МИА Општински пул
- 3 септември 2025
3 септември 2025
Скопје - Општина Центар и оваа учебна година ангажира лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“. Избраните кандидати ќе работат по 20 часа неделно, со месечен надоместок од 15.000 денари, соопштија утрово од локалната самоуправа.
- Право на пријавување на јавниот повик имаат лица со завршено средно образование, а предност ќе имаат кандидати со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и оние со претходно искуство во работа со деца со попреченост, појаснија оттаму.
Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, личните асистенти се клучни за успешен инклузивен образовен процес.
Куманово - Пожарот во село Никуштак, Липковско е под контрола, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
На пожарот кој избувна на 1 септември и зафати нискостеблеста деградирана шума вчера интервенирале екипи на Шумско стопанство. Во гаснењето на пожарот, што се наоѓа на непристапен терен, вчера во неколку наврати од воздух интервенирале и авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
- Пожарот е целосно под контрола Утрово на терен се две екипи на кумановската подружница на „Национални шуми“, изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми“ Кире Михаилов.
Дебар - Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, а врз основа на одлуката на Советот на Општина Дебар за спроведување превентивна систематска дезинсекција на територијата на општината, како општа против епидемиска мерка, вечер ќе биде спроведено запрашување против комарци.
-Станува збор за третото програмско запрашување против комарци, кое ќе се реализира утре, од 18 до 6 часот наутро следниот ден. Ќе бидат опфатени зелените површини во општината, крајбрежјето на Дебарско Езеро, депонии и пограничниот појас, урбаната населба Дебар, како и останатите локалитети предвидени во планот и програмата, информираа од општината.
Поради тоа, се замолуваат пчеларите и пчеларските задруги да ги преземат соодветните мерки за заштита на пчелите.
Скопје - Ретроспективна изложба „Живко Поповски - Живот посветен на архитектурата“ вечер ќе биде отворена во Музејот на современа уметност - Скопје.
Оваа ретроспективна изложба е прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти – Живко Поповски (1934-2007). Куратори на изложбата се проф. д-р Анета Христова – Поповска и проф. д-р Мери Батакоја. Изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.
Како што информира МСУ - Скопје, овој документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност.
Скопје - Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го почнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи вечер во Спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата почна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Како што информира Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Скопје - Без електрична енергија денеска од 9 до 12 часот ќе останат дел од потрошувачите лоцирани на улиците „Тиквешка“, „Демирхисарска“ и „Хаџи Јован Шишков“ во општина Шуто Оризари.
Како што информира РЦУК – Скопје, прекинот е поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на Град Скопје.
Скопје - Без вода денеска од 9:00 часот ќе останат дел од корисниците од населбата Водно, лоцирани на улиците „Охридска“ и „Петричка“.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на приклучна цевка на улицата „Охридска“ број 50. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.