МИА Општински пул
- 22 април 2025

Дебар - Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, заедно со професорката Катерина Тодороска, вчера беа во посета на Општина Пустец. Посетата беше организирана со цел непосредно запознавање со состојбата на македонската заедница, идентификување на тековните предизвици, како и согледување на постигнатите резултати во доменот на духовниот, образовниот и општествениот развој.
Во рамки на посетата, беа остварени средби со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, директорот на средното училиште во Пустец, Трајан Ванѓеловски, како и со свештеникот, отец Алексо Темелко.
Особено внимание беше посветено на прашањата поврзани со зачувувањето на православната вера и македонскиот културен и духовен идентитет. Делегацијата ги посети православните храмови „Св. „Архангел Михаил“, „Св. Атанасиј Велики“ и „Пресвета Богородица“ – светилишта кои претставуваат столбови на духовниот живот на македонската заедница во овој регион, информираше Стерјовски.
Во тек на посетата на црковната општина при храмот „Св. Архангел Михаил“ била врачена донација од Македонската православна црква – Скопска епархија, вапсани и благословени велигденски јајца, како што вели Стерјовски, со цел да се внесе радост и празничен дух меѓу најмладите жители на општината.
Гевгелија - Во уметничката галерија „Амам“во Гевгелија вечер ќе биде отворена изложбата „Визии-глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина портрети од серијата цртежи изработени во техника молив. Куратор на изложбата е Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“.
-Серијата цртежи се пресврт во неговото уметничко творештво. Цртежите се работени меѓу 2016 и 2022 година, во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати. Тие ни претставуваат еден сосема поинаков Анастасов, каков што не би ни очекувале со оглед на неговата повеќе децениска потполна посветеност на нему омилениот циклус Човек и простор со кого стекна меѓунароен углед. Во оваа серија цртежи со мноштво портрети, ликови во еден цртеж, станува збор за портретирање луѓе според записите на нивните ликови во меморијата на уметникот. Тоа е рационално осмислен уметнички проект, иако е произлезен од драматични настани и состојби во животот на уметникот што се случиле во 2008 година, се наведува во соопштението од организаторите.
Гостувањето на изложбата во Гевгелија е соработка помеѓу НУ Музеј- Гевгелија, Здружението „Архифакт“ и неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“ од Скопје и е дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Тетово - Денеска заврши доказната постапка во повторениот судски процес за обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице, кои се обвинети за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, во врска со пожарот што на 8 септември 2021 година изби во модуларната болница во Тетово при што животот го загубија 14 лица.
Во текот на денешната главната расправа прво се читаа искази на сведоци на Обвинителството дадени во првиот судски процес, а потоа се прочитаа и три искази дадени на сведоци предложени од одбраната на обвинетите.
Кога судијата Реџеп Муса констатираше дека заврши доказната постапка ги праша сите страни во процесот дали може да се продолжи расправата со завршен збор. Адвокатот Илчо Гавровски, бранител на обвинетиот Бесими, побара одбраната да добие препис на електронски докази, што беше одбиено од судот. Судијата обраложи дека истите електронски докази веќе биле репродуцирани на 18 март 2025 и дополнително барање за издавање на препис на такви докази е во спротивност на начелото за ефикасна и економична постапка.
По барање на адвокатите на бранителите и согласност на полномошниците на оштетените и Обвинителството, судот определи завршните зборови да се искажат на 12 мај со почеток во 10 часот.
Дебар – Утре во Тирана почнува манифестацијата „Недела на македонската култура“, која за првпат се одржува во албанскиот главен град, чија цел е промоција на македонската култура, туризам и економија и ќе трае до 30 април.
По тој повод албанското министерство за економија, култура и иновации објави спот со текст во кој наведува дека „Северна Македонија, е земја со богато културно наследство кое одразува различни историски влијанија“.
-Македонската култура е спој на традиционални, ориентални и западни елементи, што се рефлектира во уметноста, музиката и фолклорните фестивали. Визуелната уметност ја зачувува византиската иконографија и средновековните црковни мозаици, додека современите уметници носат модерни креации во сликарството, скулптурата и графиката. Традиционалната музика вклучува карактеристични инструменти како тамбура, гајда и зурла, додека модерната сцена произвела познати имиња како Тоше Проески, стои во објавата.
Се додава дека театарот и киното се занимаваат со општествени и историски теми, одразувајќи го современиот живот и колективната меморија.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,32 метри надморска височина. Водостојот денеска е 25 сантиметри под просекот за април или 22 сантиметри над дозволениот минумум.
Деновиве регионот беше зафатен од врнежни од дожд, што придонесе за подобрување на водостојот во езерото.
На почетокот на декември минатата година нивото на водата во езерото беше два сантиметри под минимално дозволената кота утврдена на 693,10 метри.
Промените во водостојот на езерото најмногу се манифестираат во крајбрежниот појас, што според експертите е најважниот дел од езерскиот еко-систем.
Делчево - Во Делчево во финална фаза е реконструкцијата на дел од улица Илинденска и пешачка патека до спој со улица Солунска. Со проектот како што информираа од Општината опфатено е реконструкција на постоечкиот коловоз и пешачката патека со скали.
-Вкупната вредност на договорот изнесува 2.132.638 денари со вклучен ДДВ, од кои 990.606 денари со ДДВ, кофинансира Министерство за транспорт за поддршка на имплементација на декадата и стратегијата за Ромите, а останатите се обезбедени од буџетот на Општина Делчево, и формираа ос Општината.
Реконструкцијата е со вкупна должина од 250 метри.
-Очекуваме по завршување на активноста да се подобри пешачката комуникација на граѓаните со останатиот дел од градот, додадоа од Општината.
Изведувач на работите е ДППГТУ Коп-Инженеринг ДООЕЛ Скопје.