• вторник, 02 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - ОВР Струга поднело кривична пријава против Е.С.(24) од струшкото село Делогожда поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, соопштија од МВР.

При преглед во патничко возило, управувано од пријавениот, извршен на улицата „Партизанска“ во Струга, полициските службеници пронашле и одзеле хашиш.

СВР Скопје поднел кривична пријава против Ф.Д.(41), Б.П.(34), А.П.(29), Д.А.(50), J.И.(40), А.Б.Ј.(28) и Ѓ.Ш.(41), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ во врска со „продолжено кривично дело“ и „помагање“. Од април 2024 првопријавениот набавил наркотичната дрога и ја држел на две локации во Скопје, а потоа на подрачјето на Скопје со останатите пријавени ја продавале на уживатели. Од извршените прегледи и претреси кај пријавените на повеќе локации биле пронајдени и одземени кокаин и амфетамин.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против В.С.(62) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници од Одделот извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и дигитална вага со остатоци од кокаин.

Денеска (05.06.2024) околу 03.30 часот, полициски службеници од Полициската станица Драчево го привеле Д.Р.(29) од с.Марино, општина Илинден. Претходно, од улица „Јустинијан Први“ тој бил спроведен во кругот на Полициската станица Драчево затоа што управувал нерегистрирано товарно возило „фолксваген транспортер“ со скопски регистарски ознаки со активна забрана за управување моторно возило. Во кругот на полициската станица му била дадена наредба да го препаркира возилото, но наместо тоа тој се обидел да избега и притоа удрил во друго возило и во капијата од станицата, по што бил фатен и задржан. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.  

На 03.06.2024 во периодот од 17.30 до 21.00 часот, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје ги лишиле од слобода Г.Т.(37), Н.С.(39) и Д.С.(34), сите од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од К.Б.(35) од Скопје дека на 01.06.2024 околу 12.45 часот со патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки го однеле во близина на гробиштата во с.Арачиново, скопско, каде што го држеле без негова волја и физички го нападнале. Според пријавеното, тој успеал да избега после некое време. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна кривична пријава.

Денеска (05.06.2024) во 09.50 часот во Полициската станица Гази Баба, М.Н.(32) од Скопје пријавила дека на детско игралиште на ул.„Модест Мусоргски“ во Скопје, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Д.(43) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на 2022, пријавениот и А.Н. се договориле за купопродажба на пелети за парно греење од правен субјект од Кичево за износ од 990 евра, по што наредниот ден А.Н. му дал капар од 600 евра, а остатокот требало да му го даде по доставување на пелетите. Во текот на истата година, пријавениот на А.Н му доставил дел од пелетите и до денот на пријавување не му го доставил остатокот од договорената количина.

На 04.06.2024 во 12.00 часот во СВР Тетово, Д.С.(31) од Тетово пријавил дека на улица ,,ЈНА“ во Тетово бил каснат куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.М.(24) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ и „комар“. На 04.11.2023, полициски службеници извршиле контрола во правен субјект во с.Теарце, тетовско, каде бил затекнат пријавениот, при што при контрола на неговиот мобилен телефон била пронајдена пребарувана онлајн платформа за игри на среќа, без лиценца од надлежен орган.    

На 04.06.2024 во 13.00 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека на 03.06.2024 во семејниот дом на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзиниот сопруг Д.В.(50) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.06.2024 во 17.30 часот во СВР Скопје, Д.Ѓ.Ј.(41) од Скопје пријавила дека на 03.06.2024 околу 20.00 часот на игралиште на подрачјето на Ѓорче Петров, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.З.(67) од Македонски Брод и И.З.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 20.03.2024, пријавените агресивно се однесувале кон полициски службеници кои извршувале службени дејствфија, при што И.З. се обидел и физички да нападне еден од нив.

На 04.06.2024 во ОВР Гостивар, С.М.(59) од Гостивар пријавил дека на улица „ЈНА“ во Гостивар бил нападнат од кучиња скитници и при обид да побегне паднал и се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Ургентен центар во Гостивар.

На 04.06.2024 во 22.50 часот во СВР Скопје, Г.П.(72) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила ѝ одзело накит што го носела на себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Г.Ј.(40) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 14.04.2024 во Виница, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

На 04.06.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот на подрачјето на Гази Баба бил пронајден починат Д.П.(50) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 04.06.2024 во 19.35 часот во Полициската станица Аеродром, Б.В.(22) од Скопје пријавил дека на бул.„АСНОМ“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против М.А.(60) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 22.05.2024 во јавно комунално претпријатие во Кочани, пријавената упатила закани на нејзина колешка.

На 04.06.2024 во 19.00 часот во Полициското одделение Сарај, Е.А.(20) од с.Сарај, скопско, пријавил дека во с.Сарај бил каснат од куче скитник. цр/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан