• четврток, 21 ноември 2024

Марко Гутиќ Мижимаков е добитник на наградата „ДЕНЕС“

Марко Гутиќ Мижимаков е добитник на наградата „ДЕНЕС“

20 септември 2024

Марко Гутиќ Мижимаков за кусиот уметнички филм „Лов на змејки“ е добитник на нaградата „ДЕНЕС“, којашто се доделува на млад визуелен уметник до 35 години во Северна Македонија. 

Наградата „ДЕНЕС“ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава. Годинава наградата се доделува по осумнаесети пат. 

Добитникот на наградата „ДЕНЕС“ - 2024 добива двомесечен престој во „Residency Unlimited“ во Њујорк во периодот август-септември 2025 година. 

Жирито за наградата беше составено од: Ксенија Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште „Art Students League“ од Њујорк, САД, Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во Србија во 2023 година, и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и претседателка на АИКА – Македонија

- Делото на Марко значително се истакна, начинот на кој тој ја ситуира својата уметничка практика, односно начинот на кој ја преведува својата индивидуалност во општеството, користејќи автентични уметнички и концептуални решенија. Движејќи се низ исклучително сложениот систем на референци што ги црпи од литературата, музиката, науката, кореографијата, технологијата, соработката и екологијата, Марко создава хибридни уметнички форми и шпекулативни наративи, кои се спротивставуваат на сè уште доминантната анти-квир парадигма. Иако неговата практика се потпира на различни симболички и референтни системи, тие не се појавуваат како самодоволни, туку се целосно функционални во рамките на неговата специфична уметничка поетика, која генерира привлечен визуелен јазик и политички потенцијал. Политиката на неговата работа е сместена во суптилностите на неговиот уметнички јазик, кој ве заведува преку разговори за телото, телесните политики и социјалниот статус на поединецот - стои во одлуката на жири-комисијата. 

Другите двајца финалисти годинава беа младите уметници Јован Јосифовски и Ивана Самандова.

Јован Јосифовски ќе добие едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во мај 2025 година и самостојна изложба во просторот.

- Работата на Јован Јосифовски е мошне лична. Тој ги поздравува гледачите во неговиот свет и сѐ што тој нуди - и доброто и лошото. Неговото уметничко истражување вклучува интервјуирање субјекти чии биографии се паралелни и се вкрстуваат со неговата. Заедно нивните приказни го сочинуваат јадрото на неговото дело, кое физички се манифестира во постери, книги за уметници, скулптури, инсталации и видеа. Фикусирајќи се на радостите и на несигурноста на квир-животот во постјугословенски контекст, Јосифовски ни го привлекува вниманието со средствата за бегство, судирите меѓу црквата и државата, како и на распространетоста на физичкото насилство врз локалната ЛГБТК - заедница - вели жири-комисијата. 

На уметницата Ивана Самандова ќе ѝ биде овозможено да има самостојна изложба во Скопје, во 2025 година.

- Ивана Самандова е уметничка, која има мулти и трансдисциплинарен пристап, мешајќи или надминувајќи ги границите на традиционалните и современите техники, вклучувајќи сликарство, цртеж, предмети, дигитална уметност (видео, дигитални отпечатоци) и инсталација, со цел да ги истражи сложените теми на идентитетот, наследство и меморија, екологија, комплицирани човечки односи итн. Таа е единствената од избраните уметници за наградата „Денес“, која продуцирала ново уметничко дело за оваа изложба - интерактивна инсталација, која претставува графичко мапирање на локалните општествено-политички услови (нагласувајќи ја состојбата на културата), со референтни истражувања, поставувајќи го прашањето „Што сега?“ без идеализирање на минатото и негувањето на вербата во иднината - стои во одлуката на жири-комисијата. 

Изложбата на овие тројца уметници ќе може да се погледне во националната галерија „Мала станица“ до 28 ноември. 

Наградата „ДЕНЕС“ е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално  првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата „ДЕНЕС“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. 

Од 2015 година наградата локално ја организира здружението „Факултет за работи што не се учат“  (ФРУ), во рамки на фестивалот „АКТО“.

„ФРУ“ оваа манифестација ја организира во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк.

Досегашни добитници на наградата „ДЕНЕС“ се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

Тим на Акто

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан