• петок, 05 декември 2025

Претставникот на УНДП Григоријан доби симболичен клуч од Кавадарци како благодарност за соработката 

Претставникот на УНДП Григоријан доби симболичен клуч од Кавадарци како благодарност за соработката 

Кавадарци, 19 јуни 2025 (МИА) - Постојаниот претставник на УНДП Македонија, Армен Григоријан, доби симболичен клуч од Кавадарци,  како благодарност за соработката. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека му го предава „клучот“ од градот, како симбол на вечно пријателство и гостопримство во оваа општина. Триесет години од работата на УНДП во државата, беа одбележани вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци. 

Григоријан рече дека му е чест што е дел од овој настан и задоволство што го доби овој клуч и посака и понатамошна соработка, во служба на заедницата. 

-Заедничките резултати во Вардарскиот регион се бројни. Ги поддржавме општините во градењето на капацитети, ангажман на граѓаните и изработка на техничка документација, што резултираше со реални проекти. Поттикнавме и интер-општинска соработка, интегрирани планови за развој и Индекс на општински развој. Преку национални и регионални партнерства, го поддржавме вработувањето и малите и средни претпријатија преку Оперативниот план. Вардарскиот регион има клучна улога во економскиот раст и нашата поддршка има цел да го ослободи неговиот целосен потенцијал, истакна Григоријан.

Тој нагласи дека младите се во сржта на  активностите. 

- Програмата Гаранција за млади ги поврзува младите со работни места и обуки, додека младинските совети и иницијативи добиваат континуирана поддршка. Дигитализацијата добива се поголем фокус - програмата ЛОГЕС е активна во неколку општини, а наскоро започнуваме и проект за сајбер безбедност во Кавадарци. Денес, работиме на зелена и дигитална транзиција преку Градскиот експериментален фонд и на урбана рехабилитација преку проектот за справување со аерозагадувањето. Списокот на постигнувања е навистина долг, подвлече Григоријан. 

Заменик амбасадорката на Швајцарија во државата - Михал Харари, рече дека се долгогодишен и посветен партнер на Северна Македонија, кој ја поддржува, на патот кон европска интеграција. 

На настанот присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој рече дека Кавадарци е градот што претставува синоним за квалитетното македонско вино. 

- Соработката помеѓу УНДП и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е само формалност, туку вистинска можност за трансформација на нашиот земјоделски сектор. Преку заедничките проекти со УНДП, ние работиме на модернизацијата на македонското земјоделство и неговото приспособување кон европските стандарди. Преку оваа соработка, ние како Министерство се запознаваме со меѓународните стандарди и најдобрите практики во земјоделството. Ова е особено важно во контекст на климатските промени и потребата за одржливо производство на храна, истакна министерот. 

Трипуновски напомена дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство активно ги поддржува малите семејни винарии преку учество на меѓународни саеми и презентации на македонски вина на локални и меѓународни манифестации.

-Нашата цел е македонското вино да стигне до секој агол од светот. Ние продолжуваме да ги поддржуваме малите винарии и со гордост можам да соопштам дека е распишан јавниот повик кој предвидува инвестиции во опрема за производство на вино, алкохолни пијалоци и пиво од мал обем. Овој повик обезбедува финансиска поддршка до 600.000 денари по корисник, што ќе им овозможи на нашите винарии да ја модернизираат својата опрема и да го подигнат квалитетот на производството, нагласи министерот.

Притоа подвлече дека дополнително, винариите кои освојуваат прво, второ или трето место на престижни меѓународни натпревари, добиваат парични награди до 300.000 денари. Ова, како што рече, не е само финансиска поддршка, туку и признание за нивниот труд и посветеноста.

- Македонија има исклучително добри климатски услови, богата почва и долгогодишна традиција, совршена комбинација за производство на вина од светска класа, но и други земјоделски производи. Со правилна поддршка, инвестиции и промоција, нашите производи можат да станат најуспешни извозни производи, истакна Трипуновски. 

Градоначалникот Митко Јанчев рече дека е голема чест, што Општина Кавадарци е домаќин на овој настан. 

- Ќе зборувам и во име на сите останати осум други општини од Вардарскиот плански регион, кои низ годините биле активни партнери на УНДП со бројни заеднички иницијативи. Со вкупно девет општини, Вардарскиот регион е движечка артерија во националната економија, со одлични климатски услови за развој на земјоделството, долгогодишна традиција за производство на вино, како и со потенцијалот за развивање на планински туризам кој го стимулира развојот на локално и регионално ниво, со фокус на јавно приватно партнерство и подобрување на квалитетот на живеење, истакна Јанчев. 

Притоа појасни дека соработката со УНДП се реализира во неколку стратешки области. 

-Преку владиниот Оперативен план на активни мерки и програми за вработување, активни сме во сите мерки и програми за вработување, а посебно во оние со фокус на малите и средни претпријатија, поддршката за отворање нови квалитетни работни места со еднакви услови за сите. Растот во овој регион е од суштинско значење, во услови кога зборуваме за задржување на младите дома, градење на одржливи и просперитетни заедници и креирање конкурентен бизнис сектор, нагласи градоначалникот.

Во регионот, подвлече тој, УНДП и донаторите дале огромен придонес во јакнењето на капацитетите на општинската администрација и во вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

- Во моментов спроведуваме повеќе проекти како што се, проект за подобрување на квалитетот на воздухот во Кавадарци,  за сајбер безбедност, Фонд за експериментирање со градовите за што вечерва потпишавме и договор за грант, информираше Јанчев. 

Тој го честита јубилејот на сите вработени во УНДП и посака уште долги години плодна и успешна работа. 

- Очекуваме и во иднина да продолжиме да соработуваме, затоа што само заедно можеме да создадеме подобра иднина за нашите граѓани. Особено задоволство претставува фактот што Општина Кавадарци изминатите 30 години се истакнува како потврден партнер со УНДП, рече Јанчев. свд/ев/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан