• петок, 22 ноември 2024

МВР постапува по барање од астриските власти за проверка на осомничен за планиран терористички напад во Виена

МВР постапува по барање од астриските власти за проверка на осомничен за планиран терористички напад во Виена

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи информира дека постапува по барање добиено од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од земјава, а кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена. 

- Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на
доставеното барање, информираат од МВР за МИА.

Австриската полиција уапси две лица осомничени за планирање напади на концерти на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена. Едното лице, 19-годишник, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Северна Македонија.

Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, го опиша 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е 17-годишник, пренесува Австриската новинска агенција – АПА.

При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.

-Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка, изјави генералниот директор за јавна безбедност Руф.

Апсењата на двајцата, според Руф „ја минимизираа заканата за оваа мала група“, а откажувањето на концертите на Тејлор Свифт беше „одлука и одговорност на организаторите“. 

Руф потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба. аа/нд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан