• четврток, 11 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Полициски службеници од Полициската станица Чаир денеска во 5.20 часот на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода В.В.(35) од Скопје, поради тоа што околу 3.00 часот на бензинска пумпа, со закана со остар предмет кон вработениот, одзел пари и мобилен телефон.

Со него бил извршен службен разговор и кај него биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело, кои ќе бидат вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот, СВР Скопје - ЕВР Чаир ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „разбојништво“.   

Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на 9 јули 2024 во 16.20 часот го лишиле од слобода А.Д.(51) од Скопје.

При претрес во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени една пушка, една рамка за пиштол, 41 куршум и ловен патрон. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

Во рамки на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност на сообраќајот, вчера (9 јули 2024), во периодот од 17.00 до 21.00 часот, спроведена е акциска контрола за  прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли.

При контролата биле откриени и санкционирани 45 прекршоци (ТЕ-27 и ГВ-18), од кои најголемиот дел - 23 (ТЕ-12 и ГВ-11), биле за некористење на заштитен шлем (кацига), потоа седум (ТЕ-3 и ГВ-4) за управување без возачка дозвола, седум (ТЕ-4 и ГВ-3) за изминат рок на осигурителна полиса и два (ТЕ) со поминат рок на регистрација. Против возачите биле поднесени соодветни поднесоци, а при контролата биле констатирани и санкционирани осум (ТЕ) друг вид сообраќајни прекршоци.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Ј.(28) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Користејќи апликации за комуникација, тој на повеќе социјални мрежи се зачленувал во групи, во кои ширел содржина со детска порнографија. Потоа нив ги споделувал во други групни и лични профили со кои разменувале линкови од групи со таква и слична содржина.

Х.И.(39) од с.Ваксинце денеска во 00.40 часот во СВР Скопје пријавил дека вчера (9 јули 2024) околу 20.00 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Б.М.(32) од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.С.(21) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дроги“.

Пријавениот во мај и април оваа година им овозможил на А.А.К. и И.Ц. да консумираат марихуана, која претходно ја набавил од едно лице од Скопје.

На 9 јули 2024 во 23.54 часот во СВР Скопје 20-годишна жена пријавила дека околу 16.00 часот на подрачјето на Бит-пазар била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер А.М..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.Б.(28) од кичевското село Долно Страгомиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“.

На 23 април 2024 година во 15.40 часот, во продажен објект во Струга тој пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 200 евра, со која ги платил купените производи.

Во СВР Тетово вчера (9 јули 2024) во 12.10 часот 53-годишен тетовец пријавил дека бил измамен со 9.900 денари од правен субјект со седиште во Штип.

Тој со одговорните контактирал преку социјална мрежа и преку мобилен телефон и од нив нарачал производ, кој откако му бил доставен забележал дека не соодветствува со нарачаниот. Според пријавеното, тој го вратил производот со цел да му го заменат, но ниту го добил тоа што го барал, ниту успеал да воспостави повторна комуникација со одговорните. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во Полициското одделение Шуто Оризари вчера (9 јули 2024)  во 11.54 часот од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, додека нивна вработена го носела штитеникот С.И.(16) кај негови роднини, тој ја турнал и избегал.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 9 јули 2024 во 23.37 часот, Т.К. пријавила во СВР Скопје дека во Дом за стари лица на подрачјето на Кисела Вода починал нејзиниот татко П.К.(76) од Скопје.

Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за  обдукција.

В.К.(37) од Скопје вчера (9 јули 2024) во 16.00 часот пред установа на подрачје на Чаир  физички нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија.

В.К. е приведен и по целосно документирање на случајот, против него  ќе следува соодветен поднесок.

Т.С.(44) од Кочани вчера (9 јули 2024) во 21.20 часот во Полициската станица Кочани пријавил дека околу 21.00 часот во Кочани, две лица физички го нападнале во неговиот дом, а едниот од нив му се заканил со пиштол.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Б.К.(44) од Штип вчера (9 јули 2024)  во 22.00 часот во СВР Штип пријавила дека околу 19.50 часот во Штип нејзината малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Ј.Д. (41) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 8 јули 2024, пријавениот на ул.„Ленинова“, по претходна сообраќајна незгода, ги нападнал Т.П. и еден полициски службеник.

Полициски службеници од Полициската станица Свети Николе вчера (9 јули 2024) во 17.05 часот во Свети Николе го лишиле од слобода К.Г.(67) од Свети Николе, поради тоа што околу 15.30 часот агресивно се однесувал кон С.Ѓ.(23) од с.Немајници, Светиниколско, и кон К.Т.(32) од Свети Николе, а потоа им се заканил со остар предмет.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Центарот за управување со кризи (ЦУК)  вчера (9 јули 2024) во 19.25 часот во СВР Скопје пријавил  дека на езеро „Треска“ малолетници од с.Сарај, Скопско, поради испуштање на вода од браната не биле во можност да ја преминат реката.

Известени се полициски службеници од Полициското одделение Сарај и од Одделот за специјални полициски операции кои излегле на терен, а малолетниците биле извлечени по намалување на водостојот од страна на Ш.С.(29) од с.Грчец, кој успеал да пристапи од страна на селото. Сите биле во добра здравствена состојба.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против П.П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

На 12 март 2024, на ул.„Христијан Тодоровски - Карпош“ пријавениот, по претходно недоразбирање во сообраќајот, учествувал во физичка пресметка со Н.Б., во која со пиштол во воздух испукал 10 проектили.

Е.А.(37) од Прилеп вчера (9 јули 2024)  во ОВР Прилеп пријавил дека со Е.Б., со кого од претходно се познавале, со патничко возило „даеву“, кое тој го управувал, заедно дошле до „Маркови кули“.

Според пријавеното, Е.Б. физички го нападнал со употреба на метален предмет, а потоа го однел кај местото познато како „Германска чешма“, кај с.Дабница каде што повторно физички го нападнал, а потоа го врзал, му одзел пари и заминал.

Според пријавеното, на нападите им претходела расправија во врска со сопругата на Е.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Б.С.(42) од Кавадарци вчера (9 јули 2024) во 09.30 часот во ОВР Кавадарци  пријавила дека пред објект кај место викано Моклиште, Кавадаречко, била касната од куче скитник.

Ј.В.(63) од тетовска Брвеница вчера (9 јули 2024) во 16.05 часот во СВР Тетово пријавил дека во селото бил каснат од куче скитник.

В.Ј.(36) од с.Крстоар, Битолско, вчера (9 јули 2024) во СВР  Битола пријавил дека на ул.„Карпош“ во Битола бил каснат од куче скитник. хс/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан