• петок, 26 април 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - На 26.03.2024 во Велес, полициски службеници од Полициска станица Велес и Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес ги лишиле од слобода Е.Ј.(39) и Џ.Н.(31), двајцата од Велес.

Тие биле барани по централен распис од СВР Велес и се сомничат дека на подрачјето на СВР Велес извршиле повеќе кривични дела „тешка кражба“. Е.Ј. и Џ.Н. се задржани во полициска станица, со нив се извршени службени разговори, при што признале пет дела „тешка кражба“ кои ги извршиле во куќи и правни лица.

Од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Велес на Е.Ј. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена и е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор. Исто така, по преземени мерки било утврдено дека Џ.Н. бил баран за издржување затворска казна и бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

По поднесени две кривични пријави од СВР Тетово против М.Т., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор при регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „насилство“ по член 386 и кривични дела „помагање“ и „обид“ по член 19 и член 24 во врска со кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик и против други лица, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР изврши увид во пријавите, по што презема мерки против М.Т. и други полициски службеници согласно законските овластувања.

Имено, околу 13.00 часот на 11.01.2024, по претходно нарушен јавен ред и мир со физички напад пред Основниот суд во Тетово, извршен од Р.Т. врз А.М., дошол М.Т. и со пиштол му се заканил на А.М.. Истиот ден, околу 18.30 часот во кругот на Клинички центар во Тетово, М.Т. им помагал на Ф.Т. и Р.Т., кои од огнено оружје пукале и ги повредиле А.М. и З.М. од Тетово. Согледувајќи ги сите детали, Одделот за внатрешна контрола заклучи дека полицискиот службеник постапил спротивно на член 26 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и дека сторил потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член  187 став 1 точка 10 и 20 од Законот за внатрешни работи и  по член 210 став 1 точка 10 и 20 од Колективниот договор на МВР.  

Исто така, било утврдено дека при преземањето мерки во врска со двата настани, полициските службеници В.С., Н.М., Б.З. и Г.М. од СВР Тетово постапиле спротивно на член 7 и 8 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и на тој начин сториле потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член  187 став 1 точка 3, 4 и 10 од Законот за внатрешни работи и  член  210 став 1 точка 3, 4 и 10 од Колективниот договор на МВР. Согласно утврденото и член 227 од Колективниот договор на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Одделот за дисциплински и судски постапки поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници М.Т., В.С., Н.М., Б.З. и Г.М. и изрече задолжителни мерки полицискиот службеник М.Т. да се отстрани од работното место и од Министерството до донесување на решение во дисциплинска постапка и времено да му биде одземено оружјето со муницијата.  

На 27.03.2024 во 05.50 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода О.И.(30) и С.Б. (33), двајцата од Куманово.

Тие биле затекнати при обид да одземат предмети од продажен објект на улицата „Иво Лола Рибар“ во Куманово. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 25.03.2024 полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш го лишиле од слобода И.А.(31) од село Габревци, општина Конче. Тој се сомничи дека на 21.03.2024 извршил тешка кражба од возило, сопственост на лице од село Супурге, Радовишко, при што одзел пари.

Во службен разговор во полициска станица, И.А. го признал делото, по што доброволно ги предал парите, кои ќе бидат вратени на сопственикот. Лицето било задржано во Полициската станица Радовиш, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.03.2024 во 14.30 часот во СВР Куманово, 73 -годишен маж од Куманово пријавил дека на плоштадот „Македонија“ во Скопје бил измамен од две лица за сума од 800 евра.

Според пријавеното, лицата му кажале дека направиле сообраќајна незгода и дека им требаат парите за да одат на лекар и за возврат ќе му дадат дијаманти, а откако ќе завршат ќе се вратат и ќе му ги дадат парите. Како што е пријавено, тој им ги дал парите, а тие му дале накит за кој подоцна утврдил дека е бижутерија. Исто така, според пријавеното, лицата не се вратиле, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.03.2024 во 16.00 часот во СВР Охрид, 40-годишен маж од Охрид пријавил дека бил измамен од едно лице, управител на градежна фирма, за сума од 25.000 денари.

Според пријавеното, тие се договориле лицето да му изврши градежни работи за што тој му ги дал парите како аванс. Како што е пријавено, лицето ниту ја завршило работата, ниту ги вратило парите, по што се посомневал дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.03.2024 од 10.00 до 15.00 часот на тетовско-гостиварското подрачје, полициски службеници на СВР Тетово спровеле акциска контрола, во рамките на која вкупно биле откриени и санкционирани 4 технички неисправни возила (ТЕ-3 и ГВ-1).

Три од нив (ТЕ-2 и ГВ-1) имале неисправни сопирачки, а 1 (ТЕ) неисправни светлосни уреди. Технички неисправните возила веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се законски предвидените поднесоци со парични глоби од 400 евра во денарска противвредност.

Покрај ова, од сообраќај биле исклучени и тројца возачи (ТЕ-1 и ГВ-2) кои управувале возила без положен возачи испит и 1 (ТЕ) со впишана забрана за управување. Во акцијата, исто така, санкциониран е и 31 возач (ТЕ-22 и ГВ-9) кој не користел сигурносен појас, 1 (ТЕ) кој не носел возачка дозвола, 13 (ТЕ) непрописно паркирани возила, од кои 7 (ТЕ) биле подигнати од тетовската „пајак-служба“. При контролата откриени и санкционирани се и 13 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-5 и ГВ-8).

На 26.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната.

За време на контролата биле санкционирани 22 прекршоци од кои два надвор од населено место и 20 во населено место. Санкционирани биле и 31 други видови на прекршоци.

На 26.03.2024 во 12.55 часот во Полициската станица Центар, А.К.(24) од Прилеп пријавил дека на ул.„Орце Николов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 26.03.2024 во 13.35 часот во Полициската станица Центар, И.А.(60) од Скопје пријавил дека на ул.„Радњанска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 26.03.2024 во 13.50 часот во Полициската станица Центар, В.В.(57) од Охрид пријавил дека во Скопје, на подрачјето на Центар бил каснат од куче скитник.

На 26.03.2024 во 12.45 часот во Полициската станица Аеродром, Д.К.(53) од Скопје пријавила дека на ул.„Беласица“ во Скопје била касната од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Е.(31) и Х.Е.(49), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ и против И.Е.(28), Б.Е.(23) и Ј.Б.(21) поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство во обид“ и „соизвршителство“.

На 08.03.2024 на подрачјето на Бит-пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот помеѓу М.А. и петтопријавениот Ј.Б., пријавените физички го нападнале оштетениот, при што првопријавениот С.Е. со нож му нанел убодни рани.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.В.(46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

На 09.03.2024 и на 19.03.2024 во Битола, пријавениот извршил „тешки кражби“ во два угостителски објекти и еден продажен објект, при што одзел пари и повеќе предмети. Тој бил лишен од слобода, а од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му била одредена мерка притвор.  

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Н.(49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 14.11.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и метамфетамин.

СВР Куманово поднeсе кривична пријава против С.А.(26) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

При извршен преглед на пријавениот, полициски службеници пронашле и одзеле хероин и дробилка.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Љ.Д.(45) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

На 14.03.2024 на регионалниот пат Штип - Плачковица, полициски службеници дале знак за запирање  возило кое го упавувал пријавениот, а откако застанал, со вратата од возилото удрил полициски службеници. Подоцна, истиот ден, на друга локација, полициски службеници повторно го забележале пријавениот и откако му дале знак за запирање, тој не застанал и се обидел со возилото да ги удри.

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против Д.Ј.(33) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

На 02.12.2023 на Граничниот премин Меџитлија, при пасошка контрола било констатирано дека евидирал на стоп листа со мерка недозволен излез, а при дополнителна проверка било констатирано дека недостасуваат шест страни од патната исправа.

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.П.(48) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

На 14.12.2023 на патот А3 во Битола, пријавениот на увид на полициски службеници им ја дал неговата поништена возачка дозвола.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Д.Р.(37) од с.Облешево, Кочанско, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „загрозување на сигурноста“.

Во периодот од 24.02 до 28.02.2024 на социјалната мрежа Фејсбук, пријавениот во неколку наврати испратил пораки со заканувачка содржина на тројца полициски службеници. 

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан