• петок, 14 јуни 2024

Локална конференција „Гостивар – Општина посветена на децата“

Локална конференција „Гостивар – Општина посветена на децата“

Гостивар, 23 мај 2024 (МИА) – Во рамки на проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“ денеска во Центарот за млади заедницата/Youth and Community Center во Гостивар се одржа локалната конференција на тема „Одлучувам, значи постојам“.

На конференцијата претставници на локалната самоуправа, образовни институции, градинки и невладини организации дискутираа за унапредување на детските права преку вклучување на децата во процесот на одлучување.

Во обраќањето Драги Змијанац, коосновач и претседател на Првата детска амбасада во светот претстави дел од досегашните и планираните активности за развивање на концептот „Општини посветени на децата“.

Тој напомена дека е многу важно, за локалната самоуправа да ги детектира вистинските потреби и проблеми со кои децата и младите се среќаваат во општините и да може навремено со советниците, односно локалната и извршна власт заедно со градоначалникот да ги спроведат.

- На тој начин младите ќе имаат можност не само да бидат вклучени во креирање на политики, туку и активно да учествуваат во процесот на нивното спроведување. Па наместо да заминуваат од државата, да добијат соодветно место за живеење кариерниот развој да го реализираат во општината, рече Змијанац.

Тој смета дека образование од рана детска возраст, без листи за чекање во градинките, вклучување на децата од ранливи категории во образовниот процес, прекин на праксата за малолетни бракови и стручно образување се поважните приоритети.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари напомена дека како локална власт во изминативе шест-седум години континуирано е вложено во речиси сите градинки и училишта.

- Ние сме меѓу ретките градови што направија толку инвестиции, особено за децата со посебни потреби. Во сите училишта во градот има услови за нив, по сите стандарди, Отворени се младинските центри и центарот за аутизам што им овозможува на децата со посебни потреби да имаат услови за целодневен престој, меѓутоа и третман, посочи Таравари.

По конференцијата ќе се работи со фокус групите по што ќе се формира и работна група која ќе донесе стратешки документ за спроведување на промени по што младите ќе добијат можност да станат активни граѓани и креатори на политики. згм/мд/

фото: МИА

 

Остани поврзан