• недела, 22 декември 2024

Таравари: Мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени

Таравари: Мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Според министерот за здравство Арбен Таравари, по изборите во Бугарија и изборите во САД, ќе се изнајде решение што ќе биде излез на нашата држава од ќорсокак и од декември ќе ги започнеме уставните измени.

- Ајде да бидеме искрени до крај, вопшто проблемот не е дали Бугарите ќе бидат во Уставот, тоа не е проблем, ние бевме за Египќаните и Хрватите да бидат во преамбулата. Тоа не е пречката, пречката е историскиот проблем помеѓу Бугарија и Македонија. И тука е целата работа што не оди како што треба и оневозможува преговорите да се случат. Јас мислам дека по изборите во Бугарија и изборите во САД, мислам дека ќе се изнајде решение што ќе биде излез на Македонија од овој ќорсокак. Јас мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени, изјави Таравари во емисијата „Вин вин“ на телевизија „Телма“.

Тој кажа дека пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, биле многу јасни.

- Пораката беше јасна, ние сме добредојдени да ги започнеме преговорите, но, условот е тој да ги направиме измените во Уставот, многу легитимно од премиерот кој бара гаранции. Не се даваат гаранции од 2018 и 2019 година, потребни ни се посериозни гаранции, смета министерот за здравство.

Тој смета дека нашата држава заслужува потврда од Брисел и Вашингтон да не се бара нешто додатно.

- Најголемиот страв за мене како политичар во изборите пред 24 април и 8 мај да не ни се повтори Букурешт, да не ни се повтори 2008 година, а сега мојата интуиција, сигурен сум дека господинот Мицкоски е западноориентиран, и он сака да изнајде решение и е доста заинтересиран Македонија да не остане во групата со БиХ и Косово, додаде Таравари. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан