• вторник, 30 април 2024

МВР-билтен (ДПЛ)

МВР-билтен (ДПЛ)

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - СВР Битола – Отсек за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против Џ.Р., полициски службеник во Полициската станица Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда при вршење на семејно насилство“, казниво по член 130 став 2 од Кривичниот законик. На 29.01.2024 во Битола, Џ.Р. физички ја нападнал неговата невенчана сопруга и ѝ нанел телесна повреда. Исто така, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе предлог за поведување на постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 став 1 точка 10 и 20 од Колективниот договор на МВР и член 26 од Етичкиот кодекс  за однесување на работниците на МВР. Одделот за внатрешна контрола изрече и мерка за одземање на оружјето од пријавениот полициски службеник.   

На 11.03.2024 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 19 прекршоци, од кои 5 надвор од населено место и 14 во населено место. Санкционирани биле и 28 останати видови на прекршоци.  

На 11.03.2024 во 10.20 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен Х.У.(50) од Република Турција. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи на објект во изградба на подрачјето на Центар. За настанот бил известен трудов инспектор, а увид извршила екипа од СВР Скопје.

На 11.03.2024 во 09.36 часот во СВР Скопје, А.М.(32) од Скопје пријавил дека на паркинг простор на подрачјето на Карпош, неколку лица со тврди предмети го оштетиле службеното возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки на приватна геодетска фирма од Скопје, додека тој и неговиот колега Б.М.(28) од Скопје биле во возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.03.2024 во 10.00 часот во ОВР Крива Паланка, 32-годишна жена од Крива Паланка пријавила дека Б.Д. од Штип извршил обљуба врз нејзината малолетна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.03.2024 во 13.20 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.Џ.М.(16), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 11.03.2024 во 12.30 часот во СВР Битола, С.Б.(42) од с.Логоварди, општина Новаци, пријавил дека на ул.„Димитар Радосављевиќ” во Битола бил каснат од куче скитник.

На 11.03.2024 во 09.00 часот во СВР Битола, А.К.(60) од Битола пријавил дека на ул.„Димче Лахчански” во Битола била касната од куче скитник.

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.Ш.(27) од с.Лабуништа, Струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Пријавениот, осуденик во Казнено – поправната установа Затвор Штип, поседувал хероин кој му бил пронајден и одземен.

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Ј.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 12.12.2023 на ул. „Тризла“ во Прилеп, пријавениот со пиштол упатил закани кон Е.А..

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.С.(68) од с.Нераште, Тетовско и Е.А.Н.(39) од с.Слатино, Тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Првопријавениот запознал едно лице со второпријавената, која лажно му се претставила и откако го довела во заблуда дека ќе се венчаат, тој во повеќе наврати ѝ дал 6.300 евра и накит.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Т.С.(66) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 11.02.2023, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом и викенд куќа, при што пронашле и одзеле повеќе куршуми.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.В.(31) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. На 03.02.2024, пријавената била затекната со нејзините три малолетни деца како питачат.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.А.(19) и А.А.(21), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на дрва“. На 27.07.2023 во атар на с.Крстец, Прилепско, полициски службеници ги затекнале пријавените при бесправна сеча на дрва во шума со која стопанисува Јавното претпријатие „Национални шуми“. мд/

Фото:МИА архива

 

 

 

 

 

Остани поврзан