• среда, 10 април 2024

Левица: Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик не придонесува за заштита и афирмација

Левица: Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик не придонесува за заштита и афирмација

5 мај 2023 

Владата пред два дена го усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик чиј предлагач е Министерството за култура - предлог кој повторно не допридонесува за заштита и афирмација на македонскиот јазик.

Имено, се предвидува основање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик за вршење инспекциски надзор над примената на Законот, орган кој би бил во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. За споредба, Инспекторатот за албански јазик (предвиден со Законот за употребата на јазиците) е орган на Министерството за правда.

Според ова, Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус/ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.

Од овој аспект, и досега, по донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година, се забележува непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера.

Иако Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува ригорозни казни за непочитување на јазичните норми, тие не се спроведуваат во пракса.

Во овој контекст, Левица предлага донесување единствен Закон за македонскиот јазик како службен/државен јазик и другите јазици како службени на регионално и локално рамниште, во склад со Конвенцијата на ЕУ за регионални и малцински јазици.
Во момент кога преку уставни измени се случува идентитетски геноцид на Македонците и оспорување на јазикот, не смее да се дозволи донесување паушални закони, кои само површно ги регулираат суштинските аспекти на државноста.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

_________________________________________________________________________

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан