градско подрачје во Крива Паланка.
Инвестицијата за реконструкција на мостовите изнесува 40 000 000 денари од кои: 26 600 000 денари беа обезбедени од Владата во 2024 година, за реконструкција на: Шанин мост, Виолетов мост и Осички мост, а 14.000.000 денари од ТАВ програмата за обнова на Соларски и Градечки мост.
Дебар - Македонското друштво „Илинден”-Тирана доби верски календари за 2025 лето Господово, кои бесплатно ќе бидат распределени на Македонците во Република Албанија, информираше за МИА, Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.
Во име на друштвото и на Македонците тој искажува голема благодарност до Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и архиепископот г.г. Стефан што и годинава доделува одреден број верски календари за кои постои се поголем интерес меѓу Македонците.
Тетово - Откако тетовската печатница „Напредок“ беше преземена од друга фирма и минатата година отиде во стечај, голготата на нејзините работници никако да заврши. Наредниот месец завршува стечајната постапка, а работниците најверојатно ќе останат без исплатени 10 плати кои им ги должи фирмата која ја презеде печатницата. Дел од нив успеале да се вработат во други фирми, но, четириесетина долгогодишни работници на печатницата „Напредок“ и натаму се без работа и во исклучително тешка состојба.
- Стечајниот рок завршува наредниот месец, а ние најверојатно остануваме без пари. Ние немаме никаков контакт со стечајната управителка. Сме праќале пораки до неа, но таа воопшто не комуницира со нас. Сме биле присутни на рочиштата за стечајната постапка, но и тие постојано се откажуваа, де некој бил болен, де некој не дошол и така. Нас никој не не праша како ни е. Ги молиме институциите да преземат мерки зошто повеќе не можеме да молчиме и ќе преземеме поригорозни мерки. Зарем вака нашите животи не се загрозени, вели Живка Димовска, работничка во стечај.
Велес - Во организација на Народен музеј Велес со поддршка од Амбасадата на Чешка во Скопје синоќа во велешкиот Ликовен салон е отворена изложбата „Насликај го својот живот“ од чешкиот ликовен уметник Онджеј Мишек, на која се претставени 20 негови дела изработени плакатно - сликарски, во време на пандемијата, а според претходно направени скици додека работел во Бангкок.
Како што информира промоторот на изложбата и негов колега од студии, македонскиот ликовен уметник Лазе Трипков, стилот на Мишек е уникатно, современо, фигуративно сликарство поврзано со моќна типографија, која влече корени од неговите студии по графички дизајн и дизајн на плакати.
Штип - Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР) конкурираше со два регионални проекти, кои ќе се реализираат со средства од Програмата за рамномерен регионален развој од Бирото за регионален развој.
Директорот на Центарот за развој на ИПР Трајче Здравков денеска изјави дека градоначалниците на единесетте општини од источниот регион ги имаат избрано проектите, кои треба да се реализираат со осум и пол милиони денари.
Скопје - Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик Ерџан Селими, денеска ја посетија Општина Бутел и одржаа работна средба со градоначалникот Дарко Костовски и членовите на општинскиот совет.
На средбата, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, стана збор за најважните локални прашања, за предизвиците со кои се соочува општината, а разменија мислења и за мерки и активности со кои би се создале услови за поголем напредок на општината во интерес на поквалитетно секојдневие на жителите. Во фокус на средбата беа и измените на Законот за локална самоуправа, неговата примена и можностите за негово унапредување.
Битола - Група граѓани во Битола, Могила и Новаци ќе собира потписи за организирање референдум против иницијативата за изградба на регионална депонија на местото на досегашната нестандардна пелагониска депонија „Мегленци“.
Иницијативата е поведена откако Советот на Општина Битола едногласно донесе одлука за меѓуопштинска соработка за отворање на регионална депонија во Новаци, заеднички проект на општините Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Новаци, Кривогаштани, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод.
Скопје - Без вода денеска од 11:40 часот се дел од корисниците од општина Бутел, лоцирани на улицата „Иван Манолев“.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект во шахта на улица „Иван Манолев“ 155 а.
Струга - Со исказ на поранешна вработена во Државниот завод за ревизија и членови на Комисијата за јавни набавки при Општина Струга заврши сослушувањето сведоци во судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобилот „Ауди А6“. На следното рочиште закажано за 9 јуни во Основниот суд во Струга, обвинетиот треба да ја даде својата одбрана, по што ќе следат завршни зборови на бранителот, јавниот обвинител и изрекување пресуда.
- На денешното рочиште ги исцрпивме вербалните докази кои судот ги прифати, а се изведоа и материјалните докази. Сега останува да се види целокупната документација, да им се даде можност на одбраната и обвинението да ги спремаат своите завршни зборови и на наредното рочиште веќе предметот да се заврши, изјави судечкиот судија Јордан Јованов, најавувајќи завршница на случајот во текот на јуни годинава.
Скопје - Реконструкцијата на улицата „Радушка“ во Ѓорче Петров која сега изгледа модерно и безбедно за сите корисници е во завршна фаза.
Станува збор за поставување ново асфалтно-бетонско покритие на 1.110 од вкупно 2.200 метри од улицата, поточно од гробиштата до ул.„Црногорска“ во вредност од 25 милиони денари (со вклучен ДДВ), средства од Општина Ѓорче Петров.
Делчево - Здравствениот дом „Гоце Делчев“ Делчево почнува со активности за бесплатно мерење на шеќер во крвта наменети за жителите од руралните средини. Од установата веќе го објавија распоредот за теренската работа која започнува утре во селото Бигла.
-Јавната установа Здравствен дом „Гоце Делчев" Делчево ги известува жителите на општина Делчево дека теренски ке врши беслатно мерење на шекер во крвта, мерење на крвен притисок, давање на совети за здравјето. Ке се посетуваат населени рурални места со тим од лекар и медицинска сестра по следниот редослед: населено мести село Бигла, 10.04.2025 ( четврток пред продавницата во селото) и село Разловци 11.04.2025 (петок - во здраствениот пункт), информираа од установата.