Таравари: Скопје заслужува нов клинички центар, меѓутоа, да не брзаме со зборовите
- Тој повтори дека има кризи во повеќе градови и клинички болници, каде нема сестри за дежурање, нема доктори, се затвораат одделенија, не функционираат повеќе болници и готови се до затворање.
Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари смета дека Скопје заслужува да има нов клинички центар, но, оти не треба да се брза со зборовите. Тој вечерва изјави дека треба да се почека, да се види како ќе оди процесот со болниците во Штип и во Кичево.
- Скопје заслужува да има нов клинички центар. Меѓутоа, да не брзаме со зборовите. Да причекаме, да видиме како ќе оди работата со двете болници во Штип и во Кичево. Ако тоа успее, успешна приказна, тогаш кон крајот на идната година треба да најавиме евентуално и нова клиничка болница, рече тој во емисијата „Вин вин“ на телевизија „Телма“.
Министерот нагласи дека ако се почне со градење нов клинички центар, ќе бидат потребни минимум седум, осум години за тој да биде употреблив.
- Јас би бил најсреќниот човек во Македонија доколку успееме првата лопата да ја фрлиме за започнување на новиот клинички центар во Скопје. И ако почнеме утре клинички центар да градиме, нас ќе ни треба минимум седум, осум години за да тоа биде употребливо, додаде Таравари.
Тој повтори дека има кризи во повеќе градови и клинички болници, каде нема сестри за дежурање, нема доктори, се затвораат одделенија, не функционираат повеќе болници и готови се до затворање.
Во врска со случајот со починатото 14-месечно бебе во Скопје, министерот рече дека не вели оти докторите направиле голема грешка, меѓутоа имало превид, имало пропуст.
- И јас не сум за да се стигматизираат докторите. „Ајде да ги исфрлиме“, „ајде да ги судиме“... Меѓутоа, некаква казна треба да се даде за да понатаму не ни се повторат. Сите сме потенцијални пациенти, додаде Таравари.
Меѓу другото, тој кажа и дека нивен предлог до Лекарска комора било привремено да се одземат лиценци, некаква дисциплинска мерка од клиниките или болниците за да не се повторат грешките.
- Целта е таа. Бидејќи тој живот, за жал, не можеме да го вратиме. Меѓутоа, да не ни се повторуваат грешките, нагласи Таравари. бд/аа/
Фото: МИА архива