• недела, 22 декември 2024

Почна со работа Работната група за воспоставување на Регистар за недвижниот имот на државата

Почна со работа Работната група за воспоставување на Регистар за недвижниот имот на државата

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Првиот состанок на Работната група за изнаоѓање решенија за формирање централизирана база на податоци за недвижниот државен имот денеска се одржа во просториите на Владата, а со него раководеше вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи. На состанокот присуствуваа и главниот државен ревизор, Максим Ацевски и ревизорите од Државниот завод за ревизија.

Вицепремиерот Фетаи ја охрабри Работната група и заедно со главниот државен ревизор Ацевски им даде поддршка на членовите на групата за нивната работа. Работната група, пак, ја прифати задачата што им ја делегираше Владата, од каде очекуваат да има конкретно решение за воспоставување на централизиран Регистар за државен недвижен имот.

-Управувањето и раководењето со државниот недвижен имот, како компоненти на нефинансиските средства на државата, се значајни бидејќи можат да придонесат за решавање на некои од приоритетните предизвици со кои се соочува и Владата. Доброто управување и раководењето на државните недвижности, од една страна, може да придонесе за намалување на трошоците за одржување, реконструкција, издавање под закуп на имотот, а од друга страна, може да биде предвидлив извор за пополнување на државниот буџет. Исто така, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста за јавните политики за ефективно и ефикасно управување со државниот имот може да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во институциите, велат од Кабинетот на Фетаи.

Неточната и ненавремена размена на информации меѓу различните државни институции одговорни за управување со имотот, нагласуваат, значи дека постојат значителни неефикасности и несоодветна координација во процесите на користење и одржување на имотот.

-Создавањето централизирана база на податоци (Регистар) е од особено значење за Северна Македонија. Оваа база на податоци ќе содржи информации за целиот државен недвижен имот, кои исто така ќе бидат редовно ажурирани и достапни за сите релевантни институции, со цел да се обезбеди прецизен мониторинг на состојбата на имотот и да се овозможи планирање и ефективна распределба, посочуваат од Кабинетот на Фетаи.

Централизираната база на податоци за недвижниот државен имот, додаваат, ќе овозможи точна евиденција, точни и ажурирани податоци за целиот имот, што ќе обезбеди јасен преглед и транспарентност. Ефективното планирање, информациите за имотот ќе овозможат подобро планирање и распределба на јавните ресурси.

-Централизираната база на податоци ќе го намали ризикот од неовластено користење и злоупотреба на државниот имот. Лесниот пристап до точни податоци ќе овозможи брзо и ефикасно донесување одлуки и ќе ја зголеми ефикасноста на управувањето со имотот. Со имплементацијата на овие решенија, Република Северна Македонија може значително да го подобри управувањето со државните недвижности, обезбедувајќи поголема ефективност, ефикасност и транспарентност во користењето на јавните ресурси, потенцираат од Кабинетот на Фетаи.вј/

Фото: Кабинет на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење

Остани поврзан