• недела, 22 декември 2024

Изминатите 24 часа - 11 пожари на отворено, ЦУК со апел да се внимава со палење оган во природа

Изминатите 24 часа - 11 пожари на отворено, ЦУК со апел да се внимава со палење оган во природа

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Единаесет пожари на отворено се евидентирани изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарникарите се справиле со сите, па така, утрово нема активни пожари.

- Една третина од вчерашните биле на повик на гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шират и на поголем простор во околината. ЦУК упатува апел до граѓаните да не се палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и кога е сѐ посува вегетацијата во природата, пишува во денешното соопштение.

Според известување добиено од РЦУК - Штип, околу 13 часот во кругот на фабриката за акумулатори во Пробиштип, при косење трева, пронајдена е стара рачна бомба.

- За итниот, потенцијално опасен случај, известени се пробиштипската полициска станица и ДЗС - Пробиштип. Од страна на овластено лице од ДЗС, бомбата е успешно и безбедно отстранета во 15.30 часот. ЦУК упатува превентивна препорака до граѓаните - доколку најдат неексплодирани убојни средства, да не ги фаќаат и да не ги поместуваат. Да ги пријават на 112 во ЦУК, а потоа од надлежните, тие ќе бидат неутрализирани на лице место, или ќе бидат безбедно отстранети, соодветно, според процена на професионалци, се додава во соопштението.

Вкупно 2.230 повици биле регистрирани на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК, изминатото деноноќие. Како реални повици, категоризирани биле 62,87 проценти.

- Кон полицијата биле упатени 57,85 проценти, кон Итната медицинска помош - 28,01 отсто, a кон пожарникарите - 6,29 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, се појаснува во соопштението. бд/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан