• вторник, 16 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Д.С., Ф.Ѓ. и Д.Ј., полициски службеници во Полициска станица Центар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при вршење службени задачи, побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка - отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.   

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.Ш.(44) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и против П.Т.(25) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дроги“. При преглед извршен во патничко возило „фолксваген голф“, во кој се превезувале пријавените, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид, пронајдоа и одзедоа марихуана.    

На 14.07.2024 во 21.50 часот, полициски службеници од СВР Скопје од Г.Л.(39) од Скопје пронашле и одзеле марихуана, откако претходно, на подрачјето на Гази Баба во Скопје бил приведен по наредба од Основен кривичен суд Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.    

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.М.(47) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 08.08.2023 на регионалниот пат Кичево – Осломеј, полициски службеници извршиле преглед на возило кое го управувал пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин. 

На 14.07.2024 во периодот од 00.00 до 04.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во угостителски објекти и ноќни клубови на подрачјето на СВР Тетово. Притоа, во угостителски објект во тетовско Жеровјане во 01.00 часот бил затекнат малолетник кој бил предаден на родител, додека на сопственикот А.А.(33) од тетовско Боговиње му е изготвен соодветен поднесок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Во истиот објект без регулиран престој бил затекнат А.Б.(30) од Република Албанија, кој бил приведен и задржан во СВР Тетово за понатамошна постапка. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Г.Ш.(45) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле амфетамин, марихуана и  метилендиоксиметамфетамин.

На 14.07.2024 во 20.30 часот на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.П.(47) од Скопје, затоа што во домот физички го нападнал неговиот 77 -  годишен татко. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.К.(32) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 01.07.2024 во домот, по претходна расправија, пријавената со нож се заканила на нејзините дедо и баба, а оштетила и дел од покуќнината. 

На 14.07.2024 во 21.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Батинци, скопско, по претходни недоразбирања, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.С.(22) и Ф.С.(26), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Б.(67) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 22.06.2024, пријавениот се заканувал на неговите брат и снаа, по што се обидел со нож да го нападне брат му

На 14.07.2024 во 16.50 часот во СВР Скопје, Ќ.П.(53) од Скопје пријавил дека во с.Нова Брезница, скопско, по претходно нерасчистени имотно - правни односи, бил физички нападнат од Н.П.(35). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка, поднесе кривична пријава против С.К.(68) од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 02.07.2024 во семејниот дом во Крива Паланка, пријавениот упатувал закани на неговите сопруга, син и снаа. 

На 14.07.2024 во 16.40 часот во СВР Скопје, 54 - годишна жена пријавила дека околу 12.00 часот во домот на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот сопруг И.Д.(58) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.Ј.(24) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 08.04.2024, полициски службеници извршиле преглед над пријавената, при што била пронајдена и одземена марихуана, која пријавената ја користела со друго лице. 

На 14.07.2024 во 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.Н.(37) и К.А.(19), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против А.Д.(31), Д.Д.(37) и К.Д.(54), сите од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 06.07.2024 во Радовиш, пријавените физички нападнале машко и женско лице. 

Денеска (15.07.2024) во 03.30 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар го привеле И.С.(63) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А.(44) и Ш.А.(40), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 10.07.2024 во Кичево, поради претходно нарушени односи, пријавените упатиле закани на М.А.. 

На 14.07.2024 во 22.00 часот во СВР Куманово, малолетничка од Куманово пријавила дека нејзиниот татко Џ.С. од Куманово два пати ја мажел за одреден паричен надомест и кога дознала дека планира и трет пат да ја омажи побегнала од живеалиштето и го пријавила настанот во полициска станица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против В.М.(23) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на пари“. На 21.02.2024 во продажен објект во Велес, пријавениот купил производи со фалсификувани банкноти. 

На 14.07.2024 во 20.13 часот во Полициската станица Кочани, од Јавното претпријатие „Водостопанство“ било пријавено дека на подножјето на браната „Градче“ било пронајдено тело на починато женско лице. Лекар од Итна медицинска помош Кочани констатирал смрт, а по извршениот увид и извршеното препознавање од родителите било утврдено дека станува збор за Н.Ј.(26) од Кочани. По наредба на Јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Т.(48) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 14.06.2024 на бул.„ Туристичка“ во Охрид полициски службеници го затекнале пријавениот при вршење јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца.

На 14.07.2024 во СВР Скопје С.А. и Н.Џ. пријавиле дека во Старата чаршија во Скопје била извршена тешка кражба во обид, односно со употреба на сила било влезено во нивните златарници, но не било одземено ништо. Истиот ден, А.С. пријавил дека со употреба на сила било влезено во продавница за сувенири во Старата скопска чаршија и биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.

ОВР Демир Хисар поднесе кривична пријава против Т.Б.(54) од Штип, осуденик во Казнено -  поправната установа Затвор Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Во периодот од 26.05.2024 до почетокот на јули 2024, пријавениот со употреба на сила влегол во црква во с.Загориче, демирхисарско, и одзел пари.

На 14.07.2024 во 13.00 часот во СВР Скопје, од Домот за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечила нивната штитеничка М.А.(14). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 14.07.2024 во 01.50 часот, Б.Џ.(19) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улицата „11 Септември“ во Кичево бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесена кривична пријава против Н.М. од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 24.04.2024 во двор на основно училиште во Тетово, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан