• недела, 22 декември 2024

Четириесетина претставки за загрозена животна средина годинава до Омбудсманот, половината се за загадениот воздух

Четириесетина претставки за загрозена животна средина годинава до Омбудсманот, половината се за загадениот воздух

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.

Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Норвешка и се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје. 

На отворањето на конференцијата Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении кога „природата жестоко го враќа ударот“ - зачестените природни непогоди: поплави, торнада и урагани, ефектите на т.н. стаклена градина, екстремните температури... Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата. 

Омбудсманот порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда која, рече, е императив во овој век, затоа што „ако не се преземат соодветни мерки за климатските промени, тие ќе значат колективно умирање“.

Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.

-Нехуманата градежна експанзија, интензивното користење на минералните суровини, дивите депонии, горењето на насобраниот отпад од истите, неизградбата на регионалните депонии и соодветно собирање, транспортирање и третирање на отпадот, како и преголемото испуштање на штетните гасови во воздухот, веќе ни ја испорачаа сметката – жителите на главниот град Скопје дишат воздух во кој загаденоста е поголема неколку пати од дозволеното. Во слични околности живеат и жителите на Тетово, Струмица, Кочани и други градови. Нашите градови се на топ-листата на десет најзагадени градови во светот... Истражување на УНИЦЕФ покажа катастрофални резултати - дека секое десетто новородено дете во нашата земја како последица на смртта ја има нечистата животна средина, рече народниот правобранител.

Начелниот став на Врховниот суд, потенцира Зибери, нѐ охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец.  

Соопшти дека над половина од општините во земјава немаат ниту еден инспектор за животна средина и заклучи: „Тогаш за каква грижа може да зборуваме?!“. Апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.

Постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан, во обраќањето на конференцијата порача дека заштитата на животната средина „не е само еколошко прашање, туку е и правда и фундаментално човеково право“ и затоа омбудсманите и институциите за заштита на човековите права „имаат се поголема  улога во промовирање на еколошката правда“.

-Особено, како што влијанието на деградацијата на животната средина и човековите права стануваат се повеќе важни. Глобално земено, повеќе од 155 земји препознаваат право на здрава животна средина и канцелариите на омбудсманот се правите на удар коишто треба да ги решаваат проблемите и поплаките поврзани со лошото справување со ситуацијата. Во Западниот Балкан околу 30 проценти од сите поплаки кон правобранителските канцеларии вклучуваат еколошки прашања, истакна Григорјан.

Како што рече, во некои земји сега е правно прифатливо докторите да може да пропишуваат да се поминува време во природа и дека на тоа се гледа како на лек. 

-Ова кажува колку е важно да се заштитува природата. УНДП е горд да ја поддржи Северна Македонија и институциите за човекови права и Омбудсманот и да ги зајакне капацитетите да се заштити човековото право и правото на здрава животна средина. Ова е поширока заложба на УНДП во целиот регион – ефикасни одговори на еколошките неправди, рече постојаниот претставник на УНПД во државава.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во изјава за медиумите во однос на тоа што се презема против аерозагадувањето во градовите во државава, одговори дека политиките се насочени кон причините, а не кон последиците. 

-Ова не е од вчера, за жал, ситуацијата не следи долго време. Но, ова не го констатирам за да избегнам одговорност. Напротив, ова е заеднички проблем и ние, како држава, мора да се соочиме со реалноста – или ќе плаќаме казни и тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се занимаваме со последиците, истакна  Меџити.

Како што рече, прво на кое „сакаат да се нафатат“ е гасификација на урбаните средини како долгорочно решение. Таа е, рече, и нов и поевтин извор на греење со кој нагло ќе се намали загадувањето во градовите.

-Повеќе сум склон да се занимаваме со причините отколку со последиците и со конкретни проекти кои долгорочно ќе придонесат да се реши проблемот. Истражувањата покажуваат дека во урбаните средини домаќинствата користат се и сешто за греење, не од што сакаат туку затоа што немаат избор. Со „зелен фонд“ на Владата и од Министерството за животна средина ќе субвенционираме за да се зголеми бројот на тие што се греат на топлинска енергија во урбаните средини, бидејќи нив таму ги има, и да се вратат на нив, бидејќи таа е почиста и од гасификацијата. Ова се конкретни покрупни проекти. Најверојатно се размислува и термоелектраните кои се на јаглен да се затворат и до 2030 да се заменат со гасни централи и нови системи кои ќе придонесат за подобра животна средина, рече Меџити.

Според него, проблемот не е нерешлив доколку се работи на причините и со соодветни проекти. Го спомна и загадувањето од сообраќајот и рече  дека „поради недобра комуникација со Град Скопје“ доцни реализирањето на донација од шест електрични автобуси од Европската Унија.

Воедно, додаде, се работи и на проблемот со отпадот и дека во завршна фаза е депонијата  Свети Николе, а се работи и за депонијата за Пелагонија за која, како што рече, се предвидени 26 милиони евра од ЕБОР.

На прашањето што ќе преземе Влада откако Советот на Општина Кочани усвоил одлука да забрани оставање на отпадот од соседните три општини во депонијата Кочани, Меџити одговори дека „трошоците за  депонијата ќе ги презема Владата и помалите три општини да се вратат на истата депонија“. хс/ев/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан