• недела, 12 мај 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 4 мај 2024 (МИА) - На 30 минути по полноќ денеска, полициски службеници од СВР Тетово на улицата „Благоја Тоска“ во градот го привеле Е.Е., на возраст од 24 години од овој град.

За него била издадена судска наредба со што се барал за издржување на затворска казна. Тој е предаден во КПУ „Затвор-Тетово“ за издржување на казната.

Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н., на возраст од 68 години од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против 22-годишниот скопјанец Ф.Љ., поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.

Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови. Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила што потекнуваат од кривичните дела. Известен бил јавен обвинител, а од страна на судија на претходна постапка, на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.

Вчера во периодот од 11 до 17 часот на подрачјето на СВР Тетово, спроведена е акциска контрола за санкционирање возачи кои управуваат возило со брзина поголема од дозволената.

При контролата, откриени и санкционирани биле вкупно 115 пречекорувања на максимално дозволената брзина. Од нив, 68 пречекорувања се регистрирани надвор од населено место (ТЕ-18 и ГВ-50), од кои двајца возачи (ГВ) возеле со брзина од дури над 70 километри на час, а 21 (Те-14 и ГВ-7) со брзина од 50 до 70 км/час повеќе од дозволеното. При контролата, исто така, санкционирани се и 47 пречекорувања на брзината во населено место (ТЕ-31 и ГВ-16), од кои 7 (ТЕ-6 и ГВ-1) ја пречекориле брзината до 50 км/час над дозволеното, а санкционирани се и 11 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-6 и ГВ-5). На возачите прекршители изготвени им се предвидените поднесоци.

Вчера во 18.05 часот во СВР Струмица било пријавено дека на магистрален пат А-4, на излез од Радовиш кон Штип, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пасат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од М.Л., на возраст од 27 години од Радовиш и патничко возило „опел“ со пробни регистарски таблички, управувано од Ж.Г., на 49-годишна возраст, исто така од овој град.

На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а смрт констатирал лекар од Здравствен дом - Радовиш, додека Ј.Г., 41-годишна сопатничка од возилото „опел“, се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар -Штип. Увид на местото на несреќата извршил јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Струмица и екипа на Полициската станица - Радовиш.

Синоќа во 21.20 часот во близина на крстосница за рудник „Сивец“ во Прилеп, се случила  сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „пежо“, управувано од С.А., на возраст од 23 години од овој град, кој го напуштил местото на несреќата и мопед  „џонвеј“, управуван од 18-годишно лице со иницијали К.С., двете со прилепски регистарски ознаки.

Во несреќата, К.С. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската болница во Прилеп. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР - Прилеп.

Вчера во 14 часот во Полициската станица - Кисела Вода, М.К., 31-годишен скопјанец, пријавил дека на улицата „1510“ во градот бил каснат од куче скитник.

Синоќа во 23.30 часот во СВР Велес, Д.Ѓ., на возраст од 45 години од овој град, пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ бил каснат од куче скитник.

Вчера во 11.10 часот во Полициската станица Аеродром, 72-годишниот скопјанец Љ.Г. пријавил дека на булеварот „АСНОМ“ во Скопје бил каснат од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан