• понеделник, 23 декември 2024

Лабина Митевска добитник на Еуримаж награда за меѓународни копродукции 

Лабина Митевска добитник на Еуримаж награда за меѓународни копродукции 

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинашната Еуримаж награда за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ и Европската филмска академија. Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.

Оваа награда, според жирито, ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страстно посветена на европската кинематографија. - Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни копродукции кои се гордост на фондот Еуримаж, се вели во соопштението.

Еуримаж наградата за меѓународни копродукции ја доделува Европската филмска академија во соработка со „Еуримаж“ заедно со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа. Наградата, како што се наведува, ја потврдува клучната улога на копродукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.

- Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта која ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајните филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија, изјавија од продукцијата

Од продукцијата посочуваат дека копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Потенцираат дека речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали Берлин, Венеција, и Кан и се наградувани и прикажувани ширум светот.

- Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу многу труд сѐ е можно. Оваа награда е уверение дека и припаѓаме на Европа кога работиме европски, изјави Лабина Митевска

Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, каде лично ќе ја прими доделената награда. Церемонијата на Европските филмски награди е овозможена од Европската филмска академија и Европски филмски награди Продукција гГмбХ.

Сестрите и братот Лабина, Теона и Вук успешно ја почнаа работата на нивната продуцентска куќа во 2001 година. Лабина е високо почитувана актерка од балканскиот регион, која ја започнува својата кариера во „Пред дождот“(1994) на Милчо Манчевски, награден со „Златен лав“ во Венеција и номиниран за Оскар. Лабина е извршен директор на продукцијата, нејзината сестра Теона е режисер и нивниот брат Вук, сликар и скулптор, работи како сет дизајнер и автор на анимации.

Филмовите на „Сестри и брат Митевски“ продукција го вклучуваат нивниот прв филм „Вета“ (2001), краткометражен филм кој ја доби Специјалната награда на жирито на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, проследено со „Како убив светец“ (2004), нивниот прв игран филм, кој имаше премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам и освои бројни други награди вклучувајќи ја и главната награда за игран филм на Кросинг Јуроп (Crossing Europe) филмскиот фестивал во Линц, Австрија.

„Јас сум од Титов Велес“ (2007) беше поканет на Берлинскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Торонто филмскиот фестивал, Пусан фестивалот како и селекцијата АСИД (ACID) на Канскиот фестивал и на уште 80 други фестивали. Беше дистрибуиран во 15 земји и освои над 20 награди. „Жената која ги избриша своите солзи“ (2012) со Викторија Абрил ја имаше својата премиера на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал и беше прикажан на уште 40 други фестивали. „Кога денот немаше име“ (2017) исто така имаше премиера во Берлин, како и „Господ постои името и е Петрунија“ (2019), каде ја доби наградата на Екуменското жири, која се дополни со други 30 меѓународни награди – вклучувајќи ја и ЛУКС (LUX), наградата на публиката на Европскиот Парламент во 2019. „Најсреќниот човек на светот“ (2022) ја имаше својата премиера на Венецијанскиот филмски фестивал, како и во Торонто филмски фестивал и освои една дузина награди.

„Дваесет и еден до крајот на светот“ (2023) е најновиот филм на продуцентската куќа, кој имаше премиера исто во Венеција. Оваа година Лабина Митевска работи на „Скејтањето не е за девојчиња“ (2024) на Дина Дума, кој беше развиван на Канскиот Синефондасион (Cannes Cinéfondation) и „Мајка“(2024), со Нооми Рапас (Noomi Rapace), најновиот филм на нејзината сестра Теона Стругар Митевска.

Лабина Митевска има продуцирано девет филмови со поддршка на Еуримаж, од кои шест се како мнозински продуцент: „Јас сум од Титов Велес“, „Жената која ги избриша своите солзи“, „Кога денот немаше име“,  „Господ постои името и е Петрунија“,  „Најсреќниот човек на светот“ и „Скејтањето не е за девојчиња“. Како малцински копродуцент беше вклучена во следниве филмови поддржани од Еуримаж: „Сиераневада“ од Кристи Пују, „Дивата круша“ од Нури Билге Џејлан и „Празникот на трудот“ на Пјер Жалица.

Лабина Митевска е членка на Европската филмска академија и е национален претставник на ЕАВЕ (Европски аудиовизуелни претприемачи). Во 2014 година беше дел од Продуценти во подем на ЕФП (Европска Филмска Промоција) на Канскиот филмски фестивал. Од 2022 година Лабина е дел од продуцентскиот тим на белгиската филмска компанија „Ентр Шиан е Лу“ (Entre Chien et Loup). мд/сст/

Фото: „Сестри и брат Митевски“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан