• сабота, 27 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - На подрачјето на СВР Тетово вчера (21.11.2023) од 10.00 до 14.00 часот спроведена е акциска контрола за престигнување во сообраќајот, во која вкупно биле откриени и санкционирани 39 прекршоци (ТЕ-21 и ГВ-18).

Најголемиот број од прекршоците, соопштија денеска од МВР, (38) се однесувале на престигнување извршено на недозволени места, а 1 за престигнување во колона. На возачите-прекршители изготвени им се поднесоци и ќе се соочат со парични глоби од 45 до 250 евра во денарска противвредност. Покрај ова, во рамките на акциската контрола биле санкционирани и 4 други видови прекршоци (ТЕ-3 и ГВ-1), а при контролните активности реализирани во текот на вчерашниот ден во Тетово санкционирани се и 9 лица кои ги управувале возилата без положен возачки испит и адекватна дозвола, 8 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина и така натаму. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од с.Доброште, тетовско и А.Е.(62) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 19.09.2019, А.Е. со возило „мерцедес“, сопственост на правното лице, отишол во авто-лакерска фирма во тетовско село и со сопственикот се договориле да изврши поправка на возилото, кое било учесник во сообраќајна незгода, а откако осигурителната компанија ќе ја исплати штетата, да му изврши уплата на 75.396 денари, колку што бил износот на поправката. Откако била извршена поправката, А.Е. го зел возилото, но не ја платил фактурата иако осигурителната компанија ја подмирила оштетата за возилото.  

На 21.11.2023, по извршена обдукција на телото на М.Д.(76) од Крива Паланка, кој бил пронајден починат во својот дом на 20.11.2023, во Институтот за судска медицина и криминалистика Скопје констатирано е дека станува збор за насилна смрт, односно убиство. ОВР Крива Паланка презема мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.З.(45) од с.Бродец, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на декември 2022 година, лице од Тетово на пријавениот за износ од 250 евра му издал локал под наем, а по еден месец пријавениот му побарал на заем 500 евра за да го дополни локалот со роба. Три месеци потоа, лицето отишло да ги земе парите кои му ги должел пријавениот, но локалот бил затворен, а откако се слушнале телефонски, пријавениот му ветил дека ќе се раздолжи, но не го сторил тоа до пријавувањето на настанот. 

На 21.11.2023 во 18.00 часот во Полициската станица Центар, З.Р.(43) од Скопје пријавил дека на 18.11.2023 околу 23.00 часот на подрачје на Центар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници, од кои дел ги познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.М.(28) од с.Доброште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дел „насилство“. На 23.07.2023 во с.Нераште, поради нерасчистени должничко – доверителски односи, К.М. започнал расправија со Б.Е.(23) од с.Нераште, при што со нож му нанел повреда. 

На 21.11.2023 во СВР Скопје било пријавено дека во 17.30 часот во с.Трубарево, скопско, по претходно нарушени односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Т.С.(70) и Б.С. (23), двајцата од с.Трубарево. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.Т.(66) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 26.09.2023 на ул.„Илинденска“ во Тетово извршиле контрола на патничко возило „киа рио“,  управувано од пријавениот, при што било констатирано дека пријавениот врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца. 

На 21.11.2023 во 12.45 часот во ОВР Ресен, А.Ш. пријавил дека бил каснат од куче скитник. 

На 21.11.2023 во 16.15 часот во Полициската станица Драчево, С.Ѓ.(75) од с.Зелениково, скопско, пријавил дека околу 16.00 часот во селото бил физички нападнат од А.В.(54) од с.Зелениково. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против П.К.(50) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 15.09.2023 во казино во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин. 

На 21.11.2023 во Полициската станица Центар било пријавено дека на подрачје на Центар, по претходна расправија, пред угостителски објект бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ј.Р.(39) од Свети Николе и М.С.(36) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.З.(32) од с.Јегуновце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ при семејно насилство и „телесна повреда“ при семејно насилство. На 08.06.2023 во Тетово, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга и ѝ упатил закани. 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против И.М.(41) од струшкото село Радолишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. Тој, на 03.09.2023 година околу 22.00 часот, со закана кон вработените во казино, во околината на Струга, одзел пари од прометот. 

На 21.11.2023 во 20.00 часот во СВР Битола, М.А.(29) од Битола пријавил дека во близина на ул. „Широк Сокак" бил каснат од куче скитник.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Ј.(39) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 26.10.2023 во Виница, пријавениот физички ги нападнал З.Д.(61) и Ѓ.Т.(67), двајцата од Виница.   

Денеска (22.11.2023) во 02.00 часот во Полициската станица Бит Пазар, од Итна медицинска помош било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар со повреди бил пронајден Ф.Р.(23) од Италија. Според пријавеното, тој на подрачјето на Центар бил физички нападнат од неколку лица, откако претходно влегол во нивното возило. Како што е пријавено, при нападот тие употребиле и остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.11.2023 во 23.00 часот во Полициската станица Карпош, Љ.С.(61) од Куманово пријавил дека на подрачје на Карпош – Скопје бил физички нападнат од две лица, при што се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (21.11.2023) околу 13.50часот во СВР Скопје е пријавено дека во менувачница на подрачје на Карпош две лица со закана со оружје од вработената одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против К.Б.(35) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ и кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот, во период од 2018 до октомври 2023 година, бесправно изградил семејна куќа на земјиште во сопственост на РСМ.

На 21.11.2023 во 15.50 часот во СВР Битола, И.Р.(27) од с.Егри пријавил дека неговата малолетна внука била касната од куче скитник. цр/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан