• петок, 12 јули 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - На 11.07.2024 во 10.25 часот од страна на полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар и од Полициското одделение Чегране лишен е од слобода А.Н.(54) од с.Чајле. При претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, пронајдени се марихуана и хашиш, спакувани за понатамошна продажба. По документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик.

На 10.07.2024 во 11.00 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода А.З.(29) од Кавадарци, по претходна пријава дека преку социјална мрежа упатувал закани на полициски службеник од ОВР Кавадарци. А.З. е приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против О.Ј.(24) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и Б.А.(25) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „изработка и употреба на лажна платежна картичка“. На 28.02.2024 едно лице пријавило дека неговата дебитна картичка, во повеќе наврати била употребена на онлајн платформата на правно лице. По претходно поднесено барање од ОЈО за утврдување на IP-адреси од каде бил креиран и логиран корисник, од правното лице било утврдено совпаѓање со депозитните трансакции од првопријавениот, а на 28.02.2024 на профилот на првопријавениот била прикачена фотографија од личната карта на второпријавениот.

На 10.07.2024 во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Ристо Кавалиновски“ во Битола има лице повредено со огнено оружје. Од страна на увидна екипа од СВР Битола излезено е на местото на настанот при што констатирано е дека Т.С.(74) од Битола, додека ја чистел пушката, се повредил, по што е пренесен во Клиничка болница Битола за укажување на лекарска помош.  Увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола.

Денеска (11.07.2024) во 00.30 часот во СВР Скопје, С.А.Б.(27) пријавила дека на 10.07.2024 околу 22.55 часот на подрачјето на Бит Пазар таа и нејзиниот братучед А.А.(21), двајцата од Скопје, биле физички нападнати од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево, поднесе кривична пријава против Б.М.(36) од Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 24.04.2024 пријавениот на ул.„Осоговска“ во Македонска Каменица, физички го нападнал С.С..

Денеска (11.07.2024) во 05.30 часот во СВР Скопје, С.Љ.(48) од Скопје пријавил дека околу 03.30 часот на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од А.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Т.П.(43) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство. На 30.05.2024 во семејната куќа, пријавениот физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга, нанесувајќи и телесни повреди.

На 10.07.2024 во 13.45 часот во СВР Скопје 33-годишна жена пријавила дека на 07.07.2024 околу 18.00 часот, во домот на подрачјето на Бит Пазар, била физички нападната од нејзиниот сопруг Џ.О.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.И.(34) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 20.05.2024 поради нарушени семејни односи, со закана со нож, пријавениот и упатувал сериозни закани на неговата вонбрачна сопруга.

На 10.07.2024 во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 09.07.2024 околу 23.40 часот во Дом за стари лица на подрачјето на Кисела Вода, Т.К.(47) од Скопје физички ги нападнала С.В.(52) од Скопје и Д.А.(48) од Тетово, и двете вработени во домот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.А.(46) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 02.02.2024 во Куманово, на ул. „Никшиќка“, при извршен преглед над пријавениот, бил пронајден и одземен хероин и кокаин.

На 10.07.2024 околу 10.00 часот во СВР Скопје, Ѓ.Т.(50) од с.Љубанци, скопско, пријавил дека околу 07.00 часот на место викано Бозиште, скопско, неговиот син Д.Т. (18) со патничко возило излетал од шумски пат, по што починал. Од страна на лекар од Итната медицинска помош била  констатирана смрт. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.      

На 10.07.2024 во 14.30 часот во Полициска станица Кочани, Т.С.(21) пријавила дека на 21.06.2024 околу 22.00 часот во Кочани била физички нападната од А.А., двете од Кочани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.07.2024 во 22.50 часот во с.Дорфулија, општина Лозово, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишиле од слобода И.Ш.(58), поради тоа што околу 19.00 часот упатувал закани на С.Д.(37) и неговото семејство, сите од с.Дорфулија, општина Лозово, а истиот ден И.Ш.(58) пријавил дека бил физички нападнат од С.Д.(36) и Д.Д. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Н.С.(29) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 06.04.2024 при претрес во домот на пријавениот, била пронајдена и одземена марихуана, која ја консумирал со Ј.А.

На 10.07.2024 во 21.50 часот во СВР Скопје, Ѓ.Ш.(66) од Скопје пријавила дека околу 21.30 часот во паркот во Ѓорче Петров, едно лице со употреба на сила ѝ одзело личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.07.2024 околу 23.00 часот на регионалниот пат Прилеп-Крушево, пред с.Кривогаштани, Б.П.(43) од с.Кривогаштани, управувајќи патничко возило „ауди“, со велешки регистарски ознаки, излетал надвор од коловозот. Тој се здобил со повреди, по што бил пренесен во Градска болница Прилеп за укажување на лекарска помош. Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Битола извршиле увид на местото на настанот.

На 10.07.2024 во 15.10 часот во ОВР Кичево е пријавено дека М.Х.(28) од скопското село Палиград, на улицата „Раштански пат“ во Кичево, бил каснат од куче скитник. миа/миа/

фото: МИА архива

Остани поврзан