• вторник, 09 јули 2024
МВР Билтен

9 јули 2024

На 08.07.2024 во 17.45 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Ш.(24) од Скопје, поради тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Ноќеска (09.07.2024) во 00:00 часот во Тетово на крстосницата помеѓу улица „Штипска“ и „Киро Ристовски Дрнц“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода М.М.(28) и М.Ш.(30), двајцата од Тетово. Имено, кога во непосредна близина забележале полициски службеници, тие исфрлиле ќесе со марихуана. Двајцата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.

На 08.07.2024 во 21.35 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Б.(19) од Скопје, поради тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.07.2024 во 23.00 часот на Граничниот премин Богородица, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода А.Р.(32) од с.Баница, струмичко, поради тоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека приложил фалсификувана бугарска лична карта на туѓо име. При извршени дополнителни проверки било утврдено дека А.Р. издржувал затворска казна во Казнено-поправната установа Затвор Штип, од каде бил пуштен на викенд. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Гевгелија, по што бил спроведен во установата.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (08.07.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 127 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 13 санкции, девет мерки за користење на мобилен телефон при управување, четири санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, пет мерки за некористење на сигурносен појас, 13 санкции за прекршоци што ги чинат возачи на мотоцикл...

На 08.07.2024 во 20.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред надвозникот на бул.„Србија“, воз кој сообраќал од Скопје кон Битола удрил во машко лице. На местото на несреќата лицето починало, а смрт била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на починатиот и расчистување на случајот.

На 08.07.2024 во 15.48 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп-Битола, на излез од Прилеп, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „волво“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од К.И.(58) од Кавадарци, патничко возило „рено 5“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.С.(21) од Прилеп и патничко возило „рено меган“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од Г.И.(39) од Ресен. На местото на несреќата од здобиените повреди починал С.С., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Возачот на товарното возило К.И. и неговиот сопатник З.П.(48) од Кавадарци се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп.

На 08.07.2024 во 15.00 часот во СВР Скопје на ул.„10“ во с.Мирковци, скопско, мопед управуван од З.Т.(60) од с.Горно Оризари, скопско, излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 08.07.2024 во 08.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„2“ во населбата Илинден во Скопје, автобус „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.Т.(71) од с.Марино, скопско, удрило во пешак, 84-годишната С.Ј. од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Ј., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 08.07.2024 во 19.10 часот во Полициската станица Центар, В.Д.(88) од Скопје пријавил дека на ул.„Васил Ѓоргов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 08.07.2024 во 14.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Љ.П.(57) од Скопје пријавил дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

МВР

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан