22 мај 2025
Нингбо - Оваа посета е исклучителна важност за компаниите што изложуваат тука, но и за сите останати земји од ЦЕИ. Кина е наш четврти партнер по размена на стоки и трговија и сметаме дека со изложувањето на овие 14 македонски компании на овој штанд ќе има поголем интерес за извоз на македонски производи и стоки на кинескиот пазар, изјави денеска за МИА заменик министерот за економија Марјан Ристески кој ја предводи македонската делегација на 4. Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.
Како што јави известувачот на МИА, Ристески оствари средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, Линг Џи (Ling Ji), на која во фокусот беа разговори за поголемо присуство на македонските производи во Кина, но и за зголемување на бројот на кинески туристи во нашата земја, како и за нови потенцијални кинески инвестиции во земјата и отворање на нови работни места.
Скопје - Во првиот квартал од годинава за пет проценти е зголемен извозот на земјоделски производи, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како и дали се следи извозот на земјоделски производи поврзано со Полог, кој важи и е претежно земјоделски крај.
-Во првиот квартал од оваа година, скоро за пет отсто е зголемен извозот на земјоделски производи. Кај тутунот се постигна историски рекордна цена, и кај останатите земјоделски производи. Но, исто така и во овоштарството. Така што можам да кажам дека тука е направен голем чекор напред. Но, тука не застануваме – продолжуваме понатаму. Убеден сум дека во периодот којшто следи ќе постигнеме уште подобри резултати, бидејќи тоа влегува во бруто-домашниот производ, и тоа е многу важно за да се развиваме во правилна насока. А ние, како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме земјоделците, истакна премиерот Мицкоски по пуштањето во употреба пат во Општина Желино.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека ќе се изнајдат решенија и дека Европската унија ќе најде механизми за земјава да го добие заслуженото место во Унијата. Во изјава за медимите дадена денеска од Желино, Мицкоски рече дека како држава ќе продолжиме да се однесуваме проевропски и дека Владата нема дилеми дека треба да гради добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија, но дека нема да дозволи ултиматуми.
- Јас сум прагматичен човек и политичар и немам дилема дека треба да градиме добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Ние немаме никакви проблеми да го прошируваме нашиот Устав со дел од Хрватите што живеат кај нас бидејќи Македонците се дел од хрватскиот Устав, немаме проблем да збруваме за Црногорци, Словенци и.т.н. но, имаме проблем да прифаќаме ултиматуми. Не сум човек кој прифаќа ултиматуми и никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто кое што знам дека претставува огромен проблем и фрустрација за македонските, албанските, турските граѓани и за сите оние што се составен дел од Уставот, рече Мицкоски.
Желино – Градоначалничката на Град Скопје има ингеренции и и ако мисли дека е така, треба да постапува, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја вчерашната постапка на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која вчера од Чаир ги повика надлежните да постапат затоа што на државно земјиште се гради дивоградба.
- Таа има ингеренции и ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика, народот нема фајда, изјави Мицкоски.
Желино - Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема, рече премиерот Христијан Мицкоски во врска со шпекулациите дека со договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство во земјава предвиден е и прием на мигранти.
Според премиерот Мицкоски, договорот е јасен и таква работа нема.
Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2025 година, изнесува 44 763 денари и во однос на истиот месец лани е повисока за 10.5 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Образование за 15.8 %, Рударство и вадење на камен за 14.1 % и Административни и помошни услужни дејности за 12.5 %.
Скопје - Поддршка на музички артисти од независната македонска сцена и помош за Кочани, се двата клучни аспекта на годинашниот фестивал „Млади за млади“ што ќе се одржува два викенда, на 12-ти, 13-ти и 14 јуни, како и на 19-ти, 20-ти и 21 јуни на летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ.
Во шестте вечери ќе настапат 12 бендови, а организаторите најавуваат квалитетна музика.
Билетите ќе бидат симболични, по 300 денари.
Скопје - Во моментов работиме на донесување на измените и дополнувањата на Изборниот законик, меѓутоа за тоа е потребен и поширок политички консензус. Се работи на таа тема и очекувам дека во следниот период ќе биде надминат тој проблем, изјави заменик министерот за правда, Ален Деребан, откако неодамна Уставниот суд со мнозинска одлука на судиите ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, со кои беше зголемен прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Деребан потврди дека Уставниот суд нема законска надлежност да ја врати претходната состојба во однос на Избориот законик, потенцирајќи дека таква надлежност има исклучиво Собранието.
Скопје - Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калс, во рамки на турнејате низ Западниот Балкан, утре ќе престојува во Скопје. Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.
Скопје - Одлуката која ја донесе Управниот суд е конечна, правосилна и по напатствијата од истата треба да постапат Собранието и Судскиот совет, изјави денеска заменик министерот за правда Ален Деребан, одговорајќи на новинарско прашање како ќе се рефлектира одлуката на Управниот суд за поништување на изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка.
Тој потенцира дека нема надлежност да ја преиспитува одлуката на Управниот суд, но останува на ставот дека истата е конечна и правосилна.
Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја прифатил поканата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и ќе учествува на Самитот Украина-земји од Југоисточна Европа што ќе се одржи во Одеса, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска телефонски разговарал со Зеленски, а како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, за време на разговорот „беа разгледани најновите случувања во Украина“.
Брисел - Во Брисел денеска се одржува Петтата меѓувладина пристапна конференцијата меѓу Албанија и Европската Унија, на која треба да бидат отворени преговорите по осум поглавја од Кластерот 3 - „Конкурентност и инклузивен раст“.
Според најавите, станува збор за поглавјата 10 - Дигитална трансформација и медиуми, 16 – Даночна политика, 17 - Економска и монетарна политика, 19 - Социјална политика и вработување, 20 - Бизнис и индустриска политика, 25 - Наука и истражување, 26 - Образование и култура и 29 -Царинска унија.
Манила – Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот денеска побара од сите министри да поднесат оставки како дел од „ресетирањето“ на неговата администрација по минатонеделните „среднорочни“ избори, на кои голем број опозициски кандидати освоија клучни места во Сенатот.
- Барањето за оставки има за цел да му овозможи на претседателот простор да ги процени перформансите на секое министерство и да одреди кој ќе продолжи да служи во согласност со новите приоритети на неговата администрација, соопшти владата.
Сиднеј – Најмалку две лица загинаа во поплавите во источниот австралиски крајбрежен регион, а уште две се водат како исчезнати, додека метеоролозите прогнозираат дека обилните дождови ќе продолжат.
Над 500 луѓе во Нов Јужен Велс беа спасени од поплавите, кои се најголеми во регионот во последните 104 години. Премиерот на покраината изјави дека во текот на следното деноноќие во некои области може да наврнат до 30 сантиметри дожд. Минс додаде дека 50.000 луѓе се предупредени да се подготват за евакуација.