• среда, 26 јуни 2024

Македонската поетеса Дамјановска на 54. издание на фестивалот во Ротердам

Македонската поетеса Дамјановска на 54. издание на фестивалот во Ротердам

Струга, 10 јуни 2024 (МИА) - Македонската поетеса Ива Дамјановски беше претставена на 54. издание на поетскиот фестивал Poetry International, што се одржа од 6 до 9 јуни во Ротердам, Холандија, соопшти денеска Националната установа Струшки вечери на поезијата.

Дамјановски, според соопштението, настапила во главната програма, на поетското читање што се одржало во мултимедијалниот центар Зудплејн, каде секој автор пред неговиот настап бил преставен со специјално создадено мултимедијално видео.

- Ива Дамјановски беше дел од интерактивната и мошне интересно осмислена „просторна“ поетска дебата, каде што поетите учесници ги изразуваа своите ставови и преку просторно позиционирање на сцената, соопшти СВП.

Главното претставување на Дамјановска, било на 8 јуни во мултимедијалниот центар Лантаренвенстер, кога во времетраење од околу половина час имала можност да прочита избор од нејзината поезија, а потоа да ги каже и своите поетички ставови во разговор со модератор.

- Нејзиниот настап наиде на исклучително добар прием кај публиката која ја исполни салата до последното место. Инспирирани од поезијата на Ива Дамјановски, студентите од академијата Вилијам де Кенинг, дизајнираа специјален плакат во склоп на серијата плакати инспирани од поезијата на учесниците во главната програма на Фестивалот. Учеството на Дамјановски беше овозможено од платформата Версополис, која почнувајќи од 2014 година ја зголемува мобилноста и афирмацијата на младите поети во подем, стои во соопштението на СВП.

Гостин на Фестивалот бил и директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, Фестивал, кој е дел од платформата Версополис, и остварил повеќе средби со директорите на фестивали и поетски колективи.

На средбите биле разменети искуства поврзани со организацијата на фестивали и договорени идни соработки. Тасевски, на директорката на Poetry International, Диана Чин-А-Фат ѝ врачил примероци од Монографиите на македонските добитници на Златен венец, Матеја Матевски и Влада Урошевиќ.

- Овие монографии, во кои значителен дел од поезијата е преведен на англиски јазик ќе бидат уште една можност за увид во творештвото на нашите двајца истакнати поети, но и прилика за холандските издавачи да пројават интерес за изданија на холандски јазик, посочуваат од СВП. сс/цр

Фото: СВП

Остани поврзан