• петок, 26 април 2024

МД „Илинден“ бара од Комитетот за национални малцинства да постави повеќејазична табла по теркот на други две институции

МД „Илинден“ бара од Комитетот за национални малцинства да постави повеќејазична табла по теркот на други две институции

Дебар, 15 февруари 2023 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана достави барање до Комитетот за национални малцинства на Албанија, да постави повеќејазична табла пред оваа институција, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

-Во барањето доставено до претседателката на Комитетот за национални малцинства,  Константина Бежани, бараме таблата пред институцијата да биде повеќејазична, односно освен на албански и англиски името на институцијата да биде и на македонски и на јазиците на другите национални малцинства. Потсетуваме дека тоа веќе го направија Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Се надеваме дека барањето ќе биде разгледано и прифатено, додава тој, и нагласува дека тоа е доставено и до другите две споменати институции, заради запознавање.

-Како друштво по смената на еднојазичните со повеќејазични табли на споменатите две институции, оваа нивна одлука ја поздравивме  и искрено се надеваме дека ваков чекор ќе преземе и Комитетот. Во барањето наведуваме дека МД „Илинден“ е регистрирано во судот во Тирана на 6 февруари 2009 година и оти неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија, додава Ѓурѓај.

Комитетот за национални малцинства е владин орган, во кој членуваат претставници на националните малцинства, а претседателката Бежани е претставник на грчкото малцинство. Претставник на македонското национално малцинство во комитетот е Марјана Костофски. вт/сст/

 

Остани поврзан