• понеделник, 23 декември 2024

Герила акција „Моето детство е моја приказна“ за подигнување на свеста за приватноста на децата во дигиталната ера

Герила акција „Моето детство е моја приказна“ за подигнување на свеста за приватноста на децата во дигиталната ера

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) – По повод Светскиот ден на детето - 20 Ноември, денеска кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк во Скопје е поставена уметничка инсталација на младиот уметник Озбек Ајваз. Таа е симболичен потсетник дека секое дете заслужува приватен и безбеден простор за раст и развој. Уметничката инсталација ќе биде изложена до 15 часот.

Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) организираат герила акција под наслов „Моето детство е моја приказна“. Оваа акција, како што наведуваат, има за цел да ја подигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот.

Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот,“ финансиран од Европската унија.

- Акцијата испраќа силна порака: иако споделувањето на моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност. Истражувањата покажуваат дека фотографии и видеа, споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација. Според проценките, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување вакви содржини, се вели во соопштението.

Според организаторите, грижата за приватноста на децата во дигиталниот свет е заедничка одговорност. Ги повикуваат родителите да бидат внимателни и информирани при споделувањето на фотографии и податоци за своите деца на социјалните мрежи. Важно е, како што наведуваат, да се разберат потенцијалните ризици кои го следат дигиталниот отпечаток на децата и да се преземат мерки за заштита на детската приватност.

- Ги охрабруваме медиумите, граѓаните и институциите да ја поддржат оваа иницијатива и заеднички да ја пренесат пораката за создавање побезбедна и подобра иднина за младите генерации. Само со здружени напори можеме да обезбедиме дека децата ќе растат и ќе се развиваат без страв од нарушување на нивната приватност и злоупотреба на нивните лични податоци, стои во соопштението од Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници. мд/ац/

Фото: Центар за правни истражувања и анализи и Македонско здружение на млади правници

 

 

 

Остани поврзан