• сабота, 10 август 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 16 август 2023 (МИА) - На 15.08.2023 во 14.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода В.В.(42) од Куманово. Тој бил затекнат при обид да одземе предмети од поранешна фабрика  во Куманово. В.В. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. 

На 15.08.2023 во 16.00 часот во Демир Капија, врз основа на наредба на Основното јавно обвинителство Кавадарци, полициски службеици од ОВР Неготино го лишиле од слобода З.П.(50) од Демир Капија. При извршен претрес во неговиот дом, биле пронајдени и одземени повеќе од 60 куршуми различен калибар. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 16.08.2023 во 03.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.Р.(30) од Куманово. Тој бил затекнат во круг на јавно претпријатие на улицата „Фетка Наскова“ во Куманово при обид да одземе предмети, а при приведувањето физички нападнал полициски службеник. Д.Р бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 16.08.2023 во 04.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.И.(20) од Виница, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. А.И. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. 

На 15.08.2023, полициски службеници од сообраќајната полиција при СВР Битола ги пронашле патничките моторни возила кои извршиле оштетување на столбовите поставени на ул.„Никола Тесла" во Битола. Имено, патничко возило „фиат пунто", управувано од А.Т.(37) од Битола и патничко возило „мерцедес", управувано од Н.А.(29) од Битола, двете со битолски регистарски ознаки, на 14.08.2023 во 03.00 часот, односно на 13.08. во 05.00 часот оштетиле повеќе метални столбчиња поврзани со метални синџири на тротоарот од улицата. Увидот го извршила увидна екипа на СВР Битола, по што учесниците во незгодата биле повикани во полициска станица и по документирање на настаните ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци. 

На 14.08.2023 во 17.20 часот во ОВР Струга било пријавено дека во двор од куќа во струшкото село Вишни била пронајдена граната. Од извршениот увид, констатирано е дека се работи за артилериска граната од Втората светска војна, калибар 75 милиметри. По преземени мерки, гранатата била безбедно подигната од овластено лице од Дирекцијата за заштита и спасување за натамошна постапка. 

На 15.08.2023 во 22.40 часот, полициски служебници од СВР Тетово, поради непријавен престој во земјава, го привеле и задржале во полициска станица А.Б.(49) од Република Албанија. По документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок и ќе биде спроведен во неговата матична држава. 

На 15.08.2023 околу 11.00 часот во ОВР Кичево било пријавено дека Б.Ч.(54) од Кичево се здобил со тешки телесни повреди при извршување работни задачи за Јавното претпријатие „Комуналец“ Кичево на улицата „Магистрален пат“ во Кичево. Тој бил пренесен во Општа болница Кичево за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кичево. 

На 16.08.2023 во 05.55 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар - Кичево, кај с.Трапчин Дол, С.И.(60) од с.Мидинци, кичевско, управувајќи патничко возило „хонда“ со кичевски регистарски ознаки, изгубил контрола и со возилото излетал од коловозот. Возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Кичево. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Кичево. 

На 15.08.2023 во СВР Скопје било пријавено дека околу 17.00 часот во с.Кондово, скопско, бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад извршен од М.Д. од с.Долно Свиларе, скопско и уште четири лица, врз А.К. од с.Рашче, скопско, при што бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 15.08.2023 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Пакошево, општина Зелениково, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.М.(34) и малолетничка, двете од истото село. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.С.(67) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 16.07.2022, на објава поставена на социјалната мрежа Фејсбук, пријавената објавила коментар со кој повикувала и промовирала насилство. 

На 15.08.2023 во 17.30 часот во СВР Скопје, С.А.(48) од с.Студеничани, скопско, пријавил дека во парк на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Н.И.(54) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 15.08.2023 во 16.30 часот во СВР Скопје, З.С.(59) од Скопје пријавил дека околу 15.40 часот на подрачјето на Центар, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од В.С.(53) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.08.2023 во 14.20 часот во Полициското одделение Маврово, Л.К.С.(56) од Скопје пријавила дека во близина на одморалиштето на населба „Крстови 2“ била касната од куче скитник.

На 15.08.2023 околу 23.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот во Скопје во кој престојувала, починала А.Ц.(37) од Скопје. Смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција. 

На 15.08.2023 во 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажен објект на ул.„Мајка Тереза“ во Скопје, едно лице со закана се обидело да одземе пари од вработената. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 15.08.2023 во 23.30 часот, А.П.(57) од Кичево во полициска станица пријавил дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник. Истиот ден, С.А.(47) од Кичево пријавила дека на улицата „Тренко Тасески“ во Кичево била касната од куче скитник. 

На 15.08.2023, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со малолетник од Скопје, поради сомнение дека извршил обљуба врз неговиот малолетен брат и врз уште еден малолетник од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.     

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.С.(68) од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „сквернавење на гроб“. Пријавената, на 04.08.2023 на селските гробишта во с.Стојаково со тврд предмет во два наврати извршила оштетување на спомен плоча. 

На 16.08.2023 во 04.29 во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ернес Колиќи“ настанал пожар во патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Л.М.(44) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид бил извршен. 

На 15.08.2023 во 22.40 часот во Полициското одделение Галате, И.Р.(33) од гостиварско Дебереше пријавил дека во селото бил каснат куче скитник.

Остани поврзан