• среда, 23 октомври 2024

Презентирани препораките за снимање и фотографирање во судница

Презентирани препораките за снимање и фотографирање во судница

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет денеска во Врховниот суд ги презентираа препораките за снимање и фотографирање во судница.

Како што соопштуваат од Судот, претседателката Беса Адеми, истакнала дека препораките се засновани на заедничките заложби на Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет за унапредување на судската транспарентност.

- Препораките ги имаат истите вредности над кои се засновани начелните ставови на Врховниот суд, деловничките измени за јавност на Општата седница и активностите на Советот за отворено судство, а со кои се зајакна транспарентноста на судовите и со кои се даде значаен придонес за судството од повеќе аспекти. Од нив, најзначајни се аспектите за истакнување на улогата на медиумската заедница во едно демократско општество, враќање на јавната доверба и почитувањето на транспарентноста како една од најцврстите гаранции за судската независност и интегритет, нагласила Адеми.

Идејата на препораките е највисокиот суд во државата да ги промовира како насоки со кои ќе биде унифицирано снимањето и фотографирањето во судниците во предмети каде што има јавен интерес, а по примерот на Судско-медиумскиот комитет во Масачусетс, САД.

Во таа насока, претседателот на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, нагласил дека од суштинско значење е правдата да биде задоволена, но и дека правдата треба да биде видлива, што всушност е една од целите на Судско-медиумскиот совет, како тело во кое членуваат и новинари и судии. 

Во врска со препораките, Маглешов образоложил дека препораките се засновани на искуствата од САД, дека се усогласени со процесните закони и прописи и дека ја олеснуваат работата на новинарите. Претседателот на Судско-медиумскиот совет ја нагласил и потребата од континуирана соработка на судиите и новинарите во интерес на граѓаните и јавноста.

Вирџинија Елиот, директорка на ИНЛ во Амбасадата на САД, посочила дека преку транспарентноста се зајакнува јавната доверба, но воедно се зајакнува и довербата помеѓу судиите и новинарите. Елиот додала дека поаѓајќи од овие вредности, Амбасадата на САД е партнер во заложбите за отчетно и ефикасно судство согласно принципите на владеењето на правото.

Настанот се заокружил со доделување благодарници на Васко Маглешов за посебен придонес за унапредување на судската транспарентност и на директорката Вирџинија Елиот за континуирана поддршка на судската транспарентност. ар/нд/

Фото: Судско медиумски совет

Остани поврзан